Канада од денеска стана втората земја, по Уругвај, која легализира поседување и рекреативно користење на канабис.
На Канаѓаните од денеска им е дозволено да одгледуваат, поседуваат и конзумираат канабис за рекреативни цели.
Дериватите на канабисот, како што се храна, козметика или електронски цигари со марихуана, ќе бидат дозволени од 2019 година, но канадските претприемачи веќе почнаа подготовки за да заземат место на пазарот кој ветува.
Откако либералниот премиер Џастин Трудо беше избран кон крајот на 2015 година, финансиските пазари влегоа во нов бизнис и канадските производители на канабис веќе заработуваат милијарди. Трите најголеми компании котирани на Берзата во Торонто веќе имаат акумулирано повеќе од 30 милијарди канадски долари (19,9 милијарди евра).
Легализацијата би требало да ја стимулира канадската економија и да произведе меѓу 816 милиони и 1,1 милијарда долари нови приходи во четвртиот квартал од тековната година. Во ова не е пресметан црниот пазар кој произведува една четвртина од сите „џоинти“ испушени во Канада, покажуваат податоците на Канадското статистичко биро.
Статистичкото биро проценува дека 5,4 милиони Канаѓани, или 15 проценти од населението, до крајот на 2018 година ќе купуваат канабис во овластени продавници.