вто. Дек 10th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Џафери се сретна со претседателот на Шангајскиот комитет на Кинескиот народен политички консултативен совет

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери кој ја предводи Делегацијата во чиј состав се потпретседателот Горан Мисовски, координаторите на пратеничките групи: на СДСМ г. Јован Митрески, на ДУИ г. Ејуп Алими, на ВМРО-ДПМНЕ г. Никола Мицевски, претседателот на Пратеничката група за соработка со Народна Република Кина, г-ѓа Владанка Авировиќ и генералниот секретар на Собранието на Република Северна Македонија, г-ѓа Цветанка Иванова, во официјална посета на Народна Република Кина, денес во Шангај оствари средба со г. Донг Јунху, претседател на Шангајскиот комитет на Кинескиот народен политички консултативен совет. Клучните функции на Советот вклучуваат консултации за фундаменталните политики и принципи на национално и локално ниво за најважните прашања од политичкиот, економскиот, културниот и социјалниот живот, во процесот на донесување на законите и следење на нивната имплементација.

Претседателот Донг истакна дека, иако географски оддалечени, двете држави негуваат одлични билатерални односи и остваруваат соработка во различни области. Тој подетално ги запозна гостите со развојот на Шангај и со неговата улога на лидер во земјата по реформите и иновациите и изрази подготвеност за споделување на сите искуства и добри практики. Во однос на одржувањето на ЕКСПО за извоз и увоз кој до крајот на годината треба да се одржи во Шангај, г. Донг истакна дека би сакал и Република Северна Македонија да учествува и да ги претстави своите производи и услуги на светскиот саем.

Претседателот Џафери изрази задоволство што односите меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување а фактот што официјалната посета на НР Кина започнува во Шангај, го оцени како своевидно охрабрување за продлабочување на економската соработка меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина. Тој нагласи дека, парламентите, владите и 0другите институции треба постојано да вложуваат напори за создавање на широка рамка на билатерални спогодби кои создаваат поволни услови за соработка во повеќе области.

Запознавајќи ги домаќините со актуелните случувања на домашната политичка сцена како и со надворешно политичките стратешки определби на државата, претседателот изрази надеж дека до крајот на годината Република Северна Македонија ќе стане 30 земја членка на НАТО и дека до крајот на месецот ќе добие датум за почеток на преговори со Европската Унија.  Двајцата соговорници изразија уверување дека добрите политички односи ќе бидат добра основа за понатамошно развивање на економските односи, како на билатерално ниво така и во рамките на Процесот за соработка 17+1 на НР Кина и земјите од Источна и Централна Европа.

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија имаше можност да го посети и Центарот за урбано планирање на градот Шангај, кој има население од 24 милиони жители и се протега на површина од 660 километри квадратни а својот најголем развој го доживува во последните 20 години. Беше претставено и функционирањето на локалните центри и начинот на кој се решаваат урбаните проблеми, а кој како модел се применува и во останатите градови во НР Кина.

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com