И по 56 години од катастрофалниот скопски земјотрес сѐ уште се свежи сеќавањата на старите скопјани. Велат болката по загубените семејства е голема. Иако поминал повеќе од половина век, раскажуваат за разурнатите домови и објекти кои како кули од карти згаснувале пред нивните очи.
„Беше мугра. Одеднаш се слушна силно мјаукање на мачки, лаеж на кучиња, а страотни крикови на животни се слушаа дури и од Зоолошката градина. Јата птици во хаотичен лет одлетаа од покривите…На улицата се појави наезда на стаорци кои бегаа од подрумите на сите страни. Веднаш потоа завладеа страшна, злокобна тишина. А по неа, силен татнеж. Облак од густ прав ја покри улицата. Кога правот се сталожи, видов дека се е претворено во пепел.”
Ова е само едно од многуте сведоштва за утрото на 26-ти јули 1963-та година, кога земјотрес со јачина од 9 степени според меркалиевата скала во 5 часот и 17 минути го разбуди и го разруши Скопје. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 150.000 квадратни километри, најсилно низ долината на реката Вардар (5-6 степени), но и низ цела Македонија (4-5 степени), па и во соседните држави. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1070 негови граѓани, а биле повредени над 4000 граѓани. Штетата од земјотресот е проценета на 15% од БДП-то на цела Југославија за таа година или во денешна вредност помеѓу 3 и 5 милијарди долари, односно повеќе од целиот годишен буџет на Република Македонија. Апаратите до крајот на денот регистрираа 122 потреси, а уште 411 до крајот на годината. Земјотресот траел 20 секунди.