Откако Специјалното јавно обвинителство се појави на сцената во Македонија, сите погледи се насочени кон обвинетите во низата случаи кои беа процесирани. Јавноста е замаена од прашањата „Кога Груевски ќе оди во затвор“, „Дали во Шутка ќе влезе Мијалков“, „Како ќе одговара Јанкуловска“, „Што ќе се случи на наредното судење за прислушкувањето?“. Но, истовремено, овие прашања ги изморија сите. Интересот опаѓа, што е нормално, бидејќи секојдневните новини од сите судења не носат ништо ново. Освен судењата, ништо ново не донесе и Зоран Заев заедно со СДСМ, кој година и половина седи на „Илинденска“ во барокната Влада.
За време на Шарената револуција сите беа одлучни дека правда мора да има. Тоа стои и сега. Но, никој не очекуваше дека револуционерите ќе станат административци, но се случува. Секој од нас се бореше за подобро утре, бидејќи криминалот, немањето пари, отселувањето, корупцијата и непотизмот, партиските вработувања ги убиваше надежите за успех во оваа држава. Денес, само правдата доаѓа, но само делумно. Во секој дел од оваа колумна ќе има по едно „но“, што навистина не ветува многу. Кога Американец во реченица ќе употреби „но“, значи дека колку и да биде силни фактите кажани претходно, истите веќе не важат. Од успеси во правдата има само еден предмет и тоа е „Тенк“, кој е завршен, а тотално небитен. Одењето на Груевски во затвор за некого е успех, за мене, тотален неуспех. Да не заборавиме одењето на Груевски во Шутка нема да донесе подобар живот, ниту стандарди.
Година и половина посветени на Европска унија и НАТО. Пеки, да. Треба. Но во Владата има илјадници лица кои се вработени. Зар никој од нив нема време за проблемите на обичните смртници? Зар сите работат на ЕУ и НАТО. Некако, преку глава им е на сите од законите кои се прават на хартија, а не функционираат. Како оваа Влада сака прогрес, кога додека поскапува лебот, платата стагнира или опаѓа? Македонија се задолжува. И во континуитет причината е ВМРО-ДПМНЕ кои ја задолжиле земјата. Сите што седите на Илинденска, запамтете дека никого не го интересираат вашите изговори, туку животниот стандард кој е прелош, најлош.
Ефтините памфлети за подобар живот се само обичен лист хартија. Тоа се покажа во изминатиот период. Брда и долини ветувавте, ништо не направивте. Ама ништо. Седнете и запрашајте се дали имате реализирано барем 10 проценти од ветувањата. Тогаш ќе сфатите зошто народот ви е разочаран. Ниту часовникот на Триумфална не ви функционира, па што останува за другото. На „Гоогле“ најечсто пребарување е „Како да најдам работа во Германија“, а на улиците се коментира дека подобар живот има во соседна Србија или Бугарија. Јас, на ваше место, би се засрамил.
Функционирањето ви наликува на она од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи и вие ја наполнивте администрацијата со партиски кадри. Секој ден, гледаме нови огласи. Болно и жално. Секој ден на „Фејсбук“ имаме по еден пријател кој претходно објавувал слики од партиски митинзи, а денес објавува дека вработен во министерство, општина, Влада, Собрание и слично. Можеби најпаметното нешто што Груевски го напишал во изминативе години е „Во затвор се влегува и излегува, на власт се доаѓа и се оди“. Нека искуството на ексраководството на оваа држава, биде поука за вас.
Бидете малку сериозни. Сите се крајно разочарани од вас. Во секое поле. Ова го пишувам врз основа на она што гласно се коментира во кафеаните, кафичите, улиците, булеварите. Она што е факт. Ако вака продолжите, следните избори за вас ќе бидат фатални. Тогаш.. Е тогаш нема плачење. По Шарената револуција сите се свесни што се случува. И да, ова не го пишува ни вмровец, ни сдсмовец, туку некој на кого стварно му е смачено од дворските игри на секоја Влада која застанала да води држава. А ја води во пропаст.
Отворено писмо испратено до „Скопје 1“.