Актуелно

Германците очајни: Нудат почетна плата 2.800 евра и бонус до 9.000 евра за работа како негувател

Недостатокот на квалификувана работна сила ги присили германските работодавци на крајно екстремни мерки! Здружението на болници во Берлин “Вивантес“ одлучи на негувателите да им понуди премија во висина од 9.000 евра, пишува вработување.ком.мк

Како што пренесува Билд, таа сума се нуди за работа во болницата “Спандау“, а веста за оваа невообичаена понуда беше објавена на постери низ целиот Берлин.

Од Здружението на својата официјална веб страна објаснија и како ќе се распредели горенаведената премија.

Имено, негувателите-почетници кои работат во секторот за општа здравствена заштита ќе добијат по 3.000 евра. 5.000 евра ќе добијат тие со двегодишно работно искуство, а доколку се одлучат за дополнително доусовршување во единиците за интензивна нега, и двете групи ќе добијат бонус од 9.000 евра.

Според информациите од “Вивантес“, почетната плата за работа како негувател е 2.800 евра (не е појаснето дали износот е нето или бруто) и предвиден е годишен одмор од 38 дена.

За да се заштитат од луѓе кои би се вработиле само за да ја земат премијата и потоа да дадат отказ, “Вивантес“ сумата ќе ја исплаќа на рати, односно по одредена сума секој месец. Тие планираат да го исплатат целиот бонус помеѓу 6, 12 и 18 месеци.

Одтаму велат велат дека никогаш порано не исплатиле толку висока премија и дека ова е посебна мерка затоа што итно им се потребни медицински кадри.

На почеток