Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска заедно со министерот без ресор, задолжен за дијаспора,Едмонд Адеми извршија обиколка и увид на отпочнувањето на санацијата на колекторскиот систем за Охридско Езеро.
На настанот беа присутни и директори на јавни претпријатија, директорот на ЈП Колекторски систем Владимир Алексијоски и претставници на компаниите „Инд Еко“ и „Еко Тим“.
„Денеска, после неполна година подготовки и барање најдобри решенија и финансиски средства за реализација, започнуваат работите на чистење и реконструкција на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион од наслагите и корењата од дрвјата и санација на цевководот на колекторот. Дополнително ќе се поправат или ќе бидат заменети сите редуктори на сите 18 препумпни станици, ќе се санира целиот систем за прочистување на отпадните води во пречистителната станица и ќе се изврши комплетно чистење на атмосферската и канализационата мрежа во должина од околу 300 километри во Охрид и Струга“, рече премиерот Заев во врска со санацијата на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион, за кој се обезбедени 4,2 милиони евра од Буџетот.
Премиерот Заев истакна дека овој значаен и сериозен зафат се презема поради несеопфатната реализација и негрижата за одржувањето на системот за прочистување на отпадните води создадоа сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување, иако како што подвлече сознанијата за последиците биле познати изминатите години.
„Во наредните 5 месеци, ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување. Охридското езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите скапоцености, и тоа оваа Влада ќе го докаже“, подвлече претседателот на Владата.
„Во моментов имам две сосема спротивни чувства. Од една страна чувствувам огромна гордост што Владата чиј дел сум и јас одвои средства за целосна санација на колекторскиот систем, средства кои ќе ја вратат бистрината на ова прекрасно езеро и ќе го заштитат од понатамошно загадување, ќе овозможат многу подобро зачувување на живиот свет во езерото. Нашата земја има ограничени ресурси, но секогаш мора да има доволно за заштита на нашите национални богатства, било да се природни или културни богатства“, истакна министерот Адеми.
Директорот на ЈП „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски во своето обраќање изрази јавна благодарност и почит на покојниот градоначалник проф. д-р Јован Стојаноски заради, како што нагласи неговите заложби, замисла, желба и посветеност за остварувањето заедничката цел, грижата за Охридското Езеро да биде во сигурните раце на државата. Тој на денешниот настан изрази и благодарност до Владата за покажувањето разбирање и интерес за решавањето на проблемот со Колекторскиот систем сместувајќи го во најважните приоритети, и им додели благодарници на премиерот Заев, генералниот секретар на Владата, Драги Рашкоски, советникот на премиерот, Дејан Николоски и адвокатот Христина Стојановиќ.
Претставниците на компанијата „Еко Тим“ ДОО Скопје ги образложија техничките податоци и постапки околу процесот на санација на колекторскиотсистемзаОхридскоЕзеро.
фото и видео : Влада