Македонија

Охрид се подготвува за големиот христијански празник „Богојавление – Водици“

Охрид подготвен за најмасовната верска манифестација што се одржува во градот, за „Богојавление – Водици“.

Градоначалникот Константин Георгиески на денешната прес-конференција истакна дека во духот на православието и традицијата, со Божја помош Охрид и оваа година ќе биде центарот на одбележувањето на големиот празник Водици.

-Оваа манифестација е од исклучително значење за нашиот град и вистинска радост за охриѓани, за нашите гости и за целиот православен свет, па затоа и годинава максимално сме посветени на целокупните подготовки и внимателно ги планираме сите детали. Дополнителна причина за посветен ангажман и беспрекорна организација е и тоа што годинава одбележуваме јубилеј- 30 години од првата масовна организација на овој празник на охридското градско пристаниште. Оваа можност ја користам да искажам голема благодарност до сите охриѓани кои се вклучени во планирањето и организацијата на овие празнични денови. Упатувам благодарност до Дебарско-кичевската епархија, сите институции и поединци кои даваат свој придонес и годинава да имаме еден величествен ден и еден народен собир кој ќе биде достен на значењето и вредностите на овој голем празник, истакна градоначалникот Константин Георгиески, на денешната прес конференција, на која беа изнесени детали за чествувањето на празникот и целокупната организација.

Георгиески потенцираше дека и годинава организацијата ќе биде составен од два дела, првиот – верскиот , кој е согласно православните начела го спроведува Дебарско-кичевската епархија, додека вториот граѓанскиот го координира Општина Охрид, а се однесува на целокушната организација на настанот со пропратната програма.

– Со оглед на тоа што празникот е во викенд, очекуваме голем број гости од земјата и странство, со исполнетост на сместувачките капацитети. Со цел да ги поддржат Богојавленските чествувања и да придонесат за поголем број гости, охридските хотели и годинава нудат сместување по симболична цена од 15 евра на ден во периодот од 16 до 20 јануари, рече Георгиески.

На Водопос 18 јануари или ден пред „Богојавление“,  Општина Охрид организира голем концерт на балканската музичка ѕвезда Петар Грашо, во 20 часот на Градскиот плоштад.

Како и секој година така и оваа празнувањето продолжува на 20 јануари на празникот Свети Јован Крстител или „Денот на рибарите“,   кога на Сараиште се се капат рибарите, а на кејот се приготвува рибна чорба во голем казан, што бесплатно ќе се послужува на гостите.

На овој ден задолжен за забавата на гостите на плоштадот ќе биде македонската фолк-ѕвезда Миле Кузманоски.

во сите парохиски цркви на 19 јануари од 7 часот ќе се служат утрински богослужби, додека централната архиерејска литургија ќе се одржува во „Света Богородица – Каменско“ од 8:45 часот. Од 9:45 часот литијата ќе се упати кон Градското пристаниште, каде во 10 часот ќе се изврши Големиот богојавленски водосвет и ќе биде положен чесниот и животворен крст во осветените води на Охриското Езеро. Пријавувањето на сите верници што планираат да влезат во езерските води ќе се врши во сите цркви на епархијата од 16 јануари, а за сите нив се обезбедени пригодни флаери со информации, како и маици.

Во подготовка на теренот каде ќе се осветува Езерото се вклучени сите. Имено екипи на Јавните претпијатија ќе го исчистат кејот, а нуркачите од Клубот за подводни активности „Амфора“ ќе го исчистат дното на Езерото.

За безбедноста на капачите кои ќе скокаат по Светиот крст ќе се грижат четири екипи спасители на вода со два чамца, три нуркачки екипи и осум медицински екипи распоредни долж брегот и на Градското пристаниште.

Во однос на техничката подготовка и логистика во текот на организацијата на двата празнични денови предвидени се низа активности за чистење и уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро, соодветно украсување на градот и активности кои се поврзани со безбедноста на капачите и посетителите.

фото: Архива

На почеток