Силниот ветер кој го зафати Скопје направи големи оштетувања низ градот.
20-тина пожари, искинати електрични кабли, паднати дрвја, однесени лимени покриви и зголемена концентрација на прашина во воздухот што доведе до неколкукратно зголемување на загадувањето е билансот од вчерашниот ветер. Паднатите дрвја направија штета врз неколку автомобили, но дали градот ја покрива штетата не се знае.
Градоначалникот Шилегов рече дека има правила кои треба да се разгледаат, а граѓаните доколку се оштетени треба да поведат соодветна постапка пред градот или пред осигурителните компании во кои се осигурани.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, прашан за тоа како резултат на што се појави таа прашина, тој рече дека е од неисчистени споредни улици кои се под надлежност на општината, како и од запуштени приватни земјишта кои продуцираат прашина и несоодветно одржувани градилишта. Тој рече дека очекува заедно со општините да разработат нов систем на градот, бидејќи обврска на градот е одржување на хигиената на главните сообраќајници, а општините на споредните, но општините немаат ниту доволно средства, ниту механизација за тоа.