Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски стравува дека со најавените уставни измени, покрај менувањето на името, ќе дојде и до редефинирање на државата со што Македонија ќе стане бинационална творба.
– Знаете ли што во овој момент е вистински важно, покрај договорот со Грција и референдумот? Тоа се уставните амандмани кои власта ги наметнува, но ги крие од јавноста, и јас би бил навистина среќен кога медиумите повеќе би се позанимавале со нивната содржина, бидејќи таму се крие пандорина кутија не само на промена на Уставот со цел преименување, туку и редефинирање на државата. Треба Заев и власта да одговорат дали има нешто плус што се крие во нив и дали практично власта ќе ги чести соседите со нешто дополнително што сега не го соопштува. Бидејќи станува збор за Уставот, еве нека кажат дали можеби ќе има и некоја дополнителна измена која ќе биде исполнување на уште некое барање кон втората по големина заедница во пресрет на претседателските избори во државата. Дали покрај менување на името следува редефинирање на државата во бинационална творба, вели Мицкоски во интервјуто дадено за Независен.