Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески и претседателот на кошаркарската федерација на Република Северна Македонија, Перо Антиќ на денешната средба изразија голема благодарност до групата ентузијасти за формирањето на градскиот кошаркарски клуб Охрид и се обврзаа за обезбедување на помош за непречено функционирање на клубот.
Претседателот на КФСМ, Антиќ истакна дека е задоволен што постојат ентузијасти кои се борат да ја продолжат кошаркарската приказна во градот и што му овозможуваат на охриѓани повеќе спортски доживувања.
Градоначалникот Константин Георгиески, како голем љубител на спортот не себично ја истакна својата поддршка кон новоформираниот клуб и се обврза во скоро време да им обезбеди и финансиска помош.
Претставниците на клубот информираа дека ќе се посветат максимално со работа во младинските категории и охридските кошаркарски таленти, и чекор по чекор да одат напред и од наредна година да се натпреваруваат во прва лига.