Денеска се одбележуваат осум години од полицискиот упад во А1 Телевизија, најголемата приватна телевизија во Македонија. По полицискиот упад кој медиумот го емитувше во живо започна процесот на затворање на телевизијата кој траеше 7 месеци.
„А1 Телевизија е под полициска опсада. Полициски возила и џипови, доцна попладнево ја блокираа телевизијата. Сите новинари на А1 и снимателите, се оневозможени да работат и забранета им е слободата на движење. Припадниците на полицијата се сеуште пред вратата на А1 Телевизија. Останете со нас вечерва …“ – известуваше таа вечер на 25 ноември 2010-та година, најгледаната телевизија пред осум години во земјава.
По еден месец од упадот, сопственикот на телевизијата Велија Рамковски беше затворен заедно со неговите најблиски соработници, а новинарите претрпеа огромен притисок во нивната работа.
А1 телевизија од самото основање, па се до затварањето воведе еден нов пристап и начин на работа на електорнските медиуми во земјава, особено со информативната програма. Медиумот ќе остане запаметен по промоцијата и во заштитата на човековите права, во поддршка на ненасилно разрешување на конфликтите, особено на конфликтот во Македонија во 2001 година, во воспоставување на фер и демократски изборни процеси.
Објектот од зтворената и потполно уништена телевизија сопственикот го посети по седум години, поточно за прв пат по инцидентите повторно стапна во зградата на овој датум минатата година.