Свет

Украина и Русија пред воен конфликт?

Откако Русија заплени три украински брода, тензиите меѓу Москва и Киев растат. Украинската војска е ставена во состојба на целосна борбена готовност. ЕУ и НАТО повикаа на воздржаност.

Украинската морнарица соопшти дека Русија отворила оган и запленила три од нејзините бродови крај брегот на анектираниот Крим, што се толкува како голема ескалација на тензиите.

Таа соопшти дека по голема брканица, руските специјални сили заробиле две топовници и еден реморкер. Два члена на украинскиот екипаж се повредени.
Од официјална Москва сè уште нема коментар за овие тврдења.
Наредбата за ставање на украинската армија во полна борбена готовност е издадена по седницата на националниот Совет за безбедност, кој предложил воведување воена состојба, соопшти Министерството за одбрана утрово во Киев. Денеска попладне за тоа треба да се изјасни и украинскиот парламент. Инцидентот се случи вчера во теснецот Керч, кој се наоѓа меѓу Крим и Русија, а кој го поврзува Црното Море со Азовско Море. Руската морнарица со оружје спречила поминување на три украински брода, а подоцна ги запленила, при што неколкумина морнари се повредени. Бродовите биле запрени поради повредување на поморската граница и навлегување во руските територијални води, каде спроведувале нелегални активности, соопшти руската тајна служба ФСБ, а подоцна тие се пренесени во пристаништето Керч. Станува збор за два помали борбени брода и еден шлепер. Во меѓувреме, како што јавуваат руски медиуми, Русија повторно го отворила за сообраќај морскиот теснец Керч пред полуостровот Крим, кој беше затворен вчера со образложение дека тоа се прави од безбедносни причини.

Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич во меѓувреме ги повика конфликтните страни на најголема можна воздржаност во постапките и итно деескалирање на ситуацијата. И НАТО исто така повика на разум и деескалација, а до Русија упати апел да овозможи непречен премин до украинските пристаништа во Азовско Море, во согласност со меѓународното право.

Протест има и пред руската амбасада во Киев, при што било запалено дипломатско возило.

 

На почеток