Скопје

Макрадули за Дојче Веле: Загадувањето во 2015. однело 1.469 животни години

Заменикот-министер за животна средина Јани Макрадули, за  Дојче Веле  вели дека веста која проструи низ македонските медиуми се темели на извештај на Европската агенција за животна средина кој содржи податоци од 2015 и 2016 година.,

 

Македонија е најзагадена земја во Европа, јавуваат денеска македонските медиуми повикувајќи се на информација објавена од „Јуроњуз“ во која се цитира извештајот на Европската агенција за животна средина .  Според тие податоци, Македонија навистина била најзагадена земја на стариот континент но во периодот 2015-2016 година, од кои се земени податоците. Што сепак не значи дека денес состојбата е многу подобра.

Извештајот на Европската агенција констатира дека Македонија; заедно со Косово, Србија, Бугарија и Унгарија, има највисока стапка на смртност на 100 илјади жители како резултат на загадувањето со ПМ2,5 честички. Во Македонија стапката на смртност во 2015 година изнесувала, на европско ниво, убедливо највисоки 28,7 на 100 илјади граѓани. За споредба, стапката на ниво на ЕУ членките е 13,9. Според статистиките на ЕУ, тоа значи дека во Македонија биле загубени 1.469 животни години поради загаденоста во 2015.

Каква е состојбата денес? Заменикот-министер за животна средина Јани Макрадули за Дојче Веле тврди дека е подобрена, иако има уште многу работа.

„Се работи за податоци од стар извештај. Во меѓувреме има намалување на загадувањето според нашите мерни станици, а тоа намалување се должи на зголеменото чистење и зачестените инспекции“.

Макрадули потсетува дека владата минатата недела донела стратешка програма „План за чист воздух“ и дека борбата против загадувањето за првпат се воведува како стратешки приоритет.
Во програмата и владата признава дека  Македонија е најлошо рангирана меѓу сите европски држави, со најзагаден воздух во градовите.

Со планот се предвидува намалување на загадувањето во Скопје за 50 проценти до 2020 година, а во другите градови за 30 до 50 проценти.

Состојбата во главниот град е критична речиси, преку целата година. Макрадули вели дека во моментов, покачените вредности кои ги покажуваат трите мерни станици во Скопје- Центар, Карпош и Ректорат- се резултат на градежни активности во тие делови од градот и на несоодветниот третман на градежниот отпад.

Засега, греењето во домаќинствата има ниско учество во загадувањето со ПМ честичките, со исклучок на Лисиче, додека транспортот учествува со само 4 отсто во загадувањето на воздухот со ПМ честички во Скопје.

 

Извор: Дојче Веле

 

 

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток