Скопје1.мк

Skopje_-_Ministry_of_Foreign_Affairs_of_Macedonia

МНР ги демантира тврдењата на Русија дека мнозинството во македонскиот парламент е обезбедено со уцени и закани од САД

Министерството за надворешни работи на Република Македонија категорично ги отфрла вчерашните наводи и квалификации изнесени во коментарот на Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација во врска со изгласување на предлогот за пристапување кон измени на Уставот во Собранието на Република Македонија.„Министерството за надворешни работи на Република Македонија ги смета наводите во коментарот како целосно неосновани и невистинити, изнесени со јасна тенденција да се компромитира политичкиот процес од историско значење за Република Македонија и за сите нејзини граѓани. Пратениците во Собранието на Република Македонија, со целосно почитување на сите демократски принципи и предвидената парламентарна процедура, донесоа одлука која ги рефлектира децениските заложби на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската унија, како стратешки приоритети за кои постои најширок можен општествен консензус, а што добро им е познато и на нашите руски пријатели“ се наведува во реакцијата на МНР.Од Министерството за надворешни работи потенцираат дека, останувајќи посветена на евро-атлантската интеграција, Република Македонија и во иднина ќе се залага за развивање и унапредување на односите и со Руската Федерација, врз основа на традицоналното пријателство на нашите народи, како и меѓусебното почитување и уважување на правото на самостоен и слободен избор на сопствената иднина.

Македонија | пред 7 години

32308868_363326000853869_4210125723215593472_n

ГДУ: Денот на Македонската Револуционерна Борба е потсетник за еден сон

„Денот на Македонската Револуционерна Борба е потсетник за еден сон, сон кој го гледаме безмалку на секоја стара фотографија во нашите домови, сон упорно сонуван од генерации пред нас. Имаме обврска да си спомнеме за тие сонувачи, за знајните и незнајните кои упорно, со генерации веруваа во слободата, во правдата, во Независна Македонија.Посакувам и ние денеска со истиот жар да веруваме во слободата, да се бориме за правдата и да ја сакаме Независна Македонија. Посакувам да ја имаме таа енергија која секому од нас му дава сила да ги води своите борби. Ви посакувам секогаш да победувате во борбите,да го совладувате секој предизвик во животот и нека ни е честит Денот на Македонската Револуционерна Борба“, се вели во соопштението на Петар Колев, претседател на Граѓанско Демократска Унија.

Македонија | пред 7 години

IMG_2824

(ВИДЕО) Владина делегација положи цвеќе во чест на 23 Октомври

Делегација на Владата на Република Македонија предводена од министерот задолжен за подобрување на инвестициска клима за домашните компании, Зоран Шапуриќ, во чест на празникот „Ден на македонската револуционерна борба – 23 октомври”, положи венец со свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот Парк во Скопје.Во составот на Владината делегација беа и Националниот координатор во Владата на Република Македонија за здруженијата на бранители, Стојанче Ангелов и Драган Василевски, советник за одбрана на Премиерот на Владата на Република Македонија.Во честитката до граѓаните, министерот Шапуриќ подвлече дека „Денот на македонската револуционерна борба – 23 октомври“ нè обврзува заеднички да ги водиме нашите идни битки – за мир, за стабилност, за подобар живот во Македонија.Истакнувајќи ја храброста на нашите револуционери, на кои денес им се поклонуваме и ги чествуваме, министерот подвлече дека македонскиот народ низ историјата секогаш бил определен кон западно-европските цивилизациски вредности и порача дека наша должност е да продолжиме по тој пат, патот кон НАТО и ЕУ.Во чест на 23 Октомври – Денот на националната борба, денот кога во 1893-та година во Солун беше основана Македонската револуционерна организација (МРО), на споменикот на Гоце Делчев, симболот на македонската револуционерна борба, положија цвеќе и делегации на Собранието на Република Македонија, на Претседателот на РМ, на АРМ, на Сојузот на борците на РМ, како и претставници на МАНУ, на УКИМ, на политичките партии и на дипломатскиот кор во земјата.

Македонија | пред 7 години

Нема фотографија

Делегација на ДОМ положи цвеќе по повод 23 Октомври

По повод државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, делегација на ДОМ во состав Љупчо Јаневски директор на Агенцијата за подршка и развој на туризмот, Слаѓана Стаменкова Томиќ претседателка на Комисијата за животна средина и Анета Поповска од општинската организација на Тетово, положија свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

Македонија | пред 7 години

b9834986-resize-820x0x100

ВМРО-Народна го честиташе 23 Октомври

ВМРО-Народна партија упатува честитка до целата нација по повод празникот Денот на Македонската револуционерна борба и 125 години постоење на ВМРО.„Овој историски ден всушност ја отсликува непрекинатата борба на Македонскиот народ која пренесена во континуитет продолжува и денеска со стремежот за економско воздигнување, унапредување на човековите права, благосостојба но и зачувување на ова парче земја односно стремежот за безбеден и сигурен живот во Македонија.Со остварувањето на вековниот сон кој како дел од Уставот на македонските револуционери, Македонија – независна и суверена држава, се остваруваат и идеалите на нашите предци, но и идеалот на новите генерации, да ја видат Македонија како дел од големото Европско семејство и НАТО алијансата. Нека е за многу години и нека е вечна организацијата!“ се наведува во честитката.

Македонија | пред 7 години

mijalkov-1

Член на ВМРО-ДПМНЕ: Немаше странски служби, прислушуваше Мијалков

Член на ЦК на ВМРО ДПМНЕ за НОВА изјави дека “немало никакви странски служби, не прислушуваше Мијалков”.На вчерашната седница на ЦК на ВМРО ДПМНЕ најдраматичен момент, според извори на НОВА, била иницијативата за предлогот ОК да го исклучи од членство во партијата Сашо Мијалков. Иницијативата ја поднел потпретседателот на партијата Александар Николовски кој истапил со став дека партијата мора да расчисти со “материјалистите” за да се врати на идеалите на партијата а со тоа да им се овозможи и делување на “идеалистите”, вели член на ЦК на ВМРО ДПМНЕ кој побара анонимност.Николовски, според истиот извор, во своето излагање по иницијативата навел повеќе информации околу тоа како Мијалков профитирал финансиски благодарејќи на привилегиите кои му ги овозможила партијата. Николовски навел дека партијата за негови лични интереси десетици пати гласала за промена на закони кои биле единствено во служба на задоволување на лукративните интереси на Мијалков.На нашето прашање околу ставот на ЦК на ВМРО ДПМНЕ за улогата на Груевски за сите обвинувања на сметка на Мијалков, нашиот извор нагласи дека во врска со тоа ќе се произнесат наскоро.Николовски во своето излагање исто така нагласил дека партијата претрпела огромни штети поради тоа што, како што рекол Николовски, Мијалков а не странски служби, го вршеле прислушувањето при што најголем дел од прислушуваните се членови на ВМРО ДПМНЕ. Николовски во своето обраќање исто така го обвинил Мијалков дека тој физички му се заканувал на пратеникот Муковски за да го принуди да гласа за поддршка на уставните измени.Иницијативата на потпретседателот Николовски била прифатена едногласно. Што се однесува до исклучувањето на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров тој, како што велат нашите извори од ЦК на ВМРО ДПМНЕ, бил обвинет за непринципиелна соработка со политичките противници.

Македонија | пред 7 години

Zoran-Zaev-1-by-SDSM-4x3

Заев: Учиме од историјата, чекориме силно и храбро кон иднината

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, им го честита на граѓаните празникот „Ден на македонската револуционерна борба – 23 октомври“, со порака сите идни предизвици – за мир, стабилност, подобар живот во Македонија, да ги водиме заеднички.„Храброста на дејците на македонската револуционерна борба, на кои денес им се поклонуваме и ги чествуваме, е мотивот кој не води секој ден на патот Република Македонија да ја исправиме пред светот како достоинствена во нејзиното единство и во остварувањето на државните цели. Учиме од историјата – чекориме силно и храбро кон иднината. Пруживме рака за помирување со сите наши соседи. Да си пружиме рака и дома како вредност која е одлика на големи народи и нации“, пишува во честитката на премиерот Заев, во која уште упатува повик да чекориме цврсто и одлучно кон европското семејство заедно, затоа што изолација никогаш не носи ништо добро.„Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признаена од сите, како што се стремеа и основоположниците на македонската револуционерна борба, и држава на која ќе бидеме горди, вложувајќи се себеси, како што се вложуваа плејадата учесници во создавањето на нашата државност“, се вели во честитката на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев повод празникот „Ден на македонската револуционерна борба – 23 октомври“.

Македонија | пред 7 години

dzaferi-vo-cheska-so-princot-karel-shvarcenberg

Џафери се сретна со принцот Карел Шварценберг

Во рамките на официјалната посета на Чешката Република, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, се сретна со принцот Карел Шварценберг, заменик-претседател на Комисијата за надворешна политика. На средбата присуствуваше и Јан Липавски, заменик-претседател на Комисијата за одбрана во Домот на пратеници во Парламентот на Чешката Република и пратеници членови на Комисијата.Принцот Шварценберг го поздрави започнувањето на процесот на уставните измени. Тој истакна дека секогаш го оценувал спорот меѓу двете земји како крајно бесмислен, кој само го отежнува процесот на стабилизација на регионот. За Република Македонија тоа значеше застој од речиси три децении, време кое неповратно помина, но сегашните позитивни поместувања даваат надеж дека ќе се направи силен исчекор во евроатлантската интеграција. Чешката Република силно ги поддржува аспирациите на Република Македонија да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО, место кое природно ѝ припаѓа.Претседателот Џафери изрази голема благодарност за силната чешка поддршка и за искреното и децениско пријателство. Со изгласувањето на потребата од измена на Уставот на Република Македонија покажаа дека поголем дел од пратениците имаат висока државничка свест за стратешките државни приоритети, издигнувајќи се над партиските интереси. Поканата за членство во НАТО и добивањето датум за преговори претставуваат видливи резултати на правилна политика и јасен сигнал за натамошните активности на тој план.Претседателката на Групата за соработка на Собранието на Република Македонија со Чешкиот парламент, Јагода Шахпаска, посочи дека верува во градењето на мостови на пријателство, преку примерот на соработка меѓу парламентите на Република Македонија и Чешката Република.Пратеничката Владанка Авировиќ ги запозна домаќините со идните чекори во постапката за измена на Уставот, заедничко изнаоѓање на најсоодветни концепти за подобрување на текстот на уставните амандмани, со цел имплементација на Договорот.Беше истакнато дека особено се почитува високо професионалниот ангажман на чешките полицијаци, кои заедно со македонските полицајци патролираат на јужната граница и секојдневно спречуваат обиди за илегален влез на мигранти.Соговорниците споделија уверувања за интензивирање на билатералната меѓупарламентарна соработка, особено меѓу пратеничките групи за соработка и ресорни комисии, во функција на споделување на чешките искуства во евроатлантските интеграции.Во рамките на официјалната посетата, претседателот .Џафери оствари и протоколарни средби со Војтех Филип, заменик-спикер на Домот на пратеници на Парламентот на Чешката Република и со Милан Штех, претседател на Сенатот на Парламентот на Чешката Република, на кои беа разменети мислења за политичката состојба во двете држави и за начините за унапредување на билатералната соработка.

Македонија | пред 7 години

Нема фотографија

Двајца повредени во сообраќајка во Скопје

Две лица се тешко повредени во сообраќајна несреќа што синоќа се случила на крстосницата од улицата “Аминта Трети“ со улицата “Коста Кирков“ во Скопје.Сообраќајката се случила помеѓу “Пежо 307“ управуван од Г.Љ.(25) од Скопје и “Фолксваген Голф“ управуван од С.Ј.(29) од с.Глумово-скопско.Во незгодата со повреди се здобиле возачот С.Ј. и сопатникот од истото возило Б.С.(27) кои со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во комплекс клиники “Мајка Тереза“, каде од страна на лекар на С.Ј. му биле констатирани телесни повреди, додека на Б.С. му биле констатирани тешки телесни повреди.Од страна на увидна екипа од СВР-Скопје бил извршен увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.

Скопје | пред 7 години

soobr1

Автомобил удрил во 74-годишен тетовец

Автомобил „Рено Клио“ вчера попладнето во Тетово удрило во 74-годиешен тетовец. Возилот го управувал 44-годишниот Д.Т. од с.Сараќино.Пешакот бил пренесен во Клиничката болница во Тетово и од страна на лекар му биле констатирани тешки телесни повреди.Од страна на увидна екипа од СВР-Тетово бил извршен увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.

Македонија | пред 7 години

skolo-4

Кисела Вода ќе го плаќа обезбедувањето во училиштата

Општина Кисела Вода за првпат во сите основни училишта кои се под нејзина надлежност ги презема трошоците за физичко и патролно обезбедување на учениците и објектите. Претходно, како што информираат од општината, оваа обврска била на товар на родителите.„Преземањето на оваа обврска од страна на Општината има за цел намалување на трошоците на училиштата и искористување на средствата во други цели кои ќе овозможат подобрување на условите за учениците и вработените во истите“ се наведува во соопштението.Од таму известуваат дека локалната самоуправа по претходно спровдена постапка за јавни набавки, ја избрала Агенцијата за обезбедување „Бранител“, која, како што појаснуваат, од вчера па се до истекувањето на договорот до 31.08.2019 година ќе врши 24 часовно обезбедување на објектите.Благодетите од обезбедувањето во сите 13 училишни објекти (централни и подрачни) ќе ги уживаат вкупно 5280 ученици, како и вработените во нив. Физичкото обезбедување од понеделник до петок, во временскиот период од 07:00 – 17:00 часот ќе го врши по едно лице во објект. Додека, за време на викендите, во сабота и недела, во периодот од 00:00 -24:00 на објектите ќе се врши патролно обезбедување со минимум 10 обиколки на растојание  од минимум два часа. Покрај ова, објектите ќе бидат безбедни и во периодот на зимскиот и летниот распуст на учениците.

Скопје | пред 7 години

Нема фотографија

Тешко повреден работник кој паднал од машина „валјак“

Триесетидевет годишен работник од Гостивар е тешко повреден откако на каменоломот покрај магистралниот пат Гостивар-Маврово, при качување на работна машина „валјак“ во камион, во еден момент работната машина се навалила при што истиот паднал и се здобил со фрактура на пршлен.Тој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гостивар, а потоа и во Комплексот клиники “Мајка Тереза“. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

Македонија | пред 7 години

Нема фотографија

Николовски: Додека ВМРО-ДПМНЕ одеше во опозиција, Мијалков се грижеше за тоа како да го зголеми капиталот

Извор на порталот, кој присуствал на седницата, вели дека еден од позвучните говори го имал потпретседателот Александар Николоски кој истакнал дека потребно е да се стави крај со матното минато на партијата и луѓето кои се најодговорни за тоа.Николоски рекол дека има луѓе кои се материјалисти и идеалисти. И додека едни се бореле за идеали за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, други се бореле за зголемување на своето лично богатство, и заштита на својот капитал.-Додека ВМРО-ДПМНЕ се соочуваше со тешки моменти, одење во опозиција лица како Сашо Мијалков во исто време го зголемуваа својот капитал, добиваа удел во хотел, променуваа сопственост во земјоделски задруги, формираа компании и акции во банки. И практично се доведе во ситуација едните да се бориме да го одржиме ВМРО-ДПМНЕ на власт затоа што силно верувавме дека постојат идеали, и дека се соочуваме со зло како СДСМ и Заев а тие другите се бореа за власт само да го заштитат своето лично богатство и личен комодитет и затоа прават се сега за да себе си се заштитат вклучително и коалиции со оние против кои ВМРО-ДПМНЕ жестоко се бори, СДСМ, рекол Николоски, пренесе ЛИДЕР.Целата анализа, почитајте ја на ЛИДЕР.

Македонија | пред 7 години

gorge-ivanov

Иванов: Народот секогаш ги слави храбрите, а историјата ги мрази поткупливите

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Oктомври - Денот на Mакедонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.„Највозвишена цел на еден народ е да создаде своја држава. Само оние народи кои формирале своја држава ја реализирале слободата со тоа што станале самодоволни. 23 Октомври 1893 година е клучен момент во македонската револуционерна борба за остварување на таа возвишена цел. Пред точно 125 години неколкумина храбри Македонци го формираа Македонскиот револуционерен комитет кој на народот му даде надеж дека со свои сопствени сили може да биде свој на своето. Неброени македонски патриоти ги положија своите животи за остварување на овој идеал.Денес, нивниот сон за слободна и независна Македонија е реалност. Но, слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Затоа, обврска на нашата генерација е да не дозволиме нашата слободна и независна држава Република Македонија да биде обезличена.Во речиси сите одлучувачки моменти од нашата историја, народот носел мудра одлука. Така беше и овој пат. На референдумот одржан на 30 септември народот со негласање јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На референдумот народот ја изрази својата суверена волја и недвосмислено го отфрли Договорот од Преспа. Собранието на Република Македонија тоа мораше да го земе предвид, но мнозинството народни избраници постапија спротивно на волјата на народот.Потребна е храброст за да се истрае во остварувањето на правото на самоопределување и зачувување на суверенитетот и независноста на државата. Храброст што им овозможи на македонските револуционери и борци да го остварат својот сон.Народот секогаш ги слави храбрите, а историјата ги презира страшливите и поткупливите. Без почит кон минатото, без свој идентитет и самосвест ниту има просперитетна сегашност, ниту ќе има подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, тука, во Република Македонија.Затоа, да не ја губиме надежта и љубовта кон Република Македонија, бидејќи само како суверена и независна држава таа ќе биде заштитник на нашата слобода и нашето човечко достоинство.Нека ни е за многу години Денот на македонската револуционерна борба.Да живее Република Македонија!

Македонија | пред 7 години

dsc_1182

Чингоски: Доцна стигна исклучувањето на обвинети за криминал во ВМРО ДПМНЕ

По исклучувањето на Сашо Мијалков од ВМРО ДПМНЕ и прес конфернецијата на која во име на партијата Потпретседателот Александар Николоски јавно јачестита, како што рече „ новата криминална коалиција на Заев и Мијалков“ познатиот охридски адвокат, аналитичар и еден од основачите на СДСМ во Охрид, Владо Чингоски ( кој е познат критичар пред се на СДСМ ) за „Скопје1“ анализира дека ВМРО ДПМНЕ одамна требало да ги отстрани  и јавно да се дистанцира од функционерите кои се обвинети за тешки криминални дела. Чингоски вели дека најавите за помирување не треба да се претворат во општа аменстија на криминалот.Интегрално анализата на Чингоски.Секакви анализи на политичката ситуација во РМ е не благодарна и однапред е осудена на грешна проценка од страна на аналичаторот.1. Погрешна проценка на нивната позиција по прашањето на потпишувањето на Преспанскиот договор ( спогодба) и неговата имплементација.2. Потценување на меѓународниот фактор и неговата улога во менаџирањето на овој процес.3. Погрешна проценка на последиците од обвинетите, не само пратеници, туку и други високи поранешни но и актуелни функционери на ДПМНЕ од страна на СЈО и заканите со долгогодишни казни4. Начинот на автократско раководење со партијата ( и не само во ДПМНЕ тоа е случај со сите партии во РМ) и немање на партиска одговорност за погрешните одлуки и префрлање на одговорноста на други, како и забраната за фракциско делување во самата партија.Сето тоа доведува до вакви решенија, одлуки кои се огледаат во исклучување на партиски членови и префрлање на вина, но никако до решавање на партиските, а преку нив и државните прашања. Со еден збор, Македонија заради лични, тесно партиски интереси, зачинети со квази руралниот патриотизам, кој се потпира само на патриотски песни и лични интереси е доведовме во ситуација, која можеби е потешка од 1991 и 2001 година.Не е битно и прашањето на успешноста на референдумот, нити идентитетот, јазикот, битно е кој го решава проблемот и кој ќе ја носи славата и бенифитите од решението. ДПМНЕ ја испушти можноста, не дека не сакаа ваков договор, туку калкулациите беа дека само тие можат да го решат и во време кога тие сакаат.Но времето им истече и ова прашање мора да се затвори. Друго прашање е дали воопшто треба да се решава еден ваков апсурден проблем кој го наметна Грција. Но каде има сила нема правдина. А факт е дека нашата сила евидентно е помала не само од Грција, туку од целото опкружување. Тоа што сме во право, е само наша сатисфакција. За другите страни, тоа не значи ништо.Да се вратам на одлуките на ИК на ВМРО ДПМНЕ, исклучени не истомисленици, а потоа и обвинети и за криминал. Па простете но тоа требаше да го направите многу, многу порано, сека е касно.Крајно, каква и да е постапката за имплементирање на Преспанскиот договор, со уставните измени и со начинот на обезбедување на 2/3 мнозинство, оптимист сум дека на граѓаните на РМ ќе им се отвори некаква перспектива, ќе се види барем мала светлина во оваа темнина. Велам оптимист сум, а како ќе биде ќе видиме.Се надевам дека најавеното помирување, нема да значи општа амнестија на сите инволвирани во политичките но и криминалните случувања за што впрочем е и основано СЈО, зошто тоа значи дефинитивно не функционирање на правната држава.И ДПМНЕ и СДСМ, но и сите партии треба да се оградат од членовите кои се обвинети за вакви дела и да и остават на правдата да се справи со нив. Која правда, тоа е друга тема.

Македонија | пред 7 години

Gruevski-i-Mickoski-na-16-kongres-na-VMRO-4-bg_resize

СДСМ: Чии играчи се Груевски и Мицкоски, дали криминалот ги поврзува?

Цела Македонија уште еднаш го виде режимското лице на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, режимот делува најпанично кога целосно се распаѓа и кога го губи тлото под нозете, осветувајќи се и врз сопственото членство, реагира СДСМ.„Анти-македонскиот носител на криминалот и режимот, Никола Груевски заедно со неговиот анти-западен пион Христијан Мицкоски продолжуваат да им докажуваат на сите граѓани дека се против НАТО и ЕУ.Чии играчи се Груевски и Мицкоски? Дали криминалот е единственото нешто што ги поврзува? Нека излезат и јавно нека соопштат дека се против НАТО и ЕУ бидејќи очигледно е дека режимската лага веќе не им проаѓа ниту меѓу сопственото членство“, се вели во соопштението од СДСМ.Партијата на власт ги повикува сите демократски сили во земјата, сите пратеници и граѓани кои сакаат Македонија да успее како земја членка на НАТО и ЕУ, да се приклучат кон националното обединување.„Македонија расчисти со поделбите на Груевски и Мицкоски. Македонија е земја во која институциите обезбедуваат правна држава по европски стандарди. Сега е време политички раскараните граѓани да се помират и Македонија да продолжи напред како економски силна земја, едно општество за сите. На едната страна се изолираниот режим и криминал на Груевски, на другата страна е растечкото национално обединување на граѓаните.Македонија избира обединување, режимот останува изолиран во својот бел бункер. Граѓаните на Македонија го ставија режимот на Груевски и Мицкоски во ќош“, порачува СДСМ.

Македонија | пред 7 години

Нема фотографија

Жестоко на Твитер: ВМРО ќе прогласува стечај за да не ги вратат парите

Македонија | пред 7 години

K4rLE-n1-talat-dzaferi-gjorcev-432

Џафери: Нека овој ден биде потсетник дека во животот секој ден е борба

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери им го честита празникот 23 Октомври на граѓаните.„Дозволете во својство на претседател на Собранието на Република Македонија и од име на пратениците во законодавниот дом, да го честитам 23-ти октомври, којшто според Законот за празниците на Република Македонија е Ден на македонската револуционерна борба и да ви посакам овој ден да го поминете во добро расположение, во кругот на најблиските.Нека овој ден биде потсетник дека во животот секој ден е борба, борба за подобар живот, борба за градење на подобро, поздраво општество, борба за политички стабилна, економски напредна држава со светла иднина, безбеден дом за сите наши граѓани“, порача Џафери во честитката.

Македонија | пред 7 години

opstini

Општините со три милијарди денари ќе ги покриваат долговите

Владата го усвои законското предлог-решение со кое на општините им се ставаат на располагање 3 милијарди денари за покривање на заостанатите долгови.Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на прес-конференцијата на која присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Фазлиу, рече дека секоја општина ќе добие неповратни средства за да покрие 51 процент од пријавените обврски. Овие средства се предвидени со ребалансот на буџетот.„Средствата кои ќе се доделат на единиците на локалната самоуправа како финансиска поддршка се строго наменски и неповратни. Целта е да се зајакне фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството“, рече Тевдовски.Министерот за финансии посочи дека освен решавање на проблемот со долговите на општините, Владата ќе воспостави механизам за спречување на акумулирање долгови во иднина. Се предлагаат измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со воспоставување на фискално правило за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на единиците на локалната самоуправа.„Преоптимистичкото планирање на приходите е една од причините поради кои општините креираа неизмирени обврски во претходните години. Со предлог-измените на Законот се воведува ограничување при планирање на сопствените приходи на основниот буџет на општините, во смисла истите да може да се планираат со пораст од најмногу 10 проценти од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција. Во однос на истото се предвидени исклучоци само доколку општината има обезбедено потврда за трансфер на средства од соодветна институција за реализација на проекти во општината“, појасни Тевдовски.Заклучно со 30 септември годинава, како што додаде министерот, електронскиот систем за евиденција на Министерството за финансии забележал стари пријавени доспеани, а неплатени обврски, во износ од 18,817 милијарди денари. Ова е за 3,527 милијарди денари помалку во однос на обврските пријавени со пресечен датум 31 мај 2017 година.„Намалувањето се должи на намалувањето на неплатените обврски кај буџетските корисници на национално ниво во износ од 3,6 милијарди денари во споредба со мај 2017 година“, рече министерот за финансии.Министерот за локална самоуправа истакна дека со денешната одлука на владината седница решава проблем со кој се соочува речиси секоја општина во Македонија. Тој додаде дека од општините ќе се бара и да ја зголемат транспарентноста. Тие ќе мора да испратат и детали за доверителите на кои ќе им се исплатат средствата.„Општините сопствените приходи може да ги планираат до најмногу 10 проценти од просечните приходи во последните 3 години, ова би значело дека општината ќе може да го надмине максималниот износ од планирани приходи само доколку има обезбедено потврда за трансфер на средства. Доколку буџетот на општината не е изготвен во согласност со овие измени, истиот нема да биде впишан во трезорот на Министерството за финансии“, истакна министерот Фазлиу во своето обраќање.

Македонија | пред 7 години

Нема фотографија

Во ОН почна кампања за Меѓународна конвенција за безбедност на новинарите

Меѓународната новинарска федерација (IFJ) почна во ОН кампања за сензибилизација за потребата од донесување „Меѓународна конвенција за безбедноста и независноста на новинари и други вработени во медиуми“, со желба да се стави крај на „неказнувањето напади врз новинари“.– На првата седница учествуваа 15-на држави меѓу кои Русија, Пакистан, Перу, Италија и Тунис, нагласи шефот на ИФЈ Ентони Беланжер.ИФЈ застапува 600.000 новинари од 134 држави.Главен повод за кампањата која одамна е планирана е случајот со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги  кој на 2 октомври беше убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул.– Идната конвенција треба да обедини постоечки, но и расфрлани меѓународни документи и да ги дополни, изјави Беланжер.

Свет | пред 7 години

most

Конечно се отвора најдолгиот мост што минува над море

Мостот долг 55 километри кој ги спојува Хонгконг и Макао со континентална Кина, конечно ќе биде отворен за јавноста.Дваесет милијарди долари вредниот мост чија изградба беше започната пред девет години, конечно ќе биде отворен оваа недела и со тоа ќе стане најдолгиот мост преку море на светот.На свеченоста по повод отворањето на мостот во Жухаи ќе присуствува и кинескиот претседател Си Џинпинг, заедно со највисоките функционери на Хонгконг и Макао, а во среда официјално ќе биде отворен и за сообраќај.Мостот требало да започне со работа уште во 2016 година, но поради непланирани работи, неговата изградба била одложена.Мостот ќе покрива 56.500 квадрати на југот од земјата и 11 градови во кои вкупно живеат 68 милиони луѓе. Сега, од Хонгконг до Макао ќе се патува за само половина час наместо некогашните три и пол часа.

Магазин | пред 7 години

tramp-1

Трамп предупреди дека САД имаат намера да го јакнат сопствениот арсенал нуклеарно оружје

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека САД имаат намера да го јакнат сопствениот арсенал нуклеарно оружје за да извршат притисок врз Русија и Кина.Трамп наведе дека „Русија не се придржувала до Договорот за нуклеарно оружје од среден дострел“ потпишан во 1987 година и од кој се закани дека ќе ги повлече САД.– Додека луѓето не се вразумат, САД ќе го јакнат сопствениот нуклеарен арсенал, изјави Трамп и додаде дека „тоа се однесува на Русија и на Кина“

Свет | пред 7 години

Нема фотографија

Бугарија заплени милиони фалсификувани евра и долари

Бугарските власти денеска запленија 11,5 милиони евра и два милиона долари фалсификувани банкноти, соопшти заменикот-главен обвинител на Бугарија Иван Гешев.Според него, банкнотите се пронајдени во „најголемата илегална печатница“ откриена во изминатите 11 години, која функционирала во подрум на хотелот „Кантилена“ во Сончев Брег. Фалсификуваните банкноти се пронајдени  во апоени од 500 и 100 евра и 50 американски долари.Уапсени се четири лица, кои имаат богато криминално минато и успевале многу добро да ги прикријат своите активности. Групата била разбиена на 20 октомври, а акцијата била спроведена во соработка со Европол.

Свет | пред 7 години

palmer

Палмер денеска во посета на Косово

Заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на Соединетите Американски Држави, Метју Палмер денеска ќе престојува во Косово, каде што ќе се сретне со највисоките државни раководители, јави дописникот на МИА од Приштина.Првично, Палмер претпладнево ќе биде примен од премиерот Рамуш Харадинај, а потоа ќе се сретне и со другите косовски лидери.Американскиот дипломат доаѓа во Косово од Македонија, каде што вчера се сретна со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и со лидери на партиите на Албанците во Македонија.

Свет | пред 7 години

jasp

ЈСП ќе вози по неделен ред, од среда две привремени линии поради саемите

Јавното сообраќајно претпријатие соопшти дека денеска   автобусите од јавниот превоз ќе возат по неделен возен ред поради државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.Од ЈСП информираат дека од среда до недела поради саемските манифестации во спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе бидат воведени две привремени линии. Станува збор за линијата 100 која ќе сообраќа од Ново Лисиче до СЦ „Борис Трајковски“ и линијата 200 од Дексион во Ѓорче Петров до СЦ „Борис Трајковски“.Двете линии се воведуваат по барање на Скопски саем за полесен пристап на посетителите на саемите „Технома“, Меѓународниот саем за градежништво и Саемот за недвижности и инвестиции „Реалекспо“.

Скопје | пред 7 години

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања