Данската премиерка Мете Фредериксен оцени дека завршило времето на досегашниот светски поредок и дека не верува оти тој повторно ќе се воспостави. Таа ова го изјави на јавна трибина на парискиот универзитет Sciences Po, на која учествуваше заедно со премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен.
Обраќајќи им се на студентите, Фредериксен истакна дека „светскиот поредок каков што го познаваме е завршен и нема да се врати“, предупредувајќи дека Европа се соочува со длабоки и долгорочни безбедносни предизвици. Таа нагласи дека Русија, според нејзина оценка, „не сака мир со Европа“ и повика Европската унија и Соединетите Американски Држави да останат обединети во одговорот на глобалните кризи.
Во своето излагање, данската премиерка се осврна и на неодамнешните тензии со САД поврзани со Гренланд, нагласувајќи дека и Копенхаген и Вашингтон делат загриженост за безбедноста на Арктикот. Таа порача дека Данска ќе се обиде „да пронајде заеднички пат со САД“, и покрај разликите и зголемената чувствителност околу геополитичките прашања во регионот.
Гренландскиот премиер Нилсен, пак, зборуваше за последиците од овие тензии врз локалното население. Тој истакна дека владата во Гренланд е исправена пред сериозен предизвик – истовремено да се спротивстави на надворешните притисоци и да се грижи за граѓаните кои се чувствуваат вознемирени и исплашени од глобалните случувања.
Неговата порака, како што нагласи, е дека стабилноста и безбедноста на луѓето мора да останат приоритет, дури и во услови на длабоки промени на меѓународната сцена.