Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот оцени дека новиот документарен филм за војната во Газа, кој сугерира дека масовните цивилни жртви биле рутинска практика при изборот на цели, претставува дел од глобалното поттикнување омраза кон Евреите. Станува збор за филмот „Наза“ на израелски автори, кој неодамна беше награден на Филмскиот фестивал во Венеција, објави „Ројтерс“.
Филмот го режирале израелските новинари Јувал Абрахам и Рејчел Сор. Во саботата тој ја освои Специјалната награда на жирито, а публиката по проекцијата го испрати со 25-минутен аплауз. Насловот е воен термин што го користи израелската армија за очекуваните колатерални жртви, а филмот се темели на анонимни разговори со припадници на разузнавачките служби и војници кои учествувале во војната.
„Ова е шокантно. Се бориме против глобалното антисемитско поттикнување омраза, а кога тоа доаѓа од нашите редови, тоа е недозволиво“, рече Нетанјаху во видео објавено на Телеграм.
„И сега двајца израелски режисери, кои Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги прикажуваат како воени злосторници, добиваат аплауз на фестивалот во Венеција“, додаде тој.
Изјавата на Нетанјаху следи откако и началникот на израелската армија Ејал Замир оцени дека филмот претставува напад врз државата Израел.
„Според она што досега е објавено, ова не е филм кој ја критикува ИДФ, ниту пак со него се обидува да се утврди вистината. Тој се темели на клевети, намерно искривување на реалноста и тешки, лажни обвинувања против војниците и командантите на ИДФ“, изјави Замир.
Од армијата соопштија дека Замир му наредил на воениот обвинител, чии овластувања се ограничени на армијата, да „ги испита и да покрене можни правни постапки против филмот и лицата кои учествувале во неговото создавање“.
Еден од режисерите, Јувал Абрахам, при преземањето на наградата во саботата порача: „Веруваме дека негирањето на злосторствата овозможува тие да продолжат и затоа особено ни е важно Израелците да го погледнат овој филм. Нашата земја е таа што ги прави овие злосторства“.
Според податоците на здравствените власти во Газа, во израелската воена кампања се убиени повеќе од 73.000 Палестинци, главно цивили, а голем дел од Појасот Газа е разурнат. Војната започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени 1.200 луѓе, главно цивили.
Израел тврди дека презема опсежни мерки за да избегне цивилни жртви во борбата против припадниците на Хамас, за кои наведува дека се кријат на цивилни локации, како што се болници и училишта. Хамас ги отфрла обвинувањата дека ги користи цивилите како жив штит.