Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека започнува изградбата на Универзална сала, еден од најзначајните културни објекти во главниот град, потенцирајќи дека со овој проект по долгогодишно чекање се враќа животот во симболот на скопската култура и солидарност.
„Конечно, Универзална сала почнува да се гради!
По долгите години чекање, симболот на солидарноста и културниот идентитет на Скопје, Универзална сала, повторно оживува.
Започнува изградбата на објектот кој е сведоштво за духот на градот, за неговата истрајност и љубов кон културата.
Проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата е предвидено да заврши до декември 2027 година.
Ова е еден од клучните проекти во подготовките на Скопје за носење на престижната титула Европска престолнина на културата 2028 - признание што го става нашиот град на културната мапа на Европа.
Со новиот лик на Универзална сала, Скопје ќе добие современ, функционален и репрезентативен културен храм, место каде ќе се создаваат спомени, ќе се негува уметноста и ќе се слави креативноста.
Театар, концерти, фестивали и големи културни настани ќе добијат дом достоен за нивната вредност. Универзална сала е симбол на солидарноста по катастрофалниот земјотрес, место каде генерации скопјани ги доживеале своите најубави културни моменти.
Нејзиното обновување значи враќање на душата на градот и создавање мост помеѓу минатото и иднината.
Посебна благодарност до Премиерот Христијан Мицкоски за огромната поддршка и посветеност во реализацијата на овој значаен проект, како и до министерот за култура Зоран Љутков. Продолжуваме да градиме, за Скопје какво што го заслужуваме“, вели Ѓорѓиевски.