Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оствари средба со министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, на која биле разгледани заедничките приоритети во културата и можностите за продлабочување на соработката меѓу Град Скопје и Министерството.
Во фокусот на разговорот биле подготовките за 2028 година, кога Скопје ќе ја понесе титулата Европска престолнина на културата. Според Ѓорѓиевски, ова претставува голема можност, но и одговорност за градот, со цел придобивките од титулата да останат трајни преку обновени културни простори, поголема поддршка за творештвото и култура достапна за сите граѓани.
На средбата било разговарано и за мапирање на локациите и културните капацитети, унапредување на туристичките можности и подобро поврзување на градските и националните културни установи.
Ѓорѓиевски и Сулејмани извршиле и увид во градежните активности на Универзална сала. По завршувањето на реконструкцијата, објектот треба да му биде предаден на управување на Град Скопје и повторно да стане простор за уметниците и публиката.
„Универзална сала е дел од душата на Скопје. Симбол на солидарноста што го подигна нашиот град и дом на спомени што ги поврзуваат генерациите“, порача Ѓорѓиевски. Универзална сала е изградена како симбол на меѓународната солидарност по земјотресот во Скопје, а официјално започнала со работа во 1966 година.
Градоначалникот нагласи дека целта е салата повторно да го добие значењето што го имала во културниот живот на Скопје и да стане место за нови средби, настани и уметнички настапи.
„Со јасна визија, координирана работа и одговорност кон секоја преземена обврска, создаваме услови Скопје достоинствено да ја понесе титулата во 2028 година, а придобивките да останат и за генерациите што доаѓаат“, порача Ѓорѓиевски.