Министерот за култура и туризам Зоран Љутков соопшти дека започнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзална сала, по години административни пречки и одложувања. Објектот е затворен 11 години, односно од 2015 година.
Според него, постапката за избор на изведувач е целосно завршена, откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одбила жалбата на економскиот оператор како неоснована, со што е потврден изборот на најповолната понуда.
„Со ова се отстранува и последната правна пречка за старт на градежните работи“, информира Љутков.
Проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а завршувањето на реконструкцијата е предвидено до декември 2027 година. Овој зафат е дел од подготовките на Скопје за кандидатурата за Европска престолнина на културата во 2028 година.
Со обновата, Универзалната сала треба да добие современ и функционален изглед и да стане центар за театарски претстави, концерти, фестивали и други културни настани.
Љутков оцени дека станува збор за инвестиција во културата и иднината на државата, најавувајќи транспарентна и ефикасна реализација на проектот.