Изградбата на новата Универзална сала во Скопје продолжува според предвидената динамика, а дополнителен напредок на објектот се очекува да биде видлив во наредните денови.
Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани денеска изврши увид во градежните активности и се информираше за текот и напредокот на работите.
Од страна на управителот на градбата „Мегарон Инженеринг“ – Скопје, надзорниот орган „ЕОС Е.Е. консалтинг“ ДОО Скопје и изведувачот „Универзал Балкан“ ДОО Скопје, министерот бил информиран дека работите се одвиваат во рамките на роковите утврдени со динамичкиот план.
Досега се реализирани повеќе значајни активности, меѓу кои ископи на подрумското ниво, изведба на столбови, заштита на конструкцијата, како и изработка и поставување на челични елементи.
Паралелно, во производствените капацитети на „Актива“ во Штип интензивно се изработува челичната конструкција за објектот. Значаен дел од конструктивните елементи веќе се готови, а според планираната динамика, нивниот транспорт и монтажа, без трибините, треба да завршат најдоцна до средината на септември 2026 година.
Сулејмани истакна дека Универзална сала е објект од особено значење за Скопје и за културниот живот во државата, нагласувајќи дека е важно градежните активности да продолжат со засилена динамика и во согласност со утврдените рокови.
Министерството за култура и туризам, како што беше посочено, и во наредниот период ќе продолжи да го следи спроведувањето на проектот во соработка со сите субјекти вклучени во изградбата.