Фудбалската репрезентација на Франција вечерва од 23 часот по македонско време треба да се соочи со Ирак во натпревар од третото коло во групата И на Светското првенство, но постои реална опасност мечот во Филаделфија да биде прекинат или одложен поради најавеното невреме.
Со евентуална победа над аутсајдерот во групата, Французите би обезбедиле пласман во следната фаза, но нивните планови би можеле да ги нарушат силни грмежи и бура што се очекуваат над источниот брег на САД.
Според метеорологот Гијом Сеше, веројатноста за грмежи во времето кога треба да се одигра натпреварот изнесува околу 60 проценти. Станува збор за голем олуен систем кој се очекува да зафати делови од источниот дел на САД.
„Подрачјето е многу широко, па сè уште постои можност Филаделфија да не биде погодена од најсилниот удар на невремето“, изјави Сеше за францускиот весник „Л'Екип“.
Сепак, метеоролозите предупредуваат дека состојбата би можела дополнително да се влоши околу 22 часот, само еден час пред почетокот на натпреварот.
Во Соединетите Американски Држави се применува строг протокол во случај на грмежи. Доколку се регистрира молња во радиус од околу 13 километри од стадионот, натпреварот веднаш се прекинува. Играчите се повлекуваат во соблекувалните, а навивачите се упатуваат во безбедни зони.
По прекинот започнува одбројување од 30 минути. Ако во тој период нема нова молња, натпреварот може да продолжи. Во спротивно, одбројувањето започнува одново, што значи дека прекинот може значително да се продолжи.
Според информациите на „Л'Екип“, ФИФА засега нема правило што го ограничува максималното времетраење на ваков прекин пред натпреварот целосно да биде одложен.