Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот извештај за проценка на квалитетот и безбедноста на површинските води за капење предупредува дека долж брегот на Охридското Езеро постојат повеќе потенцијални и директни извори на загадување, иако водата во најголем дел останува безбедна за капење.
Како потенцијални загадувачи се наведуваат хотелите и угостителските објекти, туристичките населби, приватните куќи кај Сараиште, Канео и црквата „Света Софија“, како и населените места Трпејца, Љубаништа и Радожда.
Во извештајот се посочува дека голем број објекти долж крајбрежјето сè уште не се приклучени на колекторскиот систем, кој ги собира и пречистува отпадните води од Охрид и Струга. Наместо тоа, дел од објектите користат септички јами, а во Радожда, според ИЈЗ, тие во одредени случаи директно се испуштаат во езерото или понираат во негова непосредна близина.
Како особено загрижувачка е наведена состојбата во Свети Наум, каде што канализацискиот систем изграден во 2013 година не функционира целосно. Иако има дробилка за фекалии, нема систем за филтрирање и хлорирање пред отпадните води да се испуштат во езерото.
ИЈЗ како ризик ги наведува и испустите за атмосферски води во кои се приклучени фекални води, шанковите поставени на плажите, како и базените во состав на угостителски објекти.
Сепак, лабораториските анализи спроведени во мај и јуни покажуваат дека водата во Охридското Езеро е безбедна за капење и најголемиот дел од мерните места се класифицирани во прва класа. Исклучок е мерното место Грашница, каде што водата е оценета во трета класа и не ги исполнува микробиолошките критериуми. Кај хотел „Ројал“, Лабино и каналот Студенчишта, квалитетот е оценет како „добар“.
Институтот препорачува итно санирање на дефектите на колекторскиот систем, спречување на мешањето на фекалната и атмосферската канализација и приклучување на сите објекти долж крајбрежјето на системот за пречистување на отпадните води.
Во извештајот се наведува и дека кај Преспанското Езеро не се евидентирани значајни загадувачи, додека кај Дојранското Езеро главни извори на загадување се пестицидите, вештачките ѓубрива и отпадните води од викенд-населбите.