Високите температури и топлотните бранови претставуваат особено голем ризик за лицата над 65 години, предупредува Институтот за јавно здравје. Со возраста, организмот потешко се приспособува на топлината, а дополнителен ризик претставуваат хроничните заболувања и редовната терапија.
Од ИЈЗ посочуваат дека одредени лекови можат да влијаат врз природните реакции на организмот на високите температури, поради што повозрасните лица треба да бидат особено внимателни.
Се препорачува да се избегнува директно изложување на сонце, како и работа и физичка активност на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Треба да се носи лесна, светла и широка облека, како и капа или шапка со широк обод и очила за сонце. При престој на сонце се советува користење заштитен фактор SPF 30 или повисок.
Особено важно е редовното внесување течности, без да се чека појавата на жед. ИЈЗ препорачува избегнување алкохол и ограничување на пијалаците со кофеин. Лицата на кои лекар им го ограничил внесот на течности треба да се консултираат со него за количината што треба да ја внесуваат во периоди на високи температури.
Во домовите треба да се одржува пријатна температура и да се спречи дополнително загревање на просториите. Во текот на денот се препорачува користење ролетни и завеси, додека проветрувањето треба да се прави кога надворешната температура е пониска. При користење климатизација треба да се избегнува прекумерно разладување и нагли температурни промени.
ИЈЗ советува во најтоплиот период, од 13 до 17 часот, да се избегнува користење шпорет, рерна и други уреди кои дополнително го загреваат домот.
За полесно справување со топлината, телото може да се разладува со туширање со млака или посвежа вода, користење влажни крпи и престој во најладниот дел од домот или во климатизирана просторија.
Лицата со хронични заболувања треба особено внимателно да ги почитуваат препораките и редовно да ја земаат пропишаната терапија. Од ИЈЗ нагласуваат дека терапијата не треба да се менува или прекинува без консултација со лекар.
При промена или влошување на здравствената состојба, потребно е да се побара совет од матичниот лекар.
Институтот препорачува и лицата над 65 години, особено оние кои живеат сами, редовно да одржуваат контакт со семејството, пријателите и соседите. На тој начин полесно може навреме да се забележи евентуално влошување на состојбата и да се обезбеди помош доколку е потребна.