Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

КОЧАНИ

IMG_5515

Нов марш во Кочани: „Видете ми ги рацете, со нив работев за моето дете да стане човек, вие ми го одзедовте тоа право“

И оваа сабота, улиците на Кочани беа местото каде семејствата на трагично загинатите и повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ маршираа во тишина, со фотографии од своите најмили и солзи во очите. Единаесетти пат по ред, маршот е силна порака до институциите – дека правдата сè уште не е задоволена и дека вистинските виновници мора да одговараат.Учесниците повторно ги повикаа судиите да судат праведно и без одложување, а одговорните институции – конечно да дадат одговори на прашањата што веќе осум месеци стојат отворени.Како и секоја сабота, маршот започна точно во 18:05 часот од Паркот на револуцијата, продолжи низ трговскиот центар, пред зградата на Општина Кочани, а заврши пред Полициската станица, Основниот суд и Обвинителството – симболично, пред институциите за кои семејствата веруваат дека сè уште молчат.И оваа сабота беа повторени сомнежите за сериозни пропусти во истрагата – од полициската интервенција вечерта на пожарот, преку недостатокот на кислород и материјали во болницата, па сè до, како што велат семејствата, одговорноста на локалните власти и инспекциските служби кои дозволиле дискотеката да работи иако немала лиценца.„Тоа нема да ни ги врати децата, но ако дискотеката беше затворена затоа што немала дозвола, тие ќе беа живи“, рече една од мајките. Другата, со кршлив глас, додаде: „Јас немам веќе дете. Едно имав – и тоа ми го зедоа“.Мајката на загинатиот диџеј од дискотеката, потресена, им се обрати на институциите:„Гледајте ги овие раце – со нив цел живот работев за моето дете да стане човек во оваа држава. А вие ми го одземавте тоа право.“Маршот „За ангелите“ стана повеќе од само протест – тој е симбол на упорноста, болката и силната волја на граѓаните да не дозволат трагедијата да биде затрупана под институционална рамнодушност. И секоја сабота потсетува дека општеството има обврска да ги слушне.

Македонија | пред 9 месеци

puls-38

Денес во Кочани ќе се одржи единаесеттиот „Марш за ангелите“

Денес, сабота, 28 јуни, со почеток во 18:05 часот, во Кочани ќе се одржи единаесеттиот по ред „Марш за ангелите“, во знак на сеќавање на настраданите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“. Настанот е организиран од родителите и блиските на жртвите, како симболична почит кон починатите и поддршка за побрзо заздравување на повредените.Маршот ќе започне од Паркот на Револуцијата, по што ќе продолжи кон Трговскиот центар, Општина Кочани, Полициската станица, Основниот суд и Обвинителството.Семејствата ги повикуваат сите граѓани кои се залагаат за неселективна правда да им се придружат и да дадат поддршка во нивната борба за одговорност и праведност.Организаторите информираат дека сите надлежни институции се навремено известени за одржувањето на маршот. Апелираат до медиумите да известуваат со почит кон приватноста и болката на семејствата.

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-24-at-21.27.16

(Видео) Бели балони за 62 изгубени животи: „Ова е опрост што не можевме да ве спасиме“

Дарко Златев, вујко на Надица – една од жртвите во трагедијата во дискотеката „Пулс“, објави видео посветено на 62-та млади што ги загубија животите. Во видеото, преживеаните и роднините пуштаат бели балони во небото како симбол на простување и вечна почит. Снимката е објавена по повод 100 дена од трагедијата.„Денес не стоите тука како жртви, туку како сведоци на една болка и љубов која никогаш нема да згасне. Вашите имиња се врежани во нашите срца, вашите насмевки се нашето светло“, се вели во видеото што ја потресе јавноста.Во својата објава, Златев напиша:„Ние сме децата што преживеавме една ноќ што никогаш нема да ја заборавиме. Ноќта кога небото се замрачи и срцата ни се распаднаа. Ноќта кога изгубивме 62 наши браќа и сестри, другари, пријатели, делови од нашите души.“Тој нагласува дека не се жртви, туку сведоци – на траума, но и на љубов што не згаснува.„Ви праќаме опрост. Опрост што не можевме да ве спасиме. Опрост што продолживме да живееме, додека вие останавте млади засекогаш.“Со болка, но и со завет, Златев додава:„Ќе живееме за вас. Ќе зборуваме за вас. Ќе се бориме за вистината и за правда – во ваше име.“„Секогаш ќе бидете со нас – во секоја солза, во секој здив, во секој чекор.“

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-24-at-09.38.35

(Фото) Стотина пораки за 100 дена од трагедијата во Кочани, осамнаа низ Скопје

По 100 дена од трагедијата во Кочани, граѓанското движење „Кој е следен“ сoакција му одговори на системот – со 100 пораки, поставени на различни локации низ центарот на Скопје.„Молчевме, жалевме, марширавме, говоревме. Но, ветивме дека нема да заборавиме“, велат од движењето, критикувајќи дека системот се обидувал да ги „дефокусира и дискредитира“.Акцијата се родила од пораки што викендов граѓаните ги испратиле како одговор на едно прашање: Што би му порачале на системот на 100-тиот ден по трагедијата? Одговорите, како што велат организаторите, варирале од тага и болка, преку гнев и бес, до јасни повици за борба, слобода и правда.„Овие 100 крика не се реторика, туку вистински критики за системот што нè убива. Наведената глава не не спасува – сабјата и понатаму сече. Време е да ги кренеме главите и да изградиме нов систем што го брани животот, а не профитот“, порачуваат.Со симболичен поклон и извинување до Кочани, од движењето порачуваат: „Веќе не молчиме. Не простуваме. Не забораваме. Правда мора да има.“

Македонија | пред 9 месеци

monika-spasova-brlog

„Ја изгоревте мојата внука – и очекувате да молчам?“: порака од Благојчо Ѓоргиев по трагедијата во Кочани

„Вашиот распаднат и корумпиран систем ми ја изгоре внуката, а ми велите да не барам правда? Грешка сте. Не само што ќе се борам, туку ќе им направам пат. Ако треба – нека ми биде последното нешто во животот.“Ова е дел од потресната објава на кочанчанецот Благојчо Ѓоргиев – Брлог од здружението „Хендикеп“, чија внука Моника Спасова, млада мајка, беше една од жртвите во трагедијата во дискотеката во Кочани.„Ми ја одзедовте внуката што со срце и душа се запиша на факултет за безбедност. Сонуваше за правда и чесна работа. Јас ја предупредив – во тој систем нема место за чесни. Сè е корумпирано, МВР е приватна фирма. Но, не сакаше да верува“, пишува Ѓоргиев.Моника завршила студии по криминалистика, но по завршената пракса, му се јавила разочарана:„Вујче, во сè беше во право. Јас никогаш нема да работам во вакво МВР. Сè што видов ме згрозува.“„Ме избра мене, вистината, затоа што никогаш не сум ја излажал. Ми рече: Секогаш ќе бидам на твоја страна“, завршува со болка Ѓоргиев.

Коментари | пред 9 месеци

kujna-kocani-picerija

Инспекциска „војна“ во Кочани: Крстевски обвинува за дивоградби, АХВ го обвинува за глумење инспектор

Вршителот на должноста градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, објави видео на Фејсбук во кое врши "контрола" на угостителски објект што, според него, претставува дивоградба со сериозни безбедносни пропусти. Тој обвинува дека во пицеријата „Филитеа“ се пуши во затворен простор, има нелегално приклучена струја, само еден санитарен јазол за два пола, како и две кујни, од кои едната без тоалет.Крстевски седна во локалот на покана од сопственикот Орце Николов, кој реагираше на наводната селективност на институциите и тврди дека објектот го наследил, а претходно Општината му наплатила користење на просторот. „Во Кочани има 700 дивоградби, нека тргнат по ред“, рече Николов. Крстевски му возврати: „Ова е дивоградба од 2013, но ти свесно си го гледал тоа.“Градоначалникот повика институциите – АХВ, Пазарен инспекторат, ЕВН – итно да постапуваат и предупреди дека „не смее да се дозволи да се повтори трагедија како ‘Пулс’“, алудирајќи на пожарот од март во кој загинаа 62 лица.Реакција од АХВ: „Градоначалникот не е инспектор, ги загрозува процедурите“Агенцијата за храна и ветеринарство остро го осуди настапот на Крстевски, обвинувајќи го за нарушување на професионалните стандарди и ширење дезинформации. Тие тврдат дека не издаваат HACCP дозволи, како што тој лажно сугерира во видеото, туку вршат контрола според законот и регистрираат оператори со храна.АХВ посочи дека Крстевски нелегитимно влегол во кујна без санитарна книшка и заштитна опрема, со што можел да ја контаминира храната. „Ниту националните, ниту европските прописи не дефинираат фуги на плочки“, наведуваат од агенцијата, додавајќи дека санитарен јазол за персоналот бил обезбеден од угостителот.Овој случај се случува во сенката на трагедијата од 16 март, кога во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени. Локалот работел без дозволи, без систем за евакуација и со затворен излез – по што јавноста остро бара институционална одговорност.Крстевски во видеото вели дека „во Кочани има институционална криза“ и дека „ќе поднесе пријави против сите кои не постапуваат“. На крајот, тој и сопственикот на пицеријата се согласија дека мора да се најде решение што ќе обезбеди безбедност за сите.

Македонија | пред 9 месеци

tatko-sin-edinec

(Видео) „Излезете на следниот марш, ние сме тука за вие да не одите по гробишта како нас“, рече таткото кој изгуби син единец

Таткото, кој изгуби 21-годишен син единец во пожарот во „Пулс“, упати порака до жителите на Кочани, но и сите граѓани на државата, да излезат со нив и да ги преплават улиците на следниот марш кој ќе се одржи следната недела.Тој посочи дека се бори за другите деца, за да трагедијата не се повтори, бидејќи тој останал без ништо.„Немојте да се плашете, не се плашете од смртта, страшен е животот, овој кој го живееме. Како ќе живееме ние сега? 62 деца отидоа, моето дете отиде. Прашајте како живееме ние. Затоа кажувајте сите, да го преплавиме градот“, рече тој.Родителите и оваа сабота, упатија порака, дека чекаат одговори и правда.

Македонија | пред 9 месеци

kocani-mars

(Видео) Нов марш во Кочани – болката веќе не е тивка...

Во Кочани повторно маршираа родителите, роднините и пријателите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“. За разлика од претходните маршеви, одбележани со молк и тишина, денешниот доби поинаков тон – се слушаа исвиркувања.Од почетната до крајната точка на маршот, граѓаните ја пренесоа пораката дека трпението е при крај, а одговорноста за загубените животи – сè уште ја нема. Маршот почнува подоцна, како симбол на задоцнетата реакција на институциите.Маршот, достоинствен, јасно покажа дека болката повеќе не е тивка – таа веќе бара правда, не сочувство.

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-21-at-17.36.10

„Support Kocani“ обезбеди 4070 силиконски лепенки Atrauman Silicone – пристигнати во Кочани, наскоро ќе бидат донирани на Општата болница

Граѓанската иницијатива Support Kocani информира дека во Кочани пристигнаа 407 кутии со силиконски лепенки Atrauman Silicone, со вкупно 4070 лепенки, како дел од континуираната хуманитарна помош за повредените од трагичниот настан.Овие медицински лепенки, во кои секоја кутија содржи 10 парчиња, се специјално наменети за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожа. Тие претставуваат донација од хумани сограѓани и компании кои живеат и работат во Словенија, кои великодушно се приклучија на нашата мисија за помош.Лепенките наскоро ќе бидат донирани на Општата болница во Кочани, во координација со здравствените служби и потребите на пациентите.Дополнително, Support Kocani очекува нови пратки со медицински материјали и од други земји, меѓу кои Австралија и Данска, каде македонски иселеници и пријатели на Кочани активно се вклучуваат со поддршка.„Оваа донација е уште еден потсетник дека вистинската поддршка понекогаш доаѓа таму каде што најмалку ја очекуваме - од срцата на обичните луѓе, преку граници и без големи зборови.” - велат од иницијативата.Support Kocani и натаму останува целосно посветена на транспарентна, брза и ефикасна поддршка за сите на кои им е најпотребна.

Македонија | пред 9 месеци

fasdfasd

(Видео) Четири бели гулаби полетаа кон небото – тага за младите животи изгубени во „Пулс“

Во тишина прекината од тешки воздишки и солзи, четири бели гулаби полетаа кон небото – симбол на душите на Андреј Стојанов, Андреј Лазаров, Стефанија Соколова и Стојанче Стефанов, четирите млади жртви кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“.Хуманитарниот натпревар, одржан под мотото „Хуманост без граници“, беше само поводот – вистинската суштина на настанот беше во силната емоција и непремостливата болка на нивните семејства и пријатели.Најемотивниот момент не дојде со свирежот на судијата, туку со гестот што молчи погласно од зборовите: четири бели гулаби, пуштени од најблиските на младите загинати. Со солзи во очите и стиснати срца, роднините ги испратија во небото како симбол на невината младост, незавршените животи и надежта дека таму некаде – има мир.Настанот ги обедини граѓаните во заедништво, солидарност и достоинствена тишина. Влезниците беа симболични – 200 денари – но пораката беше бесценета: овие четири имиња нема да бидат заборавени.

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-19-at-13.56.53

Насилниот советник од Кочани: Јас не сум „гомнар", јас сум борец за правда

По насилниот инцидент на денешната седница на Советот на Општина Кочани, кој стана вирален на социјалните мрежи, со свое јавно обраќање се огласи советникот Аки Акиов од Партијата за демократски просперитет на Ромите (ПДПР). Тој негира дека е главниот виновник за нарушувањето на угледот на институцијата и ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за провокации и омаловажувања.„Правото на говор на советниците е непречено право по деловник за работа на советите во општините во Р.С Македонија. Некултурно, крајно неодговорно, нехумано и деградирачки е постојано да се прави хистерија во советничката сала преку урлање, барање паузи, дофрлување навреди на лична основа среде секое мое излагање на вистината што на ВМРОВЦИТЕ не им иде во прилог. Немањето емпатија со родителите на загинатите деца како и самосвест и доблест за признавање а не префрлање вина за трагедијата повторно заради истата цел - да се зачува политичкиот рејтинг пред локалните избори на ВМРО е голема срамота. Чашата беше прелеана од советникот Алексов кој што го испровоцира целиот настан својствено за него. Јас не калкулирам со мојот авторитет и рејтинг. Јас не сум „гомнар", јас сум борец за правда. На Правничката од о.Кочани јавно и се извинувам за ненамерно нанесената повреда“, напиша тој.

Македонија | пред 9 месеци

gvasdga

(Видео) Вознемирувачко: Тепачка во Советот на Општина Кочани

Физички инцидент ја одбележа денешната 65-та седница на Советот на општина Кочани, откако вербалната расправија меѓу советникот Аки Акиов и координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мирче Стојков, ескалираше во физичка пресметка.

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-19-at-14.10.12

(Видео) Опструкции, закочени институции и навреди во Советот – градоначалникот на Кочани алармира за блокади од сите страни

В.Д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, остро проговори за сериозни опструкции со кои се соочува локалната власт. На денешната седница на Советот, тој посочи дека веќе три недели чекаат согласност од Министерството за финансии за отворање на новата градинка во која би биле згрижени 115 деца. Обвини и за нефункционалност на инспекциските служби кои, според него, не реагираат на небезбедни угостителски објекти. Дополнителен хаос предизвикала и самата седница, на која, освен што не се гласало за важна меѓуопштинска соработка, биле присутни навреди и обиди за физички пресметки.„Се соочуваме со опструкции од сите страни. Немаме трета недела согласност од министерката за финансии за отворање на градинката во која ќе бидат сместени 115 деца и ќе нема листа за чекање. Имаме опструкции од инспекторски служби кои не си ја вршат својата работа во делот на угостителски објекти каде што е нарушена безбедноста и на посетителите и на граѓаните. Денеска имаме опструкции во Советот, повторно не се глас за меѓу општинска соработка, гледам навреди, обиди за физички пресметки, нешто што е недозволиво“, рече в.д. градоначалникот Венко Крстевски.

Македонија | пред 9 месеци

IMG_5572

Со некрофилска злоупотреба не се добиваат политички поени: Мицкоски до СДСМ за Кочани

Премиерот Христијан Мицкоски одговори на обвинувањата на СДСМ за селективност во истрагата за пожарот во Кочани и за објавите на опозициската партија во врска со фирмата „Салтировски Консалтинг“.Мицкоски истакна дека тој ја разбира стратегијата на СДСМ и обидот преку некрофилија да добие политички поени.,,Што се однесува до суштината на истрагата не би коментирал, сега веќе има обвиненија, тоа е во рамки на Јавното обвинителство, Владата, ниту кој било дел од неа не е поврзан со истрагата која ја води Љупчо Коцевски, јавен обвинител кој со огромно мнозинство го избраа СДСМ и ДУИ. Во тимот се и обвинители, кои во минатото не е тајна дека беа поддржани од СДСМ и ДУИ. Тука СДСМ повторно на некрофилски начин ја злоупотребува трагедијата и загубите на луѓето. Мислат дека така ќе профитираат, но мислам дека се лажат. Што се однесува до политичката кампања околу донациите тоа може да биде само уште еден доказ повеќе дека нема селективност, за разлика од случајот со Модуларната болница, Ласкарци, Беса транс, кога до ден денес имаме привилегирани директни или индиректни актери во тој случај и јас навистина го повикувам Јавното обвинителство ревносно да се позанимава и со овие случаи, тие така рекоа, но како да ги подзаборавија”, рече Мицксоки

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-18-at-20.14.19

Кочани доби ПРП терапија – повредените од трагедијата веќе се третираат локално

Во Општата болница во Кочани за првпат е изведена ПРП терапија (плазма збогатена со тромбоцити) кај десет лица повредени во трагедијата во дискотеката „Пулс“. Интервенциите се извршени од специјализиран медицински тим од скопската болница „Св. Наум Охридски“, објави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.Претходно, девет други пациенти беа третирани на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.„Ова е голем чекор напред – ПРП терапијата сега е достапна во Кочани, без потреба од патување до Скопје!“, порача Клековски.ПРП терапијата е современа медицинска метода која користи плазма од сопствената крв на пациентот, збогатена со тромбоцити, со цел да се стимулира и забрза процесот на регенерација и заздравување на кожата и меките ткива.Овој напредок значително ќе го олесни лекувањето и рехабилитацијата на повредените, но и ќе обезбеди побрз пристап до современи терапии за целото источно подрачје.

Македонија | пред 9 месеци

puls-38

Обезбедени средства за спомен-обележје во чест на младите жртви од „Пулс“

Со амандман поднесен и усвоен денес во Собранието, обезбедени се 2 милиони денари како почетни средства за изработка на идејно решение и отпочнување на активности за подигнување на спомен-обележје во Кочани, во чест на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“.Спомен-обележјето ќе биде поставено во централното градско подрачје на Кочани и ќе претставува тивок, но моќен симбол – сведоштво за загубата, потсетник за солидарноста и опомена дека ваква трагедија не смее никогаш да се повтори.

Македонија | пред 9 месеци

verica-zakani

Закани кон мајката на загинатата Моника во Кочани: „Среќен сум што се случи ова – Господ ги казни“; МВР работи на случајот

Верица Трифунова, мајка на трагично загинатата Моника Спасова објави низа на принтскринови од разговори, од кои се гледа како извесен Благојче Велков ѝ испраќал вознемирувачки пораки.  Претходно истото лице, испратило заканувачка порака кон друго лице на социјалните мрежи, во која и вели „Не јади го*на многу, немој да останеш без едно дете“. Од МВР за „Скопје1“ посочуваат дека постапуваат по допрен глас и испитуваат наводите.„Сектор за компјутерски криминал нема добиено пријава од родителите на загинатите деца во дискотеката Пулс во Кочани, а по однос на добиени заканувачки пораки на социјални мрежи. По допрен глас од добиени информации од јавноста, а поврзани со горенаведеното Сектор за компјутерски криминал врз основа на своите законски надлежности, интензивно преземаат дејствија за испитување на наводите и веќе постапува по однос на откривање на идентитет на лицето кое испраќа вакви пораки и утврдување на веродостојноста на информациите во врска со истото. Се замолуваат лицата кои ги добиле овие пораки за истото да достават пријава на емаил адресата    cybercrime@moi.gov.mk“, велат од МВР за „Скопје1“.Трифунова, ги објави пораките. Од нив се гледа и содржината. Па така, Велков пишува „Госпоѓице да знаеш колку се плашам од ова што си го пишувала, едно да знаеш, јас работам за ЦИА, тоа во Швајцарија. Така зад мене стојат многу народ, несе плашам, од ништо. Друго среќен сум јас и многу луѓе што се деси ова, Господ ги казни предавниците. Ако сакаш јави се дека сакаш кај кој си намислила никој ништо не ми може“.Потоа, за да биде уверлив, се фали самиот дека бил специјално пратен да прави инциденти на изборите.Истото ова лице, има објавено и повеќе коментари кои се јавно достапни. 

Коментари | пред 9 месеци

97A0C6C3-4D24-424B-AD62-EDE4A95437D5_1_105_c

„Ќе објасниме сѐ“ – Обвинителството прифаќа средба со родителите на загинатите во „Пулс“

Јавното обвинителство соопшти дека стои на располагање за директна средба со семејствата на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Оттаму додаваат дека, доколку има такво барање, во следните денови ќе организираат средба на која ќе ги информираат блиските на жртвите за сите аспекти од поднесеното обвинение, без да ја нарушат натамошната постапка.„Воедно, блиските на жртвите кои беа на претходната средба во Обвинителството добија и директен контакт, и им беше посочено дека сите семејства можат во секој момент да се информираат директно во обвинителството во Кочани за текот на постапката“, велат од институцијата.Ова следи по јавниот апел на родителите на 62-те загинати, кои побараа од Обвинителството директно да им објасни кои лица се обвинети, а против кои е запрена постапката, бидејќи, како што велат, правната терминологија во соопштението не им е јасна и не може да ја заменува личната комуникација.

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-14-at-19.36.19

Потресен јавен апел од Кочани: „Клекнувам на колена – помогнете ми да ја одбранам смртта на мојот ангел!“

Со потресен јавен апел, Верица Трифунова – мајка на трагично загинатата Моника Спасова – повика на вклучување на Коалицијата за правично судење и и други невладини организации во борбата за, како што вели, правдата за нејзината ќерка и другите 62 загинати лица, кои не починале од болест, туку биле „убиени од корупцијата и криминалот“.Во нејзиниот апел, мајката директно ги повикува професорката Биљана Ивановска, професорот Злате Димовски и поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева да бидат дел од мониторинг-служба која ќе го надгледува целиот процес – од обвинителни акти до донесување на судски пресуди.„Професорке Биљана Ивановска и професоре Злате Димовски, еве јавно ве повикувам и од дното на душата ве молам да се вклучите во борба за правда на мојот убиен и пеплосан ангел Моника Спасова. Ве барам и на колена ви клекнувам за да ве замолам да бидете мониторинг служба и да надгледувате и следете сѐ што сѐ случува во обвинителните акти и пишувањето на пресудите, мојот ангел Моника Спасова не почина од болест, ја убија корупцијата и криминалот, таа ја имаше најголемата желба да се бори против тоа.... Но не сакаше да биде дел од таа криминална и коруптивна банда (мафија), и ете тие и го одзедоа невиниот нејзин живот, а нејзината ќеркичка доживотно ја осудија да расте без мајчинска љубов. Исто така почитувана Слаѓана Тасева, доколку сте во можност, ве повикувам и ве молам од дното на душава и вие да бидете вклучени во мониторинг служба над сите инволвирани, за да ми помогнете да ја одбранам смртта на мојот убиен анге. Таа никогаш не беше продадена душа, затоа сакам чесно и достоинствено да ја одбранам нејзината смрт, вистинските убијци да се изведат пред лицето на правдата....Моника мојот ангел сега е кај Бога, во рајот и заедно со него мислам дека се борат против злото и убијците на земниот живот, и не знам дали тие убијци не се плашат од судот Божји, и кога ќе дојде денот да се соочат со тој суд и со ангелите што ги убија. Моника е жива во мене и јас додека дишам ќе се борам за правда на мојот убиен ангел. Европска Унија барам финансиски да се вклучите и да бидете дел од мониторингот“, рече Верица Трифунова.Таа најави дека нема да застане со својата борба сè додека не ги види, како што рече, „вистинските убијци“ изведени пред лицето на правдата.

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-14-at-19.21.55

„Монструмот Деко се криел, а нашите деца умирале“ – сведоштво на мајка на жртва од „Пулс“

Васка Стојанова, мајка на загинатиот Томче, обвини дека Деко (газдата на „Пулс“ н.з.) ги оставил децата на милост и немилост при пожарот, а тој отишол во некаква скривница во објектот. Таа посочи дека вратата била затворена, а тоа одзело повеќе животи.„Јас не знам зошто партиите преку медиумите кажуваат кој што и колку дал. Господ рекол кога левата рака дава, десната не треба да знае. И обратно. На нашите деца никој и ништо не им помогна, само помогнаа со тоа што им ја затворија вратата и што многу повеќе уништија. Да била вратата отворена, немало толку да бидат уништени и ќе се спасија. А не како оној монструмот Деко што се криел долу во скривницата, за да се спаси, а нашите деца ги оставил на милост и немилост“, рече Стојанова.И на прес-конференцијата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, „Скопје1“ праша дали вратата на објектот била затворена или не – а тој одби да одговори. Прашавме и дали во ОЈО-ГОКК ова ќе се испитува, но не добивме конкретен одговор.

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-14-at-19.07.56

Родителите на загинатите со барање до Обвинителството

Родителите, роднините, пријателите на загинатите деца, како и нивните поддржувачи за да се изборат за правда, излегоа на уште еден марш во Кочани, а по трагедијата каде загинаа 62 лица. Упатија јавен апел од Обвинителството, да ги викне и да им објасни кои лица се обвинети, а за кои е запрена постапката. Сметаат дека за тоа треба да дознаат директно од обвинителите, а не од медиумите.„Ние не сме правници, соопштението ни е дадено по членови и закони... и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен градоначалниците и обезбедувачите, не сфатиле. Сега ќе читам, оти во понеделник ова барање ќе го испратиме до Обвинителството“, рече мајката Марија Петрушева чиј син Андреј Панов загина и додаде: „Чувствуваме морална и човечка должност да се обратиме. Сметаме дека е од суштинско значење Обвинителството конечно и целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка и со содржината на поднесениот обвинителен акт, кои лица се опфатени, а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас. Неприфатливо е за нас да добиеме информации преку медиуми. Очекуваме транспарентност и директна комуникација“.Таа рече дека ги загрижува фактот што и покрај укажувањата, некои лица не биле повикани ни на распит.„Нашата болка е тешка, но борбата е праведна. Бараме одговорност и вистина“, додаде таа.

Македонија | пред 9 месеци

97A0C6C3-4D24-424B-AD62-EDE4A95437D5_1_105_c

„Задоцнија институциите“, па со задоцнување ќе почне и маршот во Кочани

Семејствата на настраданите во пожарот во „Пулс“ продолжуваат со организирањето на „Маршот за ангелите“ и в сабота, 14 јуни, ќе се одржи деветтиот по ред.За разлика од досегашните, овој протестен марш ќе почне во 18:05 часот како симбол на задоцнетата реакција на институциите.Организаторите на маршот истакнуваат дека тој истовремено е и за поддршка на повредените лица во трагедијата, поради што ги повикуваат и нивните блиски, роднини и пријатели да се придружат. Протестот е со единствена цел да се добие правда за сите кои настрадаа во пожарот, за којшто тие велат дека не е несреќен случај, туку масовно убиство.Учесниците на маршот ќе тргнат од Паркот на Револуцијата, ќе продолжат низ Трговскиот центар, потоа пред Општина Кочани, а оттаму кон Полициската станица и Основниот суд и Обвинителството во Кочани.Организаторите ги покануваат сите граѓани кои даваат поддршка на нивните барања да им се придружат, а медиумите слободно да го проследат настанот.

Македонија | пред 9 месеци

puls-kocevski

„Дозволиле активирање на пиротехниката“, осомничените 13 полицајци се однесени во суд

За 13 осомничени полицајци од Штип и Кочани, се бараат мерки за обезбедување на присуство. Тие се гонат оти при акциската контрола, не спречиле да биде активирана пиротехниката. Но, истовремено, постапиле и спротивно на прописите за заштита и одобриле акциска контрола во дискотеката.„На 16 март, на место каде биле собрани поголем број на луѓе, не спречиле активирање на пиротехника на сцената каде настапила музичката група ДНК. Палењето не било пријавено во ПС Кочани, а од која пиротехника настанал пожарот. По што не преземале мерки за заштита на лицата во Пулс. Во текот на акциската контрола настанал пожар“, рече рече јавниот обвинител Љупчо Коцевски.Тој рече дека тие се гонат за тешки дела против општата сигурност.„Постои основано сомнение дека од 14 март 2025 година до 16 март 2025 година, на територијата на СВР Штип, осомничените како службени лица сториле кривично дело, тешки дела против општата сигурност. Истите како соизвршители не постапиле според прописите за заштита, одобриле план за акциска контрола за контрола на територија на Кочани, без да проверат дали се запазени одредбите од стандардните оперативни процедури за вршење полициски работи. Овој план кој бил изготвен врз основа на претходно изготвени планови, било постапено“, додаде Коцевски.

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2025-06-13-at-08.54.32

Сопругата на загинатиот Андреј од ДНК испрати отворена порака

Сопругата на Андреј од ДНК, Наталија Ѓоргиевска, преку објава на социјалните мрежи, порача дека го следи процесот за утврдување одговорност кај сите инволвирани лица. Таа пишува дека ќе зборува гласно, ако има селективна правда.- Бараме неселективна правда. Без калкулации, без привилегирани и без заборавени. Ако не ја добиеме - ќе зборуваме погласно. И ќе не' има се повеќе. Ако институциите не покажат дека можат и сакаат да ја спроведат правдата подеднакво за сите – тогаш допрва ќе бараме одговорност. И оставки! - вели таа во објавата на својот фејсбук профил, како коментар на објавена вест.

Коментари | пред 9 месеци

puls-11

Нова тура апсења во Кочани за „Пулс“, над десет полицајци се приведени

Над десет полициски службеници од Кочани и Штип, добиваат статус на осомничени во предметот за пожарот во „Пулс“. Според информации на „Скопје1“ имало повеќе апсења, а меѓу нив се и ексначалници, кои ја имале оваа функција кобната вечер. Истрагата за пропустите на полицијата на води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Полицајците ќе бидат спроведени на распит.Овие апсења се нова „тура“. Претходно, МВР за „Скопје1“ извести дека поднеле три кривични пријави за различни временски периоди.„Првата кривична пријава се однесува во временски период од 2022 до 2024 година вкупно против седум лица, од кој пет се активни полициски службеници и двајца се пензионери. Втората кривична пријава се однесува  во временски  период од 2012 до 2022 година вкупно против 10 лица од кои (двајца службени лица се повторуваат) четворица се активни полициски службеници и шест се пензионери. Третата кривична пријава се однесува во временски  период од 2023 до 2024 година вкупно против тројца полициски службеници од кој еден полициски службеник се повторува“, рекоа од МВР.Детали за апсењата засега не се споделува од институциите.

Македонија | пред 9 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања