Анксиозност, ПТСР и депресија - третина од повредените во пожарот во Кочани се соочуваат со сериозни психолошки последици
Психолошките последици кај преживеаните од трагичниот пожар во Кочани се сериозни и долгорочни, покажува најновото истражување на Универзитетската клиника за психијатрија, кое беше претставено на втората Научна конференција на Универзитетската клиника за дерматологија во Скопје.Истражувањето опфатило 50 лица кои биле повредени во пожарот и лекувани со PDL (Pulsed Dye Laser) за третман на лузни. Резултатите покажуваат дека кај една третина од испитаниците е присутна анксиозност, 27,5% покажуваат симптоми на посттрауматско стресно нарушување (ПТСР), а 21,6% се соочуваат со депресија.„Пожарот во клубот Пулс претставува масовна несреќа од човечки фактор, настан кој според литературата носи значително повисок психијатриски морбидитет од природните катастрофи“, истакна проф. д-р Славица Арсова, директорка на клиниката.Дури 72% од испитаниците пријавиле загуба на блиска личност, што се покажува како значаен фактор за појава на ПТСР. Истовремено, 96% го наведуваат семејството како главен извор на поддршка, што ја нагласува неговата клучна улога во процесот на опоравување.Истражувањето исто така покажува дека избегнувачките стратегии – како повлекување, емоционално дистанцирање и негирање – се поврзани со повисоки нивоа на психолошки нарушувања. Жените, според студијата, се особено ранлива група со повисоки показатели на анксиозност, депресија и ПТСР.„Избегнувањето на проблемот, емоционалното дистанцирање, самодистракцијата, негацијата, како и употребата на психоактивни супстанции и алкохол претставуваат ризични и неефикасни стратегии за справување со траумата“, предупреди проф. д-р Арсова.ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија најавува продолжување на систематското следење и научното истражување на психолошките последици од трагедијата во Кочани, со цел навремено препознавање, намалување на стигмата и обезбедување соодветна стручна поддршка за сите засегнати граѓани.
Македонија | пред 4 часа