Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

КОЧАНИ

IMG_5572

Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека токсиколошките анализи за смртта се нецелосни

Родителите на загинате во дискотекат,,Пулс“ се сомневаат дека токсиколошките анализи за причините за смрт на нивните деца не се целосни и бараат дополнителни вештачења.Александар Наунов, татко на загинато девојче кој е и претседател на Здружението „16 Март 2025 се сомнева дека причина за смрт е и присуството на цијанид во телата на загинатите, но тоа, како што рече не е утврдено со форензичките анализи на МВР, иако било оставено како можност.„Цијанид можен, анализи нема. Сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација отвора прашање за вистинската причина за смртта на нашите најмили. Иако во одговорот во ОЈО се наведува дека вештачењата на Институтот за хемија и анализите на МВР-ОФИ ја потврдиле веројатноста дека испуштање на цијанидни гасови како последица на согорување на материјалите во клубот, е клучното прашање кое останува неодговорено. Дали при обдукциите е направена конкретна токсиколошка анализа за цијанид и други отровни гасови во телата на нашите починати деца. Во обдукциските наоди како причина за смрт е наведено задушување од јаглерод моноксид меѓутоа во самиот обдукциски наод јасно се наведува дека од телата се земени и крв и урина за одредување на јаглерод моноксид, како и за токсиколошката анализа при што изрично стои дека останатите токсиколошки анализи ќе бидат дополнително доставени на семејствата“, праша Наунов.Ова, посочи не е содржано во конечните обдукциски наоди и отвора сериозен сомнеж.Според Наунов, додека не се објават и документираат резултатите од сите дополнителни токсиколошки анализи не може со сигурност да се тврди дека причината за смрт е целосно и точно утврдена.На денешното рочиште воведни зборови треба да даде одбраната на обвинетиот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, Александар Нацев, како и правните застапници на трите обвинети фирми за трагедијата.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryv3901mqr9fc34HuSIWL

Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На денешното рочиште се предвидени воведни зборови на одбраната на Александар Нацев, кого Обвинителството го посочува како неформален, односно реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, задолжена за обезбедувањето на клубот, како и на одбраната на обвинетите правни лица „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани и „Рубикон секјурити солушнс“.Во претходното воведно излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето претставува чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со прашањата кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата. Тој посочи дека пожарот не е последица само на употребата на пиротехника, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола, кои објектот го претвориле во „смртоносна стапица“.Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за „тешки дела против општата сигурност“. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но преку своите адвокати ја оспорија основаноста на обвинението, тврдејќи дека не презеле дејствија што би довеле до пожарот и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина.Во досегашните воведни обраќања своја одбрана изнесоа и сопственикот на дискотеката „Пулс“ Дејан Јованов, сопственикот на „ММММ Кафе“ Митко Стојанов, како и други обвинети. Јованов изјави дека и по девет месеци во притвор не може да поверува во трагедијата и дека никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот, додека неговиот син Михаил Јованов тврди дека против него нема докази. Одбраните на другите обвинети, вклучително и поранешни функционери и инспектори, посочија дека постапувале согласно закон и дека немале надлежност или можност да ја спречат трагедијата.Пожарот избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата „ДНК“, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Според обвинението, дискотеката работела незаконски со години, со над дозволениот број посетители, без соодветни дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Македонија | пред 3 месеци

media-library8iqlkjum6gucfCaIM2K

(Видео) На роденденот на загинатиот Адријан Живков од „Пулс“, пријателите основаа фондација со неговото име и донираа 500 пакетчиња во Чешиново-Облешево

Преку Фондацијата „Адријан Живков“, денеска беа донирани 500 новогодишни пакетчиња за сите деца на територијата на Општина Чешиново-Облешево, во училишта и градинки во повеќе населени места. Донацијата е реализирана на денот кога Адријан Живков, загинат во трагедијата во „Пулс“, ќе го славеше својот роденден, а неговите пријатели одлучија токму преку хуман гест да го одбележат овој датум.Пакетчињата беа поделени во основните училишта „Страшо Пинџур“ во Соколарци и „Климент Охридски“ во Облешево, како и во подрачните училишта во Чешиново, Уларци, Спанчево, Бања, Кучичино, Теранци и Чифлик. Донацијата опфати и три градинки – „Ѕвездички“ во Чешиново и Облешево, како и градинката „Штркче“ во Спанчево.Адријан Живков е еден од трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, најголемата трагедија што ја погоди Македонија, во која животот го загубија 63 лица. Според сведоштвата, во кобните моменти Адријан покажал исклучителна храброст и човечност, обидувајќи се да спаси што е можно повеќе луѓе, при што го жртвувал сопствениот живот.Во негова чест, пријателите ја основале Фондацијата „Адријан Живков“, со цел неговото име да остане симбол на солидарност, емпатија и несебичност. Од Фондацијата истакнуваат дека нивната мисија е да обезбедуваат поддршка и помош за оние на кои им е најпотребна, водејќи се од вредностите што Адријан ги живеел и ги оставил како морално наследство.„Фондацијата ќе продолжи активно да работи и во иднина, реализирајќи донации и хуманитарни активности во негова чест, со цел да помага и да носи надеж таму каде што е најпотребно“, порачуваат неговите пријатели, нагласувајќи дека оваа донација е само почеток на поширока хуманитарна мисија.

Настани | пред 3 месеци

media-libraryd143n0lh9tmfa5C1yiL

Собраниски заклучоци за Кочани: Апасиев повикува на правда, институционална одговорност и обесштетување

Пратеникот и претседател на Постојаната анкетна комисија за слободата и правата на граѓанинот, Димитар Апасиев, информира дека до сите пратенички групи во Собранието доставил Предлог-заклучоци од одржаната седница на Комисијата, поврзана со претставката на родителите на загинатите деца во трагедијата во Кочани.„Очекувам предложените заклучоци да бидат едногласно усвоени на првото продолжение на V-та седница на Постојаната анкетна комисија“, соопшти Апасиев преку социјалните мрежи.Со Предлог-заклучоците најостро се осудува институционалната нефункционалност која доведе до трагедијата од 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што се изразува и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и до повредените. Во документот се укажува на сериозни институционални слабости, системско непочитување на законите и можни обиди за прикривање на одговорноста, што, како што се наведува, наметнува итна и решителна реакција од сите државни институции.Комисијата бара спроведување независна, транспарентна и темелна кривична постапка со која ќе се утврдат сите одговорни лица и институции, при што одговорност мора да понесат и носителите на јавни функции, без какви било исклучоци.Во заклучоците се потсетува дека правото на живот е највисока вредност во уставниот поредок на државата, поради што се упатува повик до Јавното обвинителство да постапува непристрасно, навремено и неселективно, со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства.Дополнително, се изразува загриженост за наводите за корупција во постапките за издавање дозволи и во инспекцискиот надзор. Во таа насока се препорачува Собранието да усвои итни законски измени за унапредување на регулаторниот и инспекцискиот надзор врз угостителските и другите објекти наменети за одржување јавни настани, како и за заострување на кривичната одговорност на службените лица кои не постапуваат согласно закон.Се поддржува и одржување надзорна расправа во Собранието за утврдување на институционалната одговорност и предлагање конкретни мерки за превенција, при што се нагласува потребата од ефикасен и независен правосуден систем и целосно искоренување на корупцијата.На крајот, Апасиев упатува апел до пратениците од власта и опозицијата да постигнат консензус и да донесат посебен закон за обесштетување на семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани, а усвоените заклучоци да бидат доставени до Владата и до Јавното обвинителство.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryvc74dbrkinjrcKieKXn

Сиљановска пред пратениците: Кочани ја доведе државата на ѕидот на срамот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го имаше своето редовно годишно обраќање пред пратениците.Иако ветуваше дека нема да го лека новогодишното обраќање за да и ги соопшти своите ставови на јавноста од собраниската говорница, сепак и оваа година го чекаше декември и празниците.А обеаќањето и беше едно од најдолгите од сите претседатели, говореше за се повеќе од еден час. Ги нотираше и трагедијата во Кочани, состојбата во правосудството, евроинтеграцијата, но изнесе ставови и за стопанството, енергетиката па дури и за дрвокрадците.,,Потребна е политичка волја, наша и на Унијата за да продолжат преговорите.Ние сме предложиле повеќе политички решенија, а ЕУ треба да избере едно од нив или да најде решение самата. Ако можеше да го направи тоа за Украина, може и за нашата држава“, рече претседателката.Говорејќи за трагедијата во Кочани, таа истакн дека сите ќе ја носиме траумата, а со пожарот во кој загинаа 63 лица, на површина излегоа стихијното одлучување недостигот на системска култура и неказнивост.,,Кочани не доведе до ѕидот на срамот. Трагедијаа не беше само несреќен случај, туку резултат на системски пропусти, корупција и институционална неодговорност кои државата ја доведо до ѕидот на срамот”, рече Давкова.Претседателката побара од политичките партии и политичарите да ги прекинат препукувањата на дневна основа на сметка на Кочани. Со овој судски процес, посочи ќе се види дали судството ќе ја стекне или трајно ќе ја изгуби довербата кај граѓаните.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryjkensb0astald29R9Fe

(Видео) 34-ти „Марш за ангелите“ во Кочани: Родителите бараат правда и одговорност за трагедијата во „Пулс“

Денеска во Кочани, со почеток во 14:05 часот, се одржа 34-тиот протестен „Марш за ангелите“, на кој родителите на загинатите и бројни граѓани ја изразија својата болка и незадоволство поради, како што велат, недоволната одговорност за трагедијата во дискотеката „Пулс“.Во обраќањето пред присутните, родител на едно од загинатите деца истакна дека маршот не е израз на навика или инает, туку повик против молкот. „Чекориме за нашите деца, за 63 ангели чии животи згаснаа прерано. Овој марш не е само марш на тишината, ова е тишина што вреска“, рече тој.Родителите порачаа дека болката од загубата не поминува со време, а уште потешко е чувството дека правдата доцни. Според нив, и покрај јасните законски обврски, одредени службени лица од Министерството за внатрешни работи сè уште не се соочиле со обвиненија.„Селективната правда не е правда, молкот не е неутрален, а одолговлекувањето не е случајност. Нашето барање е јасно и легитимно – правда за нив и одговорност сега“, беше порачано на маршот.Настанот помина со голем број учесници кои носеа свеќи и транспаренти, симболично оддавајќи почит на загинатите и упатувајќи повик до надлежните институции за целосна и навремена правда.

Македонија | пред 3 месеци

media-library7n3jh7q76f4jdqiQeON

„Молчењето не е опција“ – 34-ти протестен марш за жртвите од „Пулс“

И оваа сабота, 20 декември, во Кочани ќе се одржи 34-тиот по ред протестен „Марш за ангелите“, посветен на жртвите од трагедијата во објектот „Пулс“. Маршот ќе започне во 14:05 часот.Настанот го организира здружението „16 Март 2025“, кое повторно упати јавен повик до граѓаните од Кочани и од целата држава да се приклучат и заеднички да побараат правда.„Ги повикуваме сите граѓани да чекорат со нас за вистинска правда – за нашите деца кои ги нема и за иднината на сите деца што доаѓаат. Да одиме заедно, во тишината што вреска по правда. Молчењето не е опција, правдата мора да се избори заедно“, се наведува во писменото соопштение на организаторите.Од здружението потенцираат дека секој нов марш е потсетник дека одговорноста за трагедијата сè уште не е целосно утврдена и дека болката на семејствата не стивнува.„Секој чекор, секој поглед и секое присуство е повик за правда“, порачуваат организаторите, нагласувајќи дека маршот е мирен, достоинствен и посветен на сеќавањето на жртвите.

Македонија | пред 3 месеци

Screenshot-2024-12-09-at-22.33.10

Најмалку петмина обвинители не се согласуваат со обвинението за „Пулс“ кое го застапуваат, тврди Туфегџиќ

Обвинението за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ е сериозно проблематично и содржи суштински правни слабости, оценија адвокатите Владимир Туфегџиќ и Еленко Миланов во гостување на ТВ21. Според нив, концептот на обвинението е преширок и неправилно ги третира сите опфатени лица како соучесници, иако голем дел од нив во моментот на трагедијата немале ниту директна, ниту индиректна поврзаност со објектот во кој изби пожарот.Адвокатите сметаат дека ваквиот пристап не кореспондира со основните принципи на кривичното право, особено во делот на утврдување на индивидуална вина, причинско-последична врска и реална можност за влијание врз настанот. Според нив, невозможно е сите опфатени со обвинението автоматски да се третираат како дел од исто кривично дејствие, без прецизна и јасна правна аргументација за секој поединечно.Владимир Туфегџиќ посочи дека бројот на обвинители ангажирани во предметот е симптоматичен и, според него, не е показател за квалитет, туку за внатрешна несигурност во самиот обвинителен концепт. Тој направи споредба со Нирнбершкиот процес, каде што, како што рече, за судење за злосторства од светски размери биле ангажирани само четворица обвинители.„Во овој предмет имате 15 обвинители. Јас лично ги познавам сите и со целосна одговорност тврдам дека најмалку петмина од нив не се согласуваат со ваквиот концепт на обвинението. Тоа го знам, сигурен сум и стојам зад тоа. Но тие го чуваат тоа за себе“, изјави Туфегџиќ.И Еленко Миланов се согласи дека обвинението е поставено на климави правни основи, предупредувајќи дека ваквиот пристап може да доведе до сериозни последици не само за обвинетите, туку и за довербата на јавноста во правосудниот систем. Според него, доколку судот прифати обвинение без јасно утврдена индивидуална одговорност, тоа ќе претставува опасен преседан во македонската судска пракса.Двајцата адвокати оценија дека предмет од ваков обем и тежина бара максимална правна прецизност, а не обид преку масовност и политичко-јавен притисок да се надоместат слабостите во истрагата.

Македонија | пред 3 месеци

media-librarypdeqcl33ol9b1QVMGBk

(Видео) „Срам ми е што сум дел од оваа држава“ – потреснен говор на мајката на загинатата Надица во Собранието

Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова, остро им се обрати на пратениците за време на Анкетната комисија во Собранието, обвинувајќи ги за манипулации, незаинтересираност и децениски системски пропусти.„Прво сакавте да манипулирате со нас родителите, тоа беше срамно од ваша страна. И од државата... Девет месеци никој од вас не се појави во Кочани да подаде рака на нас, да ни изрази сочувство, особено само писменото обраќање... Кај некој отидовме и лично да се видиме и не ни оставија убав впечаток“, рече Наунова.Таа нагласи дека борбата за вистинска правда не е само за нивните деца, туку и за сите други.„Велам ние бараме вистинска правда за нашите деца, но и за вашите деца... Дали сте се запрашале некогаш дали треба да го смениме системот од корен? Да, треба. Ние како обични граѓани стоиме пред вас, не само родители. 35 години гледаме дека системот не функционира.“Во своето излагање Наунова остро го критикуваше односот на институциите и предупреди на последиците од трајната неефикасност.„Ако не го смениме системот, нашите деца ќе се иселат како и ние. Срам ми е што сум дел од оваа држава. Дозволуваме секој ден да гледаме убиства, дозволуваме секој ден да гинат млади личности. Да се иселуваат... а од што? Не е од нас! Од вас е!“, им порача таа на пратениците.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryg3qgiscc44oa9P3fAdf

(Видео) Си седите на телефони, си шушкате, замачкувате очи“ - Павловска од „Кој е следен“ разочарана од пратениците на анкетката за „Пулс“

Анастасија Павловска од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ остро реагираше на однесувањето на дел од пратениците за време на седницата на Анкетната комисија, опишувајќи го како понижувачко и целосно непочитувачко кон родителите на жртвите од трагедијата во Кочани.„Оваа страна покажа нула заинтересираност за целата дискусија која се одвиваше. Ве гледам, си седите на вашите мобилни телефони, си шушкате меѓусебно. Кога се прибраа членовите на медиумите, а голем дел си заминаа – како мислите дека мене, како млад човек во државава, каква слика ми создава? Дека вие ќе можете да соработувате и вистински да се изборите за правда за овие луѓе што собрале храброст да дојдат да се обратат?“, рече Павловска.Таа праша дали навистина некој очекува по вакво однесување младите да стекнат доверба во институциите:„Дали сметате дека јас по денеска ќе излезам од тука и ќе речам: ‘Да, соработуваат пратеничките групи, гледаме дека покажаа емпатија и дека им е важно што имаат да кажат овие родители’? Не. Мене ова ми личи дека е само некоја процедура, само да се замачкаат очите дека ‘еве, конечно ви дадовме Анкетна комисија’. Навистина е многу разочарувачки.“Павловска истакна дека внимателно ги следела емоциите на пратениците, особено во моментите кога зборуваа двете мајки од Кочани, и додаде дека однесувањето е „засрамувачко“.На крајот, упати директен повик:„Ве молам, пишете им на сите ваши колеги да се вратат назад во оваа сала!“

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryl1665rbn007u6hwJ8I1

Спасовски: Игнорирањето е најлош можен пристап кон семејствата на загинатите

„Ова е навистина тешка дебата во којашто се мешаат разумот и емоциите, меѓутоа во моменти кога родителите собираат најголема сила за да учествуваат во дебатата, на нас не треба да ни биде тешко ништо. Треба да бидеме потрезени и поразумни во дебатата ако сакаме да допринесеме барем малку да се смени системот“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната дебата пред анкетната комисија за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.Спасовски нагласи дека трагедијата ги погоди не само семејствата на жртвите, туку и целата заедница: „Загуба има и градот Кочани, државата, изгубени се цели генерации, не само на починатите, туку и на оние кои преживеаја и кои останаа со сериозни повреди“, потенцираше Спасовски.Тој нагласи дека анкетната комисија има задача да го испита функционирањето на системот и институциите, но дека кривичниот прогон останува во надлежност на Јавното обвинителство.Спасовски повика на анализа на законските решенија и сите системски пропусти: „Од 16 март до денеска, најлесно ни е да кажеме ‚системот не функционира‘, но не одговараме на прашањето што направивме за да почнеме да го менуваме системот кој не ни функционира“.Тој потенцираше дека е неопходно да се ревидираат закони и правила кои оставиле простор за манипулација: „Сè што не го дефинираме во законска рамка остава простор за манипулација и различни толкувања, што нè доведува во сериозен системски проблем. Временската рамка сè уште овозможува конкретни акции. Сè уште има време декларативното да го претвориме во дела“, додаде тој.Спасовски истакна дека барањата на родителите и семејствата мора да бидат разгледани и аргументирано образложени:„Игнорирањето е најлош можен пристап, особено кон семејствата на загинатите. Системот ќе го градиме со заедништво и солидарност. Комисијата и секоја друга расправа не смеат да бидат политизирани. Ова е настан во кој нема и не треба да има политика“, истакна Спасовски.Тој потврди дека поддршката на пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе биде целосна во процесот:„Поддршката на пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе ја имате во целиот процес, заедно со законодавниот дом и парламентарното мнозинство, доколку навистина сакаме да направиме промени. Повикувам по завршување на дебатата да седнеме заедно со родителите и заеднички да ги напишеме заклучоците и едногласно да ги усвоиме, за да знаеме како да постапуваме во идниот период“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryjj4pcdjof2in5Kj3dG9

Мојсоска: Трагедијата во Кочани е системски колапс, не несреќа

Пратеничката Јована Мојсоска од Левица оцени дека трагедијата во Кочани не може да се нарече „несреќа“, туку последица на децениски системски пропусти.„Кога една мајка го губи своето дете, тоа не е несреќа. Несреќа е нешто што не зависи од нас. Ова е трагедија создадена од систем кој 35 години функционира со очигледни пропусти: дивоградби, фиктивни инспекции, корупција и институции кои молчат кога треба да штитат. Да не беше упорноста на родителите, Собранието немаше ниту денес да разговара за Кочани. И тоа е најголемиот срам – што жртвите мора да го креваат гласот за да ги натераат институциите да работат“, рече Мојсоска.Таа потсети дека девет месеци по пожарот нема ниту една законска измена која би спречила слична трагедија. „Законот за угостителска дејност се најавува со месеци, инспекциските надзори завршуваат со празни одговори, а институциите сè уште се кријат зад формалности наместо да покажат одговорност. Не е злоупотреба да бараш одговори. Злоупотреба е кога со години се дозволува да работи ‘дискотека на смртта’, кога инспектори земаат мито, кога началници игнорираат прекршоци, кога министер доаѓа на рочишта со службени возила, а политичка одговорност – никаде“, нагласи таа.Мојсоска во своето излагање пред Анкетната комисија порача дека станува збор за системска, а не индивидуална вина, и дека гласот на родителите мора да биде слушнат. „Македонија има изгубено повеќе деца во системски трагедии отколку што губи една држава во војна. Тоа мора да престане“, заклучи таа.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryrpstfg4m9ol55xBIp21

(Видео) Мојсоска: Трагедијата во Кочани е резултат на системски пропусти , а не „несреќа“

На седницата на Анкетната комисија за случајот во Кочани, пратеничката Јована Мојсоска упати сериозни обвинувања за децениски институционални пропусти кои, како што посочи, довеле до смртта на деца и повторување на трагедии што можеле да бидат спречени.„Кога една мајка го губи своето дете, тоа не е несреќа. Несреќа е нешто што не зависи од нас. Ова е трагедија создадена од систем кој 35 години функционира со очигледни пропусти, дивоградби, фиктивни инспекции, корупција и институции кои молчат кога треба да штитат. Да не беше упорноста на родителите, Собранието немаше ниту денес да разговара за Кочани. И тоа е најголемиот срам – што жртвите мора да го креваат гласот за да ги натераат институциите да работат.“Мојсоска потсети дека речиси една година по трагедијата институциите не донеле ниту една законска измена. „Девет месеци поминаа без ниту една законска измена која ќе спречи ваква трагедија да се повтори. Законот за угостителска дејност се најавува со месеци, инспекциските надзори завршуваат со празни одговори, а институциите сè уште се кријат зад формалности наместо да покажат одговорност. Не е злоупотреба да бараш одговори. Злоупотреба е кога со години се дозволува да работи ‘дискотека на смртта’, кога инспектори земаат мито, кога началници игнорираат прекршoци, кога министер доаѓа на рочишта со службени возила, а политичка одговорност – никаде.“Во своето излагање таа додаде дека трагедијата не може да се сведе на индивидуален случај, туку претставува последица на системски пропусти. „Ова не е индивидуален пропуст, туку системска трагедија. Македонија има изгубено повеќе деца во системски трагедии отколку што губи една држава во војна. Тоа мора да престане.“

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryhkb0c9l0m9i68L9KYiC

(Видео) „Дали судницата стана сцена за поезија?“, прашуваат родителите на загинатите деца во „Пулс“ по воведните говори на обвинетите

Со неизмерна болка на лицата, родителите на 63-те млади жртви од кочанската дискотека „Пулс“ повторно маршираа низ градот. Родителите прашуваат: дали судницата се претвори во „Струшки вечери на поезијата“? Дали зборовите, вештите интерпретации и правните конструкции треба да ја покријат смртта на нивните деца?Велат, две рочишта по ред гледаат исто сценарио: префрлање на одговорноста, бегство од фактите, избегнување на вина.„Гледаме како сите ја префрлаат топката еден на друг, а никој не застанува исправено пред вистината. Како е можно денес сите да се ненадлежни, а децата да се мртви?“, рече Александар Наунов, татко на загинатата Надица.Маршот, велат родителите, не е против државата туку за државата конечно да почне да функционира. За да се слушне гласот на нивните деца, кои повеќе не можат да зборуваат.Наунов нагласи дека протестот е крик за правда што ќе продолжи да одекнува:„Не се откажуваме. Нема да молчиме. Ќе бидеме тука на секое рочиште и на секој протест, сè додека правдата не победи. Овој марш е за нашите деца, за нивните згаснати животи, за иднината на сите деца во оваа држава.“Тој потсети дека Обвинителството располага со над 200 гигабајти доказен материјал – снимки, разговори, анализи, вештачења.„Тоа не се празни зборови, тоа се факти“, рече.Но и покрај тоа, одбраната продолжува да тврди дека никој не е виновен, а дел од обвинетите изјавуваат дека „не знаеле“ за постоењето на дискотеката.Судењето започна на 19 ноември. На последното рочиште сите 35 обвинети се изјаснија за невини.Следното рочиште е закажано за 10 декември, а ден претходно, на 9 декември, во Собранието повторно треба да заседава Анкетната комисија, која треба да ги утврди системските пропусти што довеле до трагедијата.Родителите повторија:„Не бараме одмазда. Не бараме крв. Бараме само едно – правда.“

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryl2ltdphhtosqaDTSwh9

Мојсоска: Власта место да смислува изговори, да се појави во Собрание пред родителите од Кочани

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, во гостување на ТВ 24 изјави дека Собранието има обврска да ја искористи својата надзорна улога преку анкетните комисии, особено во контекст на трагедијата во Кочани. Таа оцени дека иако во минатото анкетните комисии биле практично неуспешни и завршувале со различни заклучоци од страна на власта и опозицијата (како онаа за „Онкологија”), очекува поголем демократски капацитет овојпат бидејќи е редно време да се извлече лекција од колективните порази.Мојсоска нагласи дека системските пропусти кои довеле до трагедијата мора да бидат лоцирани, посочувајќи дека тие произлегуваат од законските решенија, правилниците и слично, како и начинот на нивно спроведување. „Собранието е тело кое врши надзор над извршната власт и не смееме да ја потцениме таа улога“, рече таа и потенцираше дека Собранието не смее постојано да се однесува како извршна власт на извршната власт.Таа потсети дека Левица уште пред неколку месеци, во три наврати, иницирала надзорна расправа, но обидите биле блокирани.Мојсоска потсети и дека девет месеци по трагедијата сè уште нема суштински законски измени. Како пример го наведе законот за угостителска дејност, за кој беа нотирани големи пропусти, меѓу нив и можноста дискотека да се отвори само со изјава дека се исполнуваат минималните стандарди. Таа додаде дека, иако од Владата најавија измени, и по девет месеци, тие сè уште не се доставени до Собранието.Оттука, Мојсоска потенцираше дека и една од главните поенти на овие комисии и расправи е потребата да се иницираат законски решенија коишто ќе превенираат идни трагедии.Во врска со претставката поднесена од родителите од Кочани, а по која претседателот на Постојаната анкетна комисија, Димитар Апасиев, закажа седница во вторник - Мојсоска истакна дека датумот за седницата е избран во координација со родителите, затоа што тој е единствениот ден кога не е закажано судско рочиште. Таа додаде дека се поканети и конечно ќе се обратат родителите, поканети се претставниците од власта и сите пратеници.Мојсоска оцени дека не постојат реални пречки за седницата да не се одржи, иако дел од пратениците од власта се повикуваат на почетокот на буџетската расправа. „Буџетската расправа трае пет дена, а минатата година Буџетот се донесе за еден ден. Имаме услови седницата да се одржи“, рече таа и додаде дека приоритет е барањето на родителите и јавноста. Мојсоска потенцираше дека не сака повторно да се случат „креативни обиди“ за спречување на одржувањето на седницата и можноста родителите да се обратат.Во однос на поканите до претседателката Горданa Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски, Мојсоска рече дека засега немаат добиено потврда дека ќе присуствуваат.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryfagqlthlc88t29Cnrqz

Повредена од „Пулс“ сведочи: Столе ме бодреше во Брзата помош, но не издржа, почина во Белград

Животот на ученичката од четврта година во средно стручно училиште за хемија и технологија бил наидно совршен: првенец на генерација, пијанист, дел од училишниот оркестар, дете на лекари со јасна желба – да стане доктор. Сѐ се движело во вистински правец. До 16 март.„Борба – тоа е она што ни останува. И на преживеаните, и на родителите што ги изгубија децата. Секој од нас носи тежина што мора да ја издржи“, вели 19-годишната Надалина Грозданова, девојка која ја преживеа трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ – денот што засекогаш ќе го носи во срцето и на кожата. Денот што однесе 63 животи.„Беше сабота. Го славевме роденденот на мојата најдобра другарка. Потоа петмина тргнавме на настапот на ДНК. Сѐ изгледаше вообичаено – диџеј, бенд, полна дискотека. Ние стоевме во третиот ред. Се вклучи пиротехниката, но не обрнуваме внимание. А потоа, за неколку минути, пламенот беше насекаде“, раскажува Надалина за „Курир“.„Сите тргнаа кон единствениот излез. 600 луѓе – една врата. Другарките излегоа, јас не. Почнав да паничам и се онесвестив. Последното што го памтам се вресоците и обидите на луѓето да се пробијат. Кога се освестив, беше темно. Не сфатив веднаш што се случило. Можеби умот се обидува да ги избрише најстрашните слики.“Се обидела да се извлече сама. „Не знам како успеав. Како да ме водеше нешто посилно од мене. Се сеќавам само на моментот кога поминав низ вратата. Сѐ околу тоа е избришано.“Својот ужас го раскажа и 26-годишната учителка Санела Давиткова – исто така преживеана.„Бевме точно пред бината, под пиротехниката. На почеток ни изгледаше како дел од настапот, сѐ додека пејачот не извика: ‘Излезете сите!’ Речиси сите мои пријатели излегоа, но ние тројца се заглавивме пред вратата. Од излезот ме делеше еден чекор. Кога го почувствував жешкиот воздух, ги ставив рацете преку лицето“, вели таа. Тој инстинкт ѝ го спасил лицето – рацете, пак, и денес ги носат изгорениците.„Понатаму ништо не памтам. Мислам дека кратко се онесвестив. Кога се разбудив – заглавена. Луѓе врз луѓе, вресоци. На вратата го здогледав моето момче. Го викав, но не ме препозна – сите бевме исчадени. Но ме слушна. Не знам како ме извлече.“Додека таа ја очекувала Итната помош, тој се вратил по неговите другари. „Двајцата ги извадија. Столе, еден од нив, момче што многу го сакавме, беше во амбулантното возило со мене. Беше храбар. Ме бодреше дека сѐ ќе биде добро. А тој… не издржа. Почина во Белград.“Санела се лекувала во Солун, потоа се вратила дома. „Тешко е – лузни, воспомините… но се навикнуваш. Работам. Учениците на почеток ме гледаа поинаку, сега е нормално.“И Надалина минала низ долга терапија во Солун – 75 дена со изгореници на вратот, вилицата и левата рака.„Дојдов до болница, разговарав со родителите, а ништо не памтам. Кога се разбудив од кома, не знаев ни зошто сум таму. На интензивна нега ми кажаа што се случило. Дека загинале луѓе што ги знам. Дека изгубив пријатели“, раскажува таа низ солзи.„Како минува времето, сфаќаш што навистина значи загуба. Не е лесно да се живее со тоа. Но останува борба. Тоа ми е најголемата животна лекција. Сфаќам колку е минливо сè што мислев дека вреди. Сонував за титулата првенец на генерација – и ја добив. Но на интензивна нега, таа титула не вреди ништо. Само сакаш да преживееш. Да се разбудиш. Да ги видиш твоите. Сè друго е помалку важно. Тоа е суштината.“

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryoag7ap4dmdqc6gm7dFC

„63 сенки ќе ги следат засекогаш“ – мајката на загинатиот Томас со болна порака пред новото рочиште за трагедијата во Кочани

Пред денешното продолжение на судскиот процес за „Пулс“, силна и емотивна реакција испрати Јулија Златкова, мајка на еден од загинатите, Томас Златков. Таа, очигледно потресена, пред новинарите зборуваше за болката која не згаснува и за огорченоста од ставот на обвинетите на претходните рочишта.63 убиени деца, 63 уништени иднини на децата и нивните семејства. Многу контрадикторно беше што на минатото рочиште никој од обвинетите не се изјасни за виновен. Зарем треба ние родителите да ги потсетиме зошто тие се наоѓаат во судницата? Никој од нив немаше ни грам совест ни човечност да ја признае својата вина. Ни монструмот, ни син му, ни брат му, ни соучесници дали биле од прв од втор од трет ред, никој не покажа барем човечност, а сите ние знаеме кој е виновен и се надевам дека ќе ја добиеме правдата за нашите убиени деца! 63 не е само бројка! 63 не е статистика! Тоа се млади убиени деца и 63 сенки ќе ги следат засекогаш. Искрено се надевам дека овие деца и ние семејствата ќе ја добиеме правдата бидејќи овие деца заслужуваат правда,“ вели Јулија Златкова, мајка на Тома Златков.Трагедијата што однесе 63 животи и натаму остава длабоки рани, а родителите и блиските очекуваат дека судскиот процес конечно ќе донесе одговорност и правда.

Македонија | пред 3 месеци

media-library5p5a80erjoigbXW4Eoo

Формирана Анкетната комисија за утврдување на околностите за трагедијата во Кочани и другите несреќи и трагедии

Со 84 пратеници „за“, без ниту еден против или воздржан, Собранието денеска ја изгласа иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ за формирање Анкетна комисија што ќе ги испита околностите поврзани со трагедијата во Кочани, како и со други несреќи и трагични настани што се случија во земјава во последните години.Комисијата ќе има задача да утврди каде настанале пропусти во институциите, како функционирале надлежните служби во критичните моменти и дали имало пропусти во постапките за превенција и контрола.Крајната цел, како што беше истакнато на расправата, е да се утврди одговорност каде што постои, но и да се предложат реформи за унапредување на системите што треба да ги штитат граѓаните од вакви трагедии во иднина.Пратениците кои ја поддржаа иницијативата нагласија дека јавноста очекува транспарентна и сериозна анализа на причините за повеќекратните несреќи во земјата и дека формирањето на ваква комисија претставува чекор кон враќање на довербата во институциите.Комисијата ќе започне со работа веднаш по конституирањето и изборот на претседател, членови и рокови за постапување.

Македонија | пред 3 месеци

media-library3b7mkhun5djler7FN44

(Во живо) „Дејан не е монструм“ - адвокатката на газдата на „Пулс“ жестоко го брани пред судот

Адвокатката на Дејан Јовановски-Деко, газда на „Пулс“ кажа дека тој не е монструм, ниту виновен за трагедијата во која загинаа 63 лица.„Тешко ми е да го бранам човекот што за сите вас, во вашите очи е убиец, а за мене само еден обичен човек. Еден обичен човек кој колку и да го правите монструозен, тој не е. Тој е човек на кого му падна на товар, институционалната одговорност. Не сме свесни ниту колку локали и моментално функционираат пропуштени од институцинален надзор, кој во конкретниот случај ниту ние немаше да го осазнаеме, ако ја немавме и немарноста на ангажираните музички артисти (ДНК) кои биле ангажирани во локалот на Дејан“, рече адвокатката.„Дејан е човек, а не монструм. Не сакал тоа да се случи. По оваа трагедија која е последица на долгогодишната непрофесиналност на системот, морам да напоменам дека и јас како човек кој живее во ова општество, барам правно издржана завршница.Таа го критикуваше обвинителниот акт.„Ова е најиздржаното обвинение. Говорот на Обвинителството беше поетичен“, додаде таа.СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО:

Настани | пред 3 месеци

media-libraryehq9ked41u88cWjlnc1

Во ќелија кај обвинет за „Пулс“ кој е во притвор најдени се 13 телефони и лаптоп, се правдаше: Jас ги најдов таму уште кога влегов

Во судницата во Идризово, се одржува ново рочиште за случајот „Пулс“, на кое обвинетите треба да се изјаснат за вина. Главна расправа веднаш беше ставена во втор план, откако судијката Дијана Груевска Илиевска го соочи обвинетиот Џеваир Камбери со сериозна злоупотреба направена додека е во притвор.Според информациите изнесени во судот, при претрес на неговата ќелија во истражниот затвор „Скопје“ биле пронајдени 13 мобилни телефони и еден лаптоп, која не смеел да ја има.На прашањето на судијката како е можно ваква опрема да се најде кај него, Камбери се обиде да се оправда со реченица што ја шокираше судницата:„Јас ги најдов таму уште кога влегов.“Груевска Илиевска реагираше:„13 мобилни телефони сте ги нашле вие? Ве молам… знаете што следува понатаму – самица и други мерки.“Камбери е обвинет како службено лице – советник во Министерството за економија. Според обвинението, тој е дел од синџирот што овозможил „Пулс“ да работи со фалсификувани лиценци. Се товари дека примал поткуп и изготвувал лажни службени исправи, при што, според ОЈО, зел 226.000 денари за да издаде фалсификувана лиценца за кабаре – без да биде запазена законската постапка.

Македонија | пред 3 месеци

media-library7pnfehdj6at30jwBojW

(Видео) Ново разочарување кај родителите од Кочани, по одложувањето на второто рочиште: Нѐ третираат како во административен записник!

Александар Наунов, татко на трагично загинатата Надица во пожарот во дискотеката „Пулс“, ја сподели својата болка на денешниот Марш на ангелите.„Првото рочиште го дочекавме со надеж. Второто го дочекавме со треперење, а го испративме со тешко разочарување“, изјави Наунов пред медиумите. Тој посочи дека одложувањето не ја зема предвид болката на родителите кои ја изгубиле својата деца и дека секојдневно живеат со неизмерна загуба.Наунов ги нагласи и неправдите што ги почувствувале во судот, каде родителите биле ставени лице в лице со обвинетите без никаква организација или заштита.„Како да сме еднакви страни во нечиј административен записник, а не родители што ги изгубија своите деца“, рече тој.Таткото на Надица повика на професионалност, сериозност и човечност во судската постапка и истакна дека очекуваат да се утврди одговорност за сите пропусти, вклучително и кај полициските службеници.„Нашите деца нема да се вратат, но за нив, за нивното име и спомен, ние нема да престанеме да бараме вистина и правда“, додаде Наунов.На крајот од својата изјава, тој побара итна правда за сите 63 деца загинати во пожарот и изрази благодарност до граѓаните кои ги поддржуваат: „Заедно ќе ја добиеме правдата!“

Македонија | пред 4 месеци

media-library99lagppa78s19gMYX12

„Марш на ангелите” во Кочани: Со љубов и болка, за вистинска правда, за Македонија со совест

Во Кочани денес повторно ќе се одржи „Маршот на Ангелите“, ќе започне во 14:05 часот, под мотото: „Со љубов, со болка и со достоинство – во име на оние кои повеќе не се тука“.Организаторите потсетуваат дека зад секоја статистика стои човек – живот што не може да се врати и болка што не избледува.„Нашата мисија е длабока и човечка: за нашите деца, за вистинска правда, за Македонија со совест“, истакнуваат родителите.Клучно е велат, општеството да покаже дека неправдата не смее да остане незабележана и дека има луѓе кои не се откажуваат од вистината.

Македонија | пред 4 месеци

media-librarym03jfcgescoj6h3izlG

Продолжува мегапроцесот за трагедијата во „Пулс“: Одбраната денеска ги дава воведните зборови

Судницата во Идризово денеска треба да се одржи второто рочиште од големиот судски процес за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година животите ги загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. По воведниот говор на обвинителството на првото рочиште, денеска се очекува обвинетите да се произнесат за вината, по што одбраната ќе ги даде своите воведни обраќања.Рочиштето повторно ќе се одвива под силни безбедносни мерки, со присуство на роднините на загинатите, новинари и голем број правни застапници. Постапката ја води судијката Диана Груевска Илиевска, која уште на почетокот најави дека ќе има нулта толеранција за недисциплина и нема да дозволи непотребни одолговлекувања.Обвинителот Борче Јанев во своето излагање минатата недела порача дека трагедијата не може да се сведе само на моментот на активирањето на пиротехниката, туку дека станува збор за „години институционален молк, игнорирање на ризици и системски пропусти“ кои го претвориле клубот во, како што рече, „смртоносна стапица“. Според обвинението, објектот функционирал повеќе од една деценија без минимални услови за работа: без противпожарен систем, со затворени прозорци, користени лесно запаливи материјали и само еден излез за евакуација.Јанев истакна дека доказите ќе покажат оти опасностите биле видливи со години, но службените лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и други функционери – „ги наследувале и продолжувале утврдените обрасци на непостапување“. Според обвинителството, токму таквата рутина на игнорирање предупредувања довела до непрекинат причинско-последичен тек што резултирал со трагедијата.Осум месеци по пожарот, на обвинителната клупа седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица. Меѓу обвинетите се: Дејан Јованов, Митко Стојанов, Михаил Јованов, Гроздан Милковски, Милка Едровска, Тодор Јованов, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков, Николчо Гоцев, Ратко Димитровски, Николчо Илијев, Љупчо Папазов, Јане Јанчески, Лазар Захариев, Ивица Грозданов, Мартин Горгиев, Стојанчо Димитријев, Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути, Џеват Селами, Љупчо Грнчиштанов, Ваљон Сараќини, Крешник Бектеши, Џеваир Камбери, Шовкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи, Миле Ампов, Блашка Ефтимова, Весна Кузмановска, Емил Митев, Размена Чекиќ-Дуровиќ, како и правните лица „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани, „Рубикон Секјурити Солушнс“ и „Венци Проект“ ДООЕЛ Кочани.

Македонија | пред 4 месеци

afrim-gashi

Анкетната комисија за случајот во Кочани привремено стопирана – Собранието бара доработка на иницијативата

На денешниот редовен состанок со координаторите на пратеничките групи, претседателот на Собранието Африм Гаши соопшти дека иницијативата за формирање анкетна комисија за трагичниот настан во Кочани, поднесена од СДСМ и Левица, е вратена на дополнителна доработка.Според Гаши, предлогот не е усогласен со собранискиот Деловник, затоа што опозициските пратенички групи побарале мнозинство во Комисијата и истовремено да го имаат и претседателското место. Тој потсети дека членот 124 од Деловникот не дозволува состав во кој една страна доминира во двата елементи – мнозинство и раководење со Комисијата.Првичната структура предложена од СДСМ и Левица предвидувала: четири членови од СДСМ, четири од ДУИ, тројца од ВМРО–ДПМНЕ, двајца од Вреди и еден од ЗНАМ, со претседател од опозициските редови.Гаши исто така информираше дека во Собранието сè уште не пристигнал предлог за промени во составот на Владата. Тој нагласи дека веднаш по доставувањето, седницата за кадровските измени може да биде свикана без одложување.Во однос на Изборниот законик, Собранието очекува од Министерството за правда официјално да го извести дали се подготвува нов текст. Дури по тоа ќе се одлучи дали да се формира пратеничка работна група која би работела на измени на изборните правила.Гаши најави дека пакетот реформски закони поврзани со правосудството ќе биде ставен на дневен ред веднаш штом стигнат во законодавниот дом. Посебно ја издвојува измената на Кривичниот законик што произлегува од неодамнешната одлука на Уставниот суд за застарување на делата „злоупотреба на службена положба“. Според него, измените би можеле да бидат усвоени до 26 декември.Кога станува збор за изборот на Народен правобранител, Гаши истакна дека процесот зависи од договорот меѓу политичките партии застапени во Собранието.

Македонија | пред 4 месеци

media-librarygph134rmne6kays8WVH

Адвокатка предупредува по првото судење за Пулс: „Фрази како ‘ќе стигнеме до вистината’ ја изместуваат улогата на судот

Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска реагираше на воведната изјава на судијата на почетокот од судењето за случајот „Кочани“, во која тој рече дека „ќе се стигне до вистината“. Според неа, ваквата формулација може да создаде погрешна претстава во јавноста за улогата на судот и на одбраната во современата кривична постапка.Јошевска-Анастасовска потсетува дека со реформите од 2010 година, кривичната постапка во Македонија премина од модел на „утврдување материјална вистина“ кон модел што го става акцентот на фер-постапувањето, еднаквоста на странките и докажувањето на обвинението „надвор од разумно сомневање“.Според неа, изјави кои алудираат на „една апсолутна вистина“ може да ја збунат јавноста и да создадат впечаток дека одбраната е спротивставена на вистината или дека има негативна улога во процесот.„Судот не е орган што треба самостојно да ја бара апсолутната вистина, туку неутрален арбитер што ги оценува доказите на обвинителството и одбраната. Ако ова јасно се објасни, јавноста подобро ќе разбере зошто обвинетите имаат право на бранител и право да изнесат аргументи различни од оние на обвинителството“, вели таа.Адвокатката нагласува дека судот треба внимателно да ја формулира својата комуникација за да не создаде впечаток дека одбраната е „непријател на вистината“, туку да објасни дека сите страни во судницата се таму за да се утврди дали обвинението е правно одржливо.„Тонот не смее да имплицира дека одбраната е нужно зло кое мора да се толерира. Целта на постапката е фер и транспарентен процес, а не моралистичка потрага по апсолутна вистина", додава Јошевска-Анастасовска.

Коментари | пред 4 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања