Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

КОЧАНИ

media-librarymc6esn341thq49hHKDa

(Видео) Супорт Кочани: Ни се закануваат бидејќи ја говориме вистината

Гости во Претрес со Ландов, кој вечерва се емитува во живо од Кочани се родители на починати, преживеани и со хероите на градот.Од Супорт Кочани укажуваат на проблемите со кои се соочуваат, на несоодветниот однос на новата директорка на болницата која дури и врти глава од нив, иако има и пожртвувани медицински лица.Политичарите велат политика тераат.„Ние имаме дури и закани бидејќи многу сме зборувале, а ние ја говориме вистината”, велат од Супорт Кочани.Во вториот дел од Претрес за нивната болка и трагедијата ќе говорат Розета Блажева, сестра на загинатиот Јорданчо Џамов и Светлана Стојанова, мајка на загинатиот Андреј Стојанов.

Македонија | пред 5 месеци

media-library3c6tq1rv06ne39Dso0j

(Видео) Хероите од Кочани: Сѐ се сведува на пропаганда и политизирање

Претрес со Ландов, вечерва во живо од Кочани.За трагедијата и состојбата отворено говорат родители на загинатите, преживеани и хероите што не молчат. Во Кочани и по седум месеци кога во пожарот во дискотеката Пулс загинаа 63 лица, има болка и револт.Во првиот дел од Претрес говорат Ана Вучева, една од преживените од пеколот. Таа е дел од маркетинг тимот на „Супорт Кочани”, Иван Ивановски, иницијатор за основање на „Супорт Кочани” и Дарко Стоилов, претседател на здружението.Не сакаат да кажат кој им задал нож во грбот, имаат проблеми, но секогаш одат напред за решавање на проблемите.„На Кочани не му требаат ветувања и големи пари, туку добро образование, здравство и настани. Најверојатно не не разбираат. Се сведува се на пропаганда и политизирање”, вели Иван.Ана сака да има позитивна енергија и дружба во центарот. И дава надеж дека ќе почне процесот за да се добие правда.Од повредените дел се добро, но има повредени со ампутирани делови, со тешки изгореници и ќе им требаат трансплантации и помагала.Дарко говори за девојка која била сместена во Систина и на која и требале средства за трансплантација, бидејќи треба да се набави од странство.

Македонија | пред 5 месеци

media-librarys5rpceji555g93jcX9Y

(Видео) Инцидент на „Маршот за ангелите“: родителите на жртвите од „Пулс“ се соочија со обвинет, го затекнаа во кафеана

Инцидент го одбележа денешниот 27. „Марш за ангелите“ во Кочани, кога учесниците го затекнаа обвинетиот во случајот за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, поранешен градоначалник на градот Ратко Димитровски во друштво на кандидат за градоначалник Владко Грозданов, во кафеана.Настанот се случил додека колоната на родители и роднини на загинатите поминувала покрај објектот, по што дошло до кратко вербално соочување.И покрај инцидентот, маршот продолжи по веќе воспоставената рута – од Паркот на револуцијата, преку Трговскиот центар, Управата за јавни приходи, Полициската станица и Основниот суд, за повторно да заврши таму од каде што почна.За разлика од претходните маршеви, родителите овојпат не дадоа официјални изјави за медиумите, но нивните пораки беа испратени јасно и гласно преку транспарентите што ги носеа: „Крив е системот, не беше несреќа“, „Правда за нашите деца“, „Одговорност, не забораваме“.Десетици граѓани, и покрај дождливото време, им се приклучија во маршот, кој неколку минути го блокираше сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.Со денешниот марш, родителите уште еднаш ја потврдија својата решеност да не замолчат додека не се утврди вистината и не се казнат одговорните за трагедијата во „Пулс“, во која загинаа 63 млади животи.

Македонија | пред 5 месеци

puls-6

Одобрено и второто обвинение за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Кривичниот суд информира дека е одобрено и второто обвинение за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со што предметот преминува во судска постапка.Советот за оценка на обвинителниот акт го прифатил и второто обвинение со број КО 2317/25, поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.Обвинението, поднесено на 4 септември 2025 година, се однесува на едно лице – А.Н., осомничен за кривично дело по член 292 став 2 во врска со член 288 став 3, став 2 и член 22 од Кривичниот законик.Според информациите од судот, А.Н. се јавува како одговорно лице и реален сопственик на обвинетото правно лице „Рубикон секјурити солушн“ увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, фирма за обезбедување на имот и лица.Со одобрувањето на обвинителниот акт е формиран кривично-правен предмет со број К.бр. 1970/25, кој, согласно АКМИС-системот, е распределен кај судијката Биљана Смаќовска за понатамошно постапување.Кривичниот суд информира дека за сите нови информации поврзани со постапката, јавноста и странките ќе бидат дополнително известени.

Македонија | пред 5 месеци

kocani-puls-protest-4

Блокадите ќе бидат во мирување: Родителите на жртвите во пожарот во „Пулс“ очекуваат фер судење

Родителите на младите кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани решија да ги стават во мирување најавените секојдневни блокади на сообраќајот, откако конечно беше закажан датумот за почеток на судскиот процес.Од здружението на родителите велат дека одлуката да се прекинат блокадите не значи дека ќе престанат со борбата – напротив, тие најавуваат дека ќе продолжат со симболичниот „Марш за ангелите“ секоја сабота, како потсетник на општеството дека трагедијата не смее да се заборави и дека одговорност мора да има.„Ќе го следиме судскиот процес внимателно, ќе бараме тој да биде фер, транспарентен и непристрасен. Секој кој има вина мора да одговара“, велат од здружението.Пожарот во дискотеката „Пулс“ во март годинава однесе 62 животи, претежно млади луѓе, и остави трајни последици врз локалната заедница и јавноста. Од тогаш па наваму, родителите неколку пати организираа протести, блокади и јавни повици до институциите, обвинувајќи ги за бавност и незаинтересираност.Иако одлуката за мирување на протестите доаѓа како резултат на конкретен чекор од правосудниот систем, семејствата јасно ставија до знаење дека ќе останат будни и ќе реагираат ако процесот почне да се одложува или да се одвива со недозволиво темпо.

Македонија | пред 5 месеци

media-library6qjfqdevu3o39AJNWkz

Закажано првото судење за трагедијата во Кочани, познат датумот на одржување

Главната расправа за кривично-правниот предмет К.бр. 1872/25, поврзан со страшниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, е закажана за 19 ноември 2025 година, со почеток во 09:30 часот, во судницата на КПУ „Идризово“.Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека обвинителниот акт, кој првично беше поднесен од ОЈО Кочани, а потоа по одлука на Јавниот обвинител на Република Македонија пренесен во надлежност на Скопското јавно обвинителство, е одобрен во целост.Според судот, предметот согласно АКМИС-системот е распределен на понатамошно постапување кај судијата Диана Груевска Илиевска.Дополнително, заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025 год., 26.11.2025 год., 2.12.2025 год., 4.12.2025 год., 10.12.2025 год. и 11.12.2025 год, а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини. Поканите до странките се веќе во фаза на достава.

Македонија | пред 5 месеци

media-libraryn9dtdk4de0d93L6ast9

(Видео) Ѕвездено небо во Штип во чест на Панчо

Граѓани се собираат во Штип за да му оддадат почит на Владимир Блажев Панчо, член на групата ДНК. Тој по седум месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс”, не успеа да се избори и почина од повредите и изгорениците од пожарот.„Во чест на Панчо, под отворено небо, Штип ќе застане во тишина за младиот човек кој зад себе остави неизбришлива трага меѓу пријателите, семејството и целата заедница. Настанот, организиран под мотото Ѕвездено небо во чест на Панчо е симболичен гест на благодарност и сеќавање”, велат организаторите.На социјалните мрежи се шират пораки: „Небото да блеска како што Панчо блескаше за сите нас.”Панчо е 63-та жртва од пожарот во дискотеката „Пулс“.Панчо ќе биде погребан утре на градските гробишта Бутел во Скопје, во 12 часот.Третата по ред, блокада од страна на родителите на загинатите во дискотеката Пулс, беше без изјави, во знак на почит кон вокалот на ДНК, Владимир Блажев – Панчо.

Македонија | пред 5 месеци

media-library4sk0809m0a2j5ZeuNWq

“Систина” со последна порака за Панчо: Се боревме 213 дена и верувавме до крај

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со длабока тага се прости од пејачот Владимир Блажев – Панчо од групата ДНК, кој почина по речиси седум месеци лекување од тешките повреди здобиени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.„Почивај во мир, драг наш Панчо… Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета. Нема зборови за утеха за твоите два ангела – Марјан и Андреја, и за твојата Маја. Нема зборови што можат да ги запрат солзите на нашите доктори, сестри и болничари кои беа 24 часа со тебе. Целата болница, заедно со тебе и твоето семејство, се боревме и верувавме“, стои во објавата на болницата.Неговата смрт предизвика бура од емоции и жалење низ јавноста, а бројни јавни личности и граѓани изразија сочувство до семејството и блиските.

Македонија | пред 5 месеци

media-libraryfegui34lqg04aYFOOfY

Потресна исповед на Елена Ристеска за Панчо: Ме скрши на милион парчиња, како да се радувам јас кога те нема?

Поп-пејачката Елена Ристеска со силни емоции се прости од својот долгогодишен пријател и колега Владимир Блажев – Панчо од групата ДНК, кој почина по неколкумесечна битка со тешките повреди здобиени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.„Ах, бре Пане, ме скрши на милион парчиња! Не стигнав да ти кажам колку те сакам, а си замина! Останаа недоречени многу работи. Не знаев дека вака ќе боли – како за роден брат. Ми беше брат кој никогаш го немав,“ напиша Ристеска во својата објава на социјалните мрежи.Таа со потресни зборови се присети на нивното пријателство и заедничките моменти:„Со кого сега да се смеам, кога нашите шали само ние си ги разбиравме? Со кого да седам на клупи во маало и да си зборувам со саати? Од правење друштво во диско дур пушташ музика, до одење на литургија заедно. Спотови, дуети, турнеи, концерти… Се прејадувавме со бајадери додека се возевме. Се лутевме еден на друг како вистински брат и сестра.“Ристеска откри и дека токму пред трагедијата разговарале за нов заеднички дует со ДНК, кој, за жал, останал незавршен:„Со жар и возбуда ми ја пушташе секоја нова песна, последно ми пушташе идеи за наш дует со ДНК кој никогаш не го снимивме.“„Со кого сега да споделувам нешто што го имав само со тебе? Ах, бате мој, како да се радувам јас кога те нема? До следно видување, таму горе, каде нема неправди и болка,“ завршува нејзината објава.

Македонија | пред 5 месеци

media-libraryuujqe82jhi3gdWIKOJl

Родителите на загинатите со потресна порака за смртта на Панчо: Почивај во мир, пренеси им поздрав на нашите ангели

Здружението „16-ти март“, кое е формирано од дел од родителите и семејствата на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, упати емотивна порака по смртта на пејачот Владимир Блажев – Панчо, деветтиот член на групата ДНК кој го загуби животот по трагедијата.„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Владимир Блажев – Панчо. Бог да ви даде сила. Со длабока тага и солзи во очите ја примивме веста за загубата на уште еден млад живот – талентиран пејач, полн со енергија и музика што допираше до срцата. Замина прерано, оставајќи празнина која не може да се пополни“, стои во објавата.Од здружението потсетуваат дека Панчо е 63-та жртва на пожарот во „Пулс“, трагедија која остави длабоки последици и траума кај семејствата на настраданите.„Како родители што ја почувствувавме најголемата болка – губење на дете – ја знаеме бездната на оваа тага. Вашата болка е наша болка, вашата загуба е наша загуба. Ги чувствуваме секоја солза, секој празен момент што го остава оваа трагедија“, напишаа од здружението.Во објавата тие испратија и порака за правда: „Ова не е број – ова е живот што носеше радост и надеж. Колку уште срца ќе бидат скршени? Колку уште семејства ќе страдаат? Правдата мора да се извојува – за Панчо, за секоја жртва, за секој млад живот што беше одземен. Ние нема да молчиме!“Здружението завршува со емотивна порака: „Почивај во мир, Панчо. Нека ти е светол патот до Царството Небесно. Пренеси им поздрав на нашите ангели – засекогаш ќе останете во нашите срца.“

Македонија | пред 5 месеци

media-library4tkh3n6vovnk3DFKiUm

„Трагедијата во 'Пулс' ѝ го одзеде животот брутално и прерано“, но Сања Христова од Облешево живее во спомените на сите

Поминаа седум месеци од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, но спомените за Сања Христова од Облешево не избледуваат.Сања, која беше жртва на фаталниот пожар, имаше само 25 години. Таа беше дипломиран психолог на Славјанскиот факултет, со искрена желба да им помогне на луѓето. Нејзината мајка, Ангелина Христова, во изјава за Канал 77 вели дека Сања имала неверојатна способност да ги разбира луѓето тивко и без осуда.„Таа ги разбираше луѓето со зборови што лечеа. Секогаш стоеше на страната на најранливите – осамените, отфрлените, најмалите,“ вели Ангелина.Во нејзините зборови се чувствува и болка и гордост: „Покрај хуманоста, Сања беше љубопитна и отворена кон светот. Работеше и во странство, сакаше да научи, да види нови нешта. Имаше соништа исполнети со љубов, надеж и желба за подобар свет.“Особено ја обожуваше природата и животните, а кучињата беа нејзина најголема љубов. „Секое напуштено или изгубено куче за Сања беше повик за акција, за грижа и љубов,“ раскажува нејзината мајка.Трагедијата што се случи во Кочани ѝ го одзеде животот брутално, неправедно и прерано. Но нејзиниот дух не може да се избрише. Сања живее понатаму – во секое спасено куче, во секој топол збор што некогаш го кажала, во секој спомен што ги грее срцата на оние што ја познаваа.„Сања не е само жртва. Таа е симбол на добрината што светот ја бара. Љубовта што ја ширеше нема крај. Таа е жива – во сите нас,“ додава Ангелина Христова за Канал 77.

Македонија | пред 5 месеци

media-libraryinkk4m84mibubJNwixZ

По дописот за случајот ‘Пулс’: Комората обвинува за притисок врз адвокатите, а на судењето гледаат како тест за прсвосудниот систем

Адвокатската комора на Република Македонија реагираше остро на дописот на јавниот обвинител Љупчо Коцевски во врска со предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во своето соопштение, Комората порача дека тврдењата на обвинителството се неосновани, неточни и претставуваат мешање во независноста на адвокатската професија.Од Комората наведуваат дека адвокатите биле целосно запознаени со обвинението и доказниот материјал, спротивно на тврдењата на обвинителот дека даваат коментари „без да ја знаат содржината на обвинението“. Според нив, со поднесувањето на обвинението тоа станало достапно за јавноста, а со тоа и за сите правни застапници.Во однос на наводите дека адвокатите го нарушиле угледот на судот, Комората нагласува дека ниту еден адвокат не постапувал спротивно на Кодексот за професионална етика. „Адвокатите имаат уставно и законско право на слобода на изразување, да даваат правни мислења и критички осврти во предмети од јавен интерес,“ се наведува во реакцијата. Тие додаваат дека досега нема забелешки од ниту еден суд дека бил нарушен неговиот углед, и оттука не е јасно зошто Јавното обвинителство се впушта во проценки кои не се во негова надлежност.Комората потсетува дека досега повеќе експерти и правни аналитичари укажале дека, со оглед на бројот на обвинети и оштетени лица, процесот реално ќе трае подолго. Затоа, реакцијата на обвинителството на ваквите забелешки ја сметаат за неразбирлива.„До сега не е утврдено дека ниту еден адвокат на кој било начин ја одолговлекувал или оневозможувал постапката. Напротив, истрагата во целост ја водеше Јавното обвинителство,“ се наведува во соопштението. Од таму потсетуваат дека токму обвинителството во изминатиот период јавно изнесувало детали за обвинетите и нивните дејствија, пред обвинителниот акт формално да стапи на сила.Комората потсетува дека во случајот има повеќе од 60 загинати и над 200 оштетени лица, а адвокатите настапуваат и како бранители на обвинетите и како полномошници на оштетените, што, како што велат, ја исклучува можноста за намерно одолговлекување на постапката.„Судот вложи максимални напори за обезбедување услови за почеток на процесот, и тоа го цениме,“ стои во реакцијата.Во завршницата, Адвокатската комора порача дека обвинителството не е суд, туку странка во постапката, и дека со вакви дописи се повредува независноста на адвокатите и се создава впечаток дека се врши притисок врз одбраната.„Ова судење ќе биде тест за ефикасноста и правичноста на целиот правосуден систем. Сите страни мора да постапуваат професионално и со взаемна почит, водејќи се од принципите на владеењето на правото,“ завршува соопштението на Адвокатската комора.

Македонија | пред 5 месеци

media-libraryq8g4t38olrj610cbDWF

Почина полицаец од Кочани осомичен во случајот “Пулс”

Почина пензионираниот полицаец, Владо Петров, кој беше во притвор поради поврзаност со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.Независниот синдикат на полицијата ja соопшти веста на својот ФБ профил.“Денес за жал трагедијата од Кочани ја зема својата 63та жртва, за која најверојатно никој нема да зборува и да сноси одговорност.Владо Петров беше колегата кој од пензија беше испратен во притвор затоа што додека бил Главен испектор за собраќајни работи потпишал некаков документ за паркинг просторот пред дискотеката. Владо за жал не го издржа притисокот за кој ние вчера зборувавме и не успеа да види ништо од пензијата. Почивај во мир голем човеку. Правда за полицијата е повеќе од потребна, а веќе многу доцни. КАЈ ЌЕ ВИ ОДАТ ДУШИТЕ”, прашува Синдикатот.Ниту еден од осомничените полицајци не беше во притвор, туку со мерки за обезбедување присуство.

Македонија | пред 5 месеци

media-libraryi2rogcjjj9ofe3CaLQm

Кочани загуби уште еден млад живот, почина 23-годишниот Кико во болницата во Ријека, цела Македонија собираше пари за неговото лекување

Малдиот Кристијан Сребреновски за кого се собираа средства за лекување, не се избори со тешката болест.На социјалните мрежи негови блиски ја соопштија веста за прерано починатиот Кристијан.23-годишното момче од Кочани се бореше за живот во болница во Ријека Хрватска, откако му беше дијагностициран карцином на тестис со метастази во глава.За краток период беа извршени три операции.

Македонија | пред 5 месеци

Oliver-Spasovski

ВМРО-ДПМНЕ: Дали Оливер Спасовски ургирал во СВР Штип за да се заштити газдата на дискотеката „Пулс“?

ВМРО-ДПМНЕ бара одговори од институциите поради, како што наведува, сериозни сомнежи дека поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски вршел притисок врз полицијата во Штип и Кочани со цел да се заштити газдата на дискотеката „Пулс“.„Јавноста мора да добие одговор дали Оливер Спасовски, во својство на министер, лично се јавувал во СВР Штип и барал да се изврши притисок врз полицијата во Кочани за да се заштити газдата на дискотеката ‘Пулс’“, стои во соопштението на партијата.Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека во јавноста се појавиле телефонски разговори од 17 февруари 2022 година, во кои синот на газдата на дискотеката, Михаил Јованов, наводно се пофалил дека „Оливер Спасовски се јавувал у Штип у полицијата за нас“.Во разговорот, според објавените транскрипти, се споменува и казна од 40.000 денари од Управата за јавни приходи, која наводно требало да биде „средена“ преку политичка интервенција.„И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се посерат“, стои во дел од објавениот разговор.„Ова е сериозно обвинување за злоупотреба на функција, влијание врз институциите и партиска заштита на блиски бизниси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, прашувајќи дали Јавното обвинителство покренало постапка по овие наводи и дали Спасовски бил повикан на разговор.Партијата бара одговор и дали е извршена контрола во СВР Штип и ОВР Кочани, како и дали обвинителот Коцевски „работи според закон или по партиска нарачка“.„Коцевски и ЈО да не молчат. Ако не е постапено, тоа значи дека обвинителството свесно го прикрива скандалот и штити моќници“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 5 месеци

media-libraryfn4t5h0nscfv24pUFIE

(Видео) Најболната снимка од Кочани: Место каде болката се среќава со вечноста

Драги Горгиев, татко на тапанарот Ѓорѓи Горгиев сподели снимка од гробиштата во Кочани, каде почиваат најголем дел од жртвите во страотниот пожар кој избувна во „Пулс“. Преку болната снимка, тој испраќа порака која гласи:„Оние кои што вистински ве сакаат и почитуваат, знаат колку е тешко да се живее без вас, 63 наши англи“, вклучувајќи го и возачот на Брза помош кој почина од срцев удар откако работел повеќе од 24 часа превезувајќи ги повредените.И Марија Петрушова, која го изгуби синот Андреј ја сподели снимката.„Во Кочани, под тивкото небо, постои место што зборува без зборови… Место каде болката се среќава со вечноста, а љубовта никогаш не умира. Овде, во Алејата на Ангелите, почиваат 23 наши деца – млади животи што прерано заминаа. Во нивна близина, уште 9 ангели го делат истиот вечен мир. Сите тие – дел од нашите 62 ангели. 62 светлини што засекогаш ќе го осветлуваат патот на вистината и правдата. Нивните имиња не се забораваат. Нивните насмевки не избледуваат. Нивниот дух живее – во секое срце што чука за нив“, напиша таа.Неутешна е и Светлана Ристова Стојанова, мајка на Андреј Стојанов, Александар Наунов татко на загинатата Надица, Дарко Златев вујко на Надица, Васка Стојанова мајка на загинатиот Томче, Мита Тасева мајка на загинатиот диџеј Стефан Тасев, бројни други родители, роднини и пријатели на семејствата кои ја споделија снимката.

Настани | пред 5 месеци

media-library7814rh5lvbhi1o2uCXa

Родителите на загинатите од „Пулс“ најавија блокади: Не прифаќаме судење што ќе трае 15 години

Дел од семејствата на загинатите во дискотеката „Пулс“, сметаат дека изјавите на адвокатите дека судењето на обвинетите ќе трае и до 15 години, е обид за одолговлекување. Тие бараат судовите да се екипираат, а порачаа и дека немаат намера да чекаат 15 години за вистината. Од недела (утре), велат дека ќе блокираат секојдневно една од сообраќајниците во Кочани.„Зборовите звучат како обид да се подготви јавноста за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозовлиме. Нашите деца не се бројки, туку се човечки животи. Секој ден без правда е нова рана за нас. Бараме, баравме и пак бараме, итна и конкретна акција од институциите, да се зголеми капацитетот со дополнителни судии и соработници за да не се одолговлекува процесот“, рече Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.На крајот, порача дека ќе бидат на улица додека не почне судењето.„Животот на едно дете, вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри“, додаде Наунова во име на де од семејствата.

Македонија | пред 5 месеци

Screenshot-2025-02-18-at-11.26.03

Коцевски жестоко кон Адвокатската комора: „Местото за соочување на доказите за „Пулс“ е судницата, а не медиумите“

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија попладнево остро реагираше на јавните настапи на дел од адвокатите кои го коментирале обвинението за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Оттаму коментираат дека со нивните изјави го нарушуваат угледот на судот и институциите.Во писмо испратено до Адвокатската комора на Република Северна Македонија, јавниот обвинител Љупчо Коцевски посочува дека дел од адвокатите јавно изнесуваат неосновани проценки за текот и траењето на судската постапка, без да бидат запознаени со доказите и обвинението. Таквото однесување, како што се наведува, е спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите, според кој тие се должни да го чуваат угледот на судовите и правосудните органи.Изнесувањето на неосновани проценки за долгото траење на судската постапка наштетува на угледот на Судот и претставува обид истиот да се прикаже како спор и неефикасен, иако судењето воопшто не е започнато“, се вели во реакцијата.Обвинителството наведува дека дел од адвокатите се претставуваат како независни експерти, а притоа не откриваат дека се бранители на обвинетите, со што, според институцијата, ја доведуваат јавноста во заблуда. Како пример за неетички јавен настап, во писмото е посочено учеството на адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24, каде што, според Обвинителството, изнесла невистини дека не ѝ бил доставен целосниот доказен материјал.Наведените пораки се дел од доказен материјал што е интегрално доставен во Судот и до сите бранители, стои во дописот.Коцевски нагласува дека доказниот материјал во предметот „Кочани“ е обемен и резултат на макотрпна работа на обвинителите, особено потенцирајќи дека местото за соочување на доказите е судницата, а не медиумите.Пред нас е тежок, но исклучително важен процес со кој треба да испорачаме правда за жртвите во кочанската трагедија. Адвокатите имаат професионална одговорност да придонесат за ефикасно и правично судење, наведува Коцевски, барајќи од Адвокатската комора да апелира за почитување на етичките стандарди.Обвинителството истакнува дека тимот кој го застапува обвинението за пожарот во „Пулс“ има целосна поддршка од институцијата и дека нема да дозволи ниту едно рочиште да се одложи по вина на јавен обвинител.„Поднесениот обвинителен акт е потврден од Судот и е стапен на правна сила. Наскоро ќе следуваат одлуки и во други постапки поврзани со овој тежок настан“, се вели на крајот во реакцијата на Јавното обвинителство.

Македонија | пред 5 месеци

media-libraryldqcnsq4pt6tbH4sBCx

По пожарот во Кочани – тивката криза: расте бројот на луѓе кои бараат психолошка помош

Речиси седум месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што животот го загубија 62 млади лица, во регионот расте бројот на граѓани кои имаат потреба, но и бараат психијатриска и психолошка поддршка. Тие не се само семејствата на загинатите и повредените, туку и луѓе кои биле индиректно засегнати од настанот – сограѓани, сведоци, пријатели или млади кои ја чувствуваат колективната траума.Директорката на Клиниката за психијатрија, д-р Славица Арсова, вели дека по вакви трагедии, потребата од психолошка интервенција не се јавува веднаш.„Тоа беше огромен шок за сите. Луѓето доживеаја криза која создаде чувство на несигурност и страв. Дел од пациентите се јавуваат кај нас, дел во регионалните центри, но има и млади кои студираат или живеат во Скопје и полесно бараат помош овде. Видливи се не само физичките последици кај повредените, туку и длабоките психички траги што остануваат кај сите засегнати“, изјави д-р Арсова по повод Светскиот ден на менталното здравје (10 октомври).Професорот Антонио Новотни вели дека во време на отуѓеност и недоверба, заедништвото и слушањето на луѓето во криза се најсилната терапија.„Семејството, локалната заедница и професионалците треба да бидат достапни, затоа што само заедничката поддршка може да спречи подлабоки последици“, рече тој.Проблемот со менталното здравје не е ограничен само на Кочани.Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во Македонија над 60% од амбулантските случаи се поврзани со стрес, анксиозност и соматоформни растројства, а секој трет млад човек пријавува симптоми на депресија или анксиозност.Недостигот од психолози и психијатри во помалите градови, како Кочани, дополнително ја отежнува состојбата. ИЈЗ препорачува јакнење на локалните центри за ментално здравје, развивање мобилни тимови и воведување онлајн психолошка поддршка – особено за младите, кои се најранлива група по вакви трауми.„Со јакнење на локалните центри и навремена психолошка интервенција може да се спречат долгорочни последици. Менталното здравје мора да стане дел од сите јавни политики – од образованието, до трудот и социјалната заштита“, стои во извештајот на Институтот.

Македонија | пред 5 месеци

media-libraryi2rogcjjj9ofe3CaLQm

Младиот Кико од Кочани се бори за живот – да му помогнеме!

23-годишниот Кристијан Сребреновски од Кочани, познат како Кико, моментално се бори за живот во болница во Риека, Хрватска, откако му е дијагностициран карцином на тестис со метастази во главата.Во краток период се извршени три операции, а покрај него е семејството кое е целосно исцрпено финансиски. За да продолжи животот на Кико, за да може да биде лекуван и транспортиран во Македонија, потребна му е финасиска помош од сите хумани луѓе– „Луѓе, ајде да му дадеме шанса на Кико наредниот август, како што планираше, да биде горд младоженец“, се вели во апелот објавен на социјалните мрежи.Сите кои сакаат да помогнат можат да извршат уплата на следната трансакциска сметка:Halkbank: 270-7000735102.35IBAN: MK0720700114145184SWIFT: EXPCMK22

Македонија | пред 5 месеци

media-librarymev8shpo3mm932tTBEB

(Фото) Младиот човек кој беше пронајден мртов во Љубљана е Стојче Ѓоргиев

Младиот човек, кој во петокот беше пронајден мртов во Љубљана е Стојче Ѓоргиев од кочанското село Грдовци.МНР денеска потврди дека станува збор за македонски државјанин роден 1986 година во Кочани.Неофицијално, како што претходно соопштија словенечките власти, тој бил претепан до смрт.Истрагата е во тек, заради што и не соопштуваат други детали.

Македонија | пред 5 месеци

mnr-5

Жител на Кочани е пронајдениот мртов човек во Љубљана, потврди МНР

МНР соопшти дека пронајдениот мртов Македонец во Љубљана е жител на Кочани, роден во 1986 година.Ве информираме дека до Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е доставено известување дека во текот на ноќта на 2 октомври 2025 година, животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година во Кочани.Согласно информациите од словенечката полиција, блиските на починатиот се веќе известени, а случајот го разгледува Секторот за криминалистичка полиција.Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во контакт со семејството на починатиот и со надлежните словенечки институции, со цел обезбедување на потребната конзуларна поддршка и следење на понатамошниот тек на постапката, се наведува во соопштението на МНР.

Македонија | пред 5 месеци

media-library7ra5i71kgrcrdtybfc3

Судијката која го судеше Заев, ќе го суди „Пулс“: предметот е распределен преку АКМИС системот

Судијката Диана Груевска-Илиевска е назначена да го води судењето против обвинетите во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“, соопшти Кривичниот суд. Распределбата била направена преку АКМИС-системот на судот.Илиевска е позната по повеќе високопрофилни случаи кои ги судела, како што е трагедијата кај Ласкарци, случајот за новинарот Томислав Кежаровски, предметот „Сопот“, убиството на Ангел Петковски во Ѓорче Петров, но и случајот „Поткуп“ каде обвинет беше Зоран Заев.Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје го одобри во целост обвинителниот акт за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој се опфатени 37 обвинети лица со 33 бранители. Од Кривичниот суд нагласуваат дека при постапката била земена предвид сензитивноста на случајот, јавниот интерес и чувствителноста на над 250 оштетени лица и семејства на жртвите.„Судот се обиде на најефикасен начин да ги исполни сите законски обврски и да обезбеди навремено постапување. Понатамошните процесни дејствија ќе бидат спроведени од надлежниот судија, а јавноста и странките ќе бидат известувани за текот на постапката“, соопштија од Кривичниот суд.

Македонија | пред 5 месеци

puls-19

Одобрен обвинителниот акт за пожарот во „Пулс“ – судот го потврди обвинението во целост

Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по обвинението К-ООА бр.155/25, поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, по исполнување на сите законски предвидени услови, донесе Решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост.„Како што наведовме во сите претходни соопштенија и медиумски одговори, со цел доследно, точно и навремено известување на јавноста, Кривичниот суд во конкретната постапка ги ангажираше сите расположливи ресурси за навремено и законито постапување, за да не се создадат непотребни пропусти кои би ја компромитирале постапката. Поради тоа, потребно е јавноста да го има хронолошкиот тек на постапката, и тоа:• Врховниот суд на РСМ на 25.06.2025 година донесе решение КР–35/25 со кое за стварно и месно надлежен за постапување по обвинителниот акт се определува Основниот кривичен суд Скопје, ценејќи дека по предметот треба да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“.• На 02.07.2025 година Основниот суд во Кочани до нашиот суд го достави обвинителниот акт, а на 08.07.2025 година достави дополнение на истиот.• Веднаш по приемот на обвинителниот акт истиот е распределен во Одделението за кривично полнолетни. Со оглед дека станува збор за обвинителен акт кој согласно законските одредби треба да биде оценет од совет, актот преку АКМИС системот се распредели кај судијата Моника Бахчовановска, која постапува како Претседател на советот за оценка на обвинителен акт. Согласно Годишниот распоред во совет за оценка заедно со судијата Моника Бахчовановска, се судиите Билјана Коцевска и судијата Бранка Наумовска. Овие две судијки побараа изземање од советот за оценка, бидејќи ќерката на судијата Билјана Коцевска – адвокат Ивана Коцевска е бранител на дел од осомничените, а судијата Бранка Наумовска е во роднинска врска со една од жртвите, причини што се предвидени во законот како основ за изземање. По изземањето на овие две судии, како судии кои што ќе постапуваат во фазата на оценка поставени се двајца судии од Специјализираното одделение за судење на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција и тоа судијата Софче Гаврилова Ефремов и судијата Илија Трпков. Нивното определување е на начин како што актите од одделението за организиран криминал и корупција ги оценуваат судии од одделот за кривично полнолетни (а ова е од причина што судиите кои што го оценувале актот не можат да учествуваат во постапка на главна расправа, а се со цел да не се доведе Основниот кривичен суд Скопје како најголем суд во државата да нема судии кои што ќе постапуваат по овој предмет). Двата члена на советот за оценка се поставени по редослед според годишниот распоред, како што и е предвидено во Судскиот деловник.• Додека советот веќе постапуваше по предметот, на 15.07.2025 година Јавниот обвинител на РСМ до Основниот кривичен суд Скопје достави решение со кое за стварно и месно надлежно обвинителство за постапување по обвинението поврзано со пожарот се определува ОЈО Скопје.Со оглед дека станува збор за обвинителен акт во кој што има 37 обвинети лица кои што имаат 33 бранители, беше исклучително тешко да се достави обвинителниот акт до сите нив, особено од причина што на голем дел од нив мерките притвор беа заменети, па во моментот на достава Претседателот на советот за оцена имаше потешкотии да може да утврди кој обвинет каква мерка има и каде се наоѓа за да може да се изврши доставата. Особено потешкотии имаше и доставата на делот од бранителите на кои и покрај тоа што им се најавуваше терминот на достава, сепак истите не беа пронајдени во нивните канцеларии. Доставата ја вршевме преку судските служби на Основен кривичен суд Скопје, сѐ со цел да не се одолговлечи истото доколку оди по редовна пошта.Дополнителен проблем при доставата се јави поради тоа што во првично поднесениот обвинителен акт, пред истиот да биде доуреден, во диспозитивот не беа целосно наведени личните податоци на обвинетите од страна на Основниот суд Кочани, како и решенијата за адресите каде се издржува мерката куќен притвор, што дополнително мораше да го проверува Кривичниот суд.Но, и покрај сето тоа, судот во целост ја имаше предвид сензибилноста на постапката, јавниот интерес и пред сè чувствителноста на над 250 оштетени лица и семејства на починатите во пожарот. Токму поради тоа, се обиде на најефикасен начин да ги исполни сите законски обврски и да го оцени актот во предвидениот законски рок.Советот за оценка донесе Решение К-ООА бр.155/25 на 03.10.2025 година со кое го одобри обвинителен акт во целост, по што се оформи кривичен предмет К.бр. 1872/25.Како што посочивме, во претходното постапување по овој предмет од советот за оценка беа изземени судијата Билјана Коцевска и судијата Бранка Наумовска, а од постапување во кривичниот совет иземен е и судијата Ивица Стефановски, од причина што како бранители во овој предмет се јавуваат неговата сестра и бранител со кој е во кумовска врска, додека пак судијата Елизабета Постоловска, која го нема законски предвиденото искуство, неможе да постапува по овој предмет и заради сето тоа при распределбата на предметот овие судии се исклучени од автоматската распределба во АКМИС системот .Предметот согласно АКМИС системот е распредлен кај надлежен судија за понатамошно постапување, а за сите понатамошни процесни дејствија поврзани со конкретниот предмет, странките и јавноста ќе бидат известени“, велат од Кривичен суд.

Македонија | пред 5 месеци

media-libraryd3q5mp9skq82aOAc6ln

Мицкоски: Надвор од тековните трансфери од централниот буџет, за Кочани ќе се обезбедат дополнителни 100 милиони евра, пари кои ќе се вложуваат во инфраструктурни проекти

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамките на изборната кампања за локалните избори, денес учествуваше на трибина во општина Кочани од каде што испрати неколку пораки.Мицкоски порача дека Владата останува партнер на општините во кои за 15 месеци, од централниот буџет се распределени околу 500 милиони евра, посочувајќи дека Кочани ќе биде во центарот на вниманието, така што веќе се работи со меѓународните партнери каде надвор од овие тековни трансфери коишто ги финансира централниот буџет за капитални инвестиции во општините, само за Кочани и регионот ќе се обезбедат дополнителни околу 100 милиони евра.Додаде дека ова се пари коишто ќе се вложуваат исклучиво во инфраструктурни проекти и проекти кои ќе бидат додадена вредност во животите на жителите на Кочани и овој регион.„Државата и Владата остануваат партнери на општините како ниедна претходна Влада. Во овие 15 месеци, отприлика половина милијарда евра реалоциравме од централниот буџет кон општините и не беше лесно бидејќи мандатот го започнавме со минус на сметката на Владата од 200 милиони евра. Сега е добро, тие ги вративме, сега сме 50-60 во плус и ликвидни сме како влада, ја консолидиравме таа состојба, успеавме да дојдеме до месечна ликвидност и на општините да им помогнеме со половина милијарда евра, нешто што беше незамислено и невозможно. Дел од тие пари завршија и во општина Кочани, но сакам да ви кажам дека работиме со нашите меѓународни партнери, надвор од овие тековни трансфери коишто ги финансира централниот буџет за капитални инвестиции во општините, само за Кочани и регионот ќе обезбедиме приближно дополнителни 100 милиони евра, пари коишто ќе ги вложиме исклучително во инфраструктурни проекти и проекти коишто ќе бидат додадена вредност во животите на жителите на Кочани и овој регион“, рече Мицкоски.Мицкоски исто така порача дека на овие избори се гласа само за две опции, едната е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата којашто значи работа и напредок на државата, а другата опција е коалицијата во која членуваат Венко Филипче, односно Зоран Заев, Али Ахмети и Димче Апасиев.Исто така, Мицкоски порача дека после изборите ќе дојде вистинската одговорност и правда и секој што се огрешил ќе одговара за стореното, повикувајќи дека одговарањето пред лицето на правдата за сторените криминали, да не се толкува како политички прогон.За сево ова да се реализира, Мицкоски повика да се излезе масовно на гласање и да се даде поддршка на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и за број 9, затоа што е време за вистинскиот избор, за твојот човек, твоето место, за твојата иднина.

Македонија | пред 5 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања