„Комити“ најавија бојкот на сите натпревари на ФК Вардар, кој, како што наведуваат, ќе трае „сè додека Управата, на чело со лицето Миленко Неделковски, не поднесе оставка и не си замине од клубот“.
Навивачката група во објавата вели дека одлуката била донесена по консултации со сите подгрупи и била „едногласно поддржана“.
Како причини за бојкотот ги наведуваат „аматеризмот, како и примитивизмот што владеат во клубот“, како и, според нив, „срамниот однос кон навивачите“.
Особено го посочуваат последниот натпревар, кога, според нивните тврдења, обезбедувањето на Управата „по наредба на Миленко Неделковски“ ги нападнало децата од групата и клубот. „Комити“ го опишуваат тоа како „последен срамен чин што нема да се повтори никогаш повеќе“.
За натпреварот со Арсими, кој в понеделник ќе се игра од 19 часот на стадионот на ФФМ, најавуваат дека ќе присуствуваат „за последен пат“, со цел да изразат „незадоволство и револт против најсрамната Управа во целата историја на ФК Вардар“.
По овој натпревар, според нивната објава, „започнува бојкотот“, а фокусот ќе го насочат кон натпреварите на РК Вардар.
Во објавата има и повик до навивачите за масовно присуство на натпреварот: „Сите Комити и Вардарци обединети до целосно ослободување на ФК Вардар!“