В понеделник ќе биде донесена одлуката за изведувач на Универзална сала, но ќе мора да се причека рокот од осум дена за поднесување жалба, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Како што нагласи Љутков, едната постапка е завршена, а втората е во фаза на евалуација.
- Комисијата работи и процесот е веќе во завршна фаза. Одлуката за избор ќе биде донесена в понеделник, информира министерот,
Во врска со пресудите за платите во културата, Љутков истакна дека се уште стои на истиот став.
-Јас не ги добивам лично пресудите од првостепениот суд, некој друг веројатно ги добива пред да ги добиеме ние. Јас подоцна се информирам од институциите, кога ќе стигнат, но знам дека пред три дена, една од одлуките, првата од првостепениот, од Битола, беше обжалена и Апелација одлучи во корист на институцијата, рече министерот.