Премиерот Христијан Мицкоски вели дека проектот за дата-центар во Пехчево е приватна иницијатива за која Советот и Општината веќе го кажале својот став, но нагласува дека Владата нема да се откаже од пошироката цел Македонија да развива индустрија на дата-центри.
„Ние, како држава, апсолутно остануваме на нашата цел за развој на таков тип индустрија, бидејќи тоа е иднината и тој процес е неповратен“, рече Мицкоски, додавајќи дека ваквите проекти треба да се реализираат согласно законите и на локации каде што постојат услови.
Тој ги отфрли критиките на опозицијата за можните последици од дата-центрите, оценувајќи дека дел од јавната дебата се води со, како што рече, недоволно познавање на материјата и со нејзино политизирање.
Мицкоски порача дека државата треба да одлучи дали сака да биде лидер во регионот или повторно да остане на дното, при што нагласи дека и политички, и како професор и инженер, стои зад развојот на оваа индустрија.
„Апсолутно стојам зад изградбата на оваа индустрија и ќе ја поддржам целосно“, рече тој, додавајќи дека Владата ќе го преземе институционалниот ризик.
Во однос на прашањето за потрошувачката на електрична енергија, Мицкоски рече дека нема дилема кој ќе ја плаќа струјата.
„Струјата ќе ја плати оној кој што ќе ја троши, по цена која ќе ја договори на слободниот пазар“, изјави премиерот.
Тој се осврна и на забелешките за системите за ладење на дата-центрите, оценувајќи дека дел од критиките се темелат на технологии и модели стари 10, 15 или 20 години. Според него, денес постојат различни начини на ладење, зависно и од намената на дата-центарот, односно дали се користи за вештачка интелигенција или за други услуги.
Мицкоски посочи и дека Македонија веќе располага со дата-центар во Прилеп, кој, според неговото објаснување, има улога на секундарен или „recovery“ дата-центар.
Дополнително, тој најави дека преку реформската агенда со Европската унија се планира изградба на национален дата-центар, финансиран со грант и поволен заем.
Според Мицкоски, новиот национален дата-центар преку системот за интероперабилност треба да ги обедини институциите на едно место и да обезбеди централизирана сајбер-заштита.
„Сега секоја институција од сајбер-напади се брани како знае и умее“, рече тој.
Планот е примарниот национален дата-центар да биде поврзан со постојниот секундарен центар во Прилепско, за во случај на упад или проблем во системот да може да се обезбеди резервна заштита на податоците.
Мицкоски најави и трет сегмент – национален „клауд“ во кој би се чувале податоците од институциите поврзани во системот.
Во однос на конкретниот спор околу Пехчево, премиерот повтори дека станува збор за приватна иницијатива и дека локалната самоуправа веќе донела свој став, правејќи разлика меѓу тој проект и државната политика за развој на дата-центри.