Премиерот Христијан Мицкоски, обраќајќи се по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, порача дека 8 Септември е повеќе од празник и дека земјата во следните децении мора да направи чекор од преживување кон успех.
Мицкоски во говорот се наврати на референдумот од 8 септември 1991 година, оценувајќи дека тогаш граѓаните не гласале само за нова политичка реалност и сопствени институции, туку за историскиот стремеж кон независна и суверена држава.
Според него, трите и пол децении независност донеле изградба на институции, сопствен монетарен и економски систем, членство во Обединетите нации и НАТО, но и периоди на кризи, конфликти, економски потреси и политички поделби.
„Овие 3 и пол децении изградивме институции, создадовме сопствен монетарен и економски систем, станавме членка на Обединетите нации, станавме членка на НАТО, минавме низ ембарга, кризи, конфликти, економски потреси и политички поделби. Бевме исправени пред тешки прашања за сопствената иднина. И во многу моменти покажавме дека една мала држава, може да има голема волја за опстанок, но имаше и моменти кога не бевме доволно добри. Имаше години што ги изгубивме. Можности што ги пропуштивме. Имаше генерации кои очекуваа повеќе од нас, а добија помалку. Се донесоа болни одлуки, и направија тешки отстапки. Се смени знаме, устав, име. Премногу луѓе заминаа затоа што не видоа простор во својата земја да го остварат она што го знаат и можат: премногу чесни луѓе гледаа како пред нив поминуваат оние со подобри врски, со поголема политичка заштита или со помалку совест. А вредните, тивките, и способните луѓе, оние на чии рамена всушност стои секоја држава, останаа невидливи“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека денешната борба за државата не се води со оружје, туку во училиштата, болниците, судовите, фабриките, универзитетите и институциите, каде што граѓанинот треба да почувствува дека државата постои за него.
Премиерот зборуваше и за потребата младите и најспособните да останат во земјата, како и за создавање општество во кое знаењето, трудот и чесноста ќе бидат вреднувани.
„Нашата борба е да создадеме земја во која едно дете, без разлика каде е родено и колку пари имаат неговите родители, ќе може со знаење и труд да стигне до врвот“, рече Мицкоски.
Во говорот тој се повика и на делата на Кочо Рацин, Горан Стефановски и Петре М. Андреевски, нагласувајќи ја важноста од градење автентична приказна за државата, со храброст да се зборува и за успесите и за грешките.
„Петре М. Андреевски пишуваше дека сме пиреј. Пирејот го корнат, го кубат, го газат, но само малку повторно да допре до земјата, тој пушта корен и тогаш повторно оживува. Таа метафора не е повик да живееме вечно во страдањето и да се гордееме со тоа колку можеме да издржиме. Туку потсетување дека во овој народ постои една длабока способност да преживее и тогаш кога изгледа дека околностите се посилни од него. Но дојде време да направиме нешто повеќе од преживување. Нашата национална амбиција во следните 35 години не смее да биде само да опстоиме, туку нашата национална амбиција мора да биде мора да успееме“, рече Мицкоски.
Тој упати порака дека мора да се прекине со практиката функцијата да се доживува како привилегија, државата како плен, а народните пари како сопствена каса.
„Ако ги наградува најспособните, ќе напредува. Ако ги наградува најчесните, ќе има доверба. Ако ги наградува трудот, ќе создава. Но ако го наградува талогот, тогаш талогот неизбежно ќе стане елита“, порача Мицкоски.