Во Основниот суд во Куманово денеска започна судскиот процес против 25-годишниот Трајко Бојковски, кој се товари за четири убиства и два обида за убиство на повозрасни жени во Кумановскиот регион. За дел од жртвите, насилната смрт била потврдена дури по ексхумација на нивните тела, бидејќи првично биле погребани како лица кои починале од природна смрт.
Почетокот на рочиштето бил одбележан со необичното однесување на обвинетиот. Тој не одговорил на прашањата на судијата за својот идентитет, не воспоставувал контакт со судот и постојано гледал кон таванот, при што се смеел без да каже ниту збор. Поради ваквата состојба била одредена десетминутна пауза, по која Бојковски сепак го потврдил својот идентитет.
Неговиот адвокат Драган Трајковиќ изјавил дека обвинетиот реагирал така затоа што се исплашил од големиот број присутни и камерите во судницата. Иако претходно најавил дека неговиот клиент ќе ја признае вината, на почетокот на постапката Бојковски изјавил дека не се чувствува виновен.
Во воведниот говор, јавниот обвинител Љубомир Лапе оцени дека станува збор за случај без преседан во македонската и поранешната југословенска судска практика. Тој рече дека обвинителството ќе ја докажува вината преку обемна доказна постапка која ќе опфати записници од увидите, ексхумациите, обдукциските наоди, ДНК-анализите, судско-психијатриското вештачење и исказите на преживеаните жртви.
Според обвинителството, Бојковски намерно ги избирал жртвите затоа што биле сами, немоќни, повозрасни и најчесто заспани. Се наведува дека влегувал во нивните домови, ги напаѓал, ги удирал и ги давел, а по нивната смрт вршел сексуална злоупотреба на телата.
„Од судско-психијатриското вештачење, во корелација со обдукциските наоди на Институтот за судска медицина во Скопје, ќе се утврдат мотивите кои биле движечка сила за извршување на кривичните дела. Од сите изведени докази како една целина ќе се утврди дека обвинетиот, со намера да ги задоволи своите полови страсти кон мртви женски тела, ги напаѓал и усмртувал жртвите, по што вршел сексуална злоупотреба на нивните тела. Сметам дека правната квалификација е соодветна, бидејќи и покрај повеќето квалификаторни елементи, некрофилијата е доминантниот мотив за извршување на кривичните дела“, изјави обвинителот Љубомир Лапе.
Кон кривичниот прогон се приклучиле и семејствата на четирите убиени жени.
Трајко Бојковски е обвинет за четири кривични дела „убиство“ и две кривични дела „убиство во обид“. За делото „убиство“ од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.