Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во годишното обраќање пред Европскиот парламент ја претстави својата визија за посамостојна и побезбедна Европска Унија, најавувајќи нов модел на партнерство со Канада и идеја за европски механизам сличен на „член 4“ од НАТО. За Западен Балкан, сепак, не понуди нов рок, конкретна иницијатива или јасен сигнал за забрзување на процесот на проширување.
Фон дер Лајен порача дека ЕУ мора да гледа и „надвор од своите граници кон Западен Балкан“, а пристапниот процес ќе продолжи „врз основа на заслуги“. Таа нагласи и дека почитувањето на европските вредности е непреговарачко.
Во нејзиното обраќање, сепак, немаше најави за нова методологија или конкретни чекори со кои би се забрзало членството на земјите од регионот.
Најдиректната порака поврзана со Западен Балкан беше упатена кон Србија. Фон дер Лајен рече дека била ужасната од сцените од погребот на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, во Белград, додавајќи дека „величањето воени злосторници нема место во Европската Унија“.
Во исто време, едно од најзначајните нови предлози во говорот се однесуваше на Канада. Фон дер Лајен предложи ЕУ да започне со работа на условите Канада да стане првата „асоцијативна членка“ на Унијата.
„Би сакала да работиме заедно на отворање на вратата Канада да стане првата асоцијативна членка на ЕУ“, порача таа пред канадскиот премиер Марк Карни, кој го следеше говорот во Стразбур.
Таков статус во моментов не постои во договорите на ЕУ, а идејата би создала нов облик на поврзување со Унијата, различен од полноправното членство и од постојните партнерства.
Фон дер Лајен оцени дека Европа и Канада имаат слични ставови за низа прашања, од вештачката интелигенција и климатските промени до геополитиката и Арктикот. Таа најави продлабочување на соработката во индустријата, технологијата, енергетиката, критичните минерали и одбраната, како и приближување на европската и канадската одбранбена индустрија.
Во делот посветен на безбедноста, Фон дер Лајен предложи ЕУ да создаде сопствен механизам сличен на член 4 од Северноатлантскиот договор. Идејата не е да се копира членот 5 за колективна одбрана, туку да се овозможат брзи консултации и заедничка реакција доколку некоја земја членка смета дека нејзината безбедност е сериозно загрозена.
Како примери за закани таа ги посочи сајбер нападите, саботажите, пожарите и упадите со беспилотни летала.
„На Европа ѝ треба сопствен прирачник за спротивставување на хибридните закани. Итно ни треба консензус како да реагираме“, рече Фон дер Лајен.
Таа најави и создавање Европски совет за безбедност, оценувајќи дека постојните механизми на ЕУ се создадени за „поинаков свет“ и дека европските институции и процедурите за одлучување не се приспособуваат доволно брзо на новите безбедносни предизвици.
Фон дер Лајен ја опиша Европа како соочена со „отворено непријателски свет“ и порача дека Унијата мора да изгради поголема способност самостојно да дејствува. Според неа, тоа подразбира посилна безбедносна координација, намалување на економските зависности и поширока мрежа на стратешки партнерства.
Така, додека за Канада беше отворена можност за сосема нов статус во односите со ЕУ, а за безбедноста беше предложен нов европски механизам, за Западен Балкан остана досегашната формула – пристапувањето продолжува врз основа на заслуги и исполнување на критериумите.
Европската перспектива на регионот останува дел од политиката на Унијата, но во годишното обраќање на Фон дер Лајен не беше најавена нова политичка динамика што би го забрзала патот кон полноправно членство.