Македонија меѓу најподготвените во регионот, државните нафтени резерви се стабилни, вели Министерството за енергетика
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека државните нафтени резерви се стабилни и гарантираат сигурност на снабдувањето за граѓаните и стопанството, во услови на зголемени геополитички ризици и неизвесност на светските пазари.Од Министерството посочуваат дека Агенцијата за задолжителни нафтени резерви континуирано ги следи и одржува резервите на нафта и нафтени деривати, со цел да се обезбеди стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција доколку дојде до нарушување на увозот или снабдувањето.Агенцијата има законска обврска да ги формира и одржува резервите во согласност со европската регулатива, односно Директивата 2009/119/ЕЗ, која предвидува задолжително минимално ниво на покриеност во однос на просечната потрошувачка или увозот во определен број денови.Државните резерви се чуваат како стратешки безбедносен механизам и не се користат во редовни пазарни услови, туку исклучиво со одлука на Владата во случај на прогласување енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето.Според последните податоци, државата располага со:– 138.877.053 литри еуродизел,– 32.098.680 литри еуросупер БС-95,– 10.772.342 литри екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1),– 5.287.794 килограми мазут М-1 НС.Министерството наведува дека во моментов увозот на нафтени деривати се одвива непречено и без ограничувања. Доколку се појави евентуален недостиг поради затворање на граници, прекини или други нарушувања, Владата ќе реагира соодветно и навремено.Нафтените резерви се складирани кај овластени трговски друштва, меѓу кои се ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ. Овие капацитети се редовно мониторирани од надлежните државни органи, со цел да се обезбеди техничка исправност и навремена достапност на резервите.Како дополнителен сигурносен механизам, во функција е и продуктоводот Солун–Скопје, кој обезбедува алтернативен доток на сите видови нафта и нафтени деривати, намалувајќи ја зависноста од други транспортни правци.Од Министерството нагласуваат дека системот е поставен превентивно, со повеќеслојна заштита преку стратешки резерви, диверзификација на снабдувачите, алтернативни транспортни коридори и постојан мониторинг на потрошувачката.И покрај актуелните случувања на Блискиот Исток и можните глобални пореметувања, надлежните уверуваат дека Република Северна Македонија има обезбедено стабилен проток на деривати од повеќе извори и останува целосно подготвена да реагира во случај на какво било нарушување на снабдувањето.
Македонија | пред 4 часа