Доделена наградата „Жан Моне“
Делегацијата на Европската Унија, во партнерство со Советот за етика во медиумите, синоќа ја додели наградата „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија, како и за најдобра репортерска и аматерска фотографија. Бојан Блажевски, новинар на „Билд“, ја доби наградата за новинарскиот текст на тема „Слепите црева на недоградениот автопат меѓу Македонија и Албанија“, Томислав Георгиев за најдобра репортерска фотографија и Александар Ристовски за најдобра аматерска фотографија.“Со оваа награда им даваме признание на оние кои се обидуваат да направат разлика, ги афирмираме оние кои се залагаат за точно известување и градат доверба, наместо страв и несигурност. Ги наградуваме оние кои се обидуваат да најдат решение за проблемите и поттикнуваат позитивни промени на сите нивоа на општеството“, рече Шефот на делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар при доделувањето на наградите.Со жирито кое ја додели наградата претседаваше Надежда Гаче, директор и главен и одговорен уредник на неделникот Нови Магазин во Србија.„Осведочивме квалитетни трудови, кои се одликуваа со висок квалитет, иновативност и креативност во изработката. Тоа треба да биде белег на доброто новинарство“, рече Надежда Гаче.„Доделувањето на наградата продолжува да биде континуирана поддршка на посветеноста на слободата на изразувањето, слободата на медиумите и размената на идеи, мислења и ставови како основен столб на отворените општества и како одраз на демократијата“, истакна извршната директорка на СЕММ Марина Тунева.На овогодинешното 16-то издание на конкурсот за наградата „Жан Моне“ беа пријавени вкупно 49 стории, 30 професионални и 15 аматерски фотографии. Наградата се состои од мали статуети за сите победници, ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра за победниците во категоријата најдобра новинарска сторија и најдобра професионална фотографија, како и ваучер во вредност од 500 евра за победникот во категоријата најдобра аматерска фотографија. Статуетките за наградата годинава ги изработи ликовниот уметник Никола Пијанманов.Темата на конкурсот за најдобра новинарска сторија и најдобра репортерска фотографија беше „Градење доверба во несигурни времиња“, а за аматерска фотографија на тема „Нашата различност, наша сила“.
Македонија
|
пред 7 години