Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец
Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец

ЈАПОНИЈА

media-library6qmvh4b2mk857CeoDBO

Јапонија вложува 36 милијарди долари во американски проекти за нафта, гас и минерали

Јапонија најави инвестиции од околу 36 милијарди долари во американски проекти за нафта, гас и клучни минерали, како прв бран договори со администрацијата на Доналд Трамп. Договорот го објавија Трамп и јапонската премиерка Санае Такаичи, со цел зајакнување на економската безбедност и намалување на зависноста од Кина. Најголемиот проект е гасна електрана во Портсмут, Охајо, која се најавува како најголема во историјата на САД, со капацитет од 9,2 гигавати годишно. Со неа ќе управува компанијата SB Energy, подружница на јапонската групација СофтБанк груп. Предвидени се и вложувања во терминал за извоз на сурова нафта во Тексас и во фабрика за синтетички индустриски дијаманти.Проектите се дел од поширок пакет од 550 милијарди долари што Јапонија се обврза да ги инвестира според трговскиот договор со САД, во замена за намалување на американските царини за јапонските производи, вклучително и автомобилите. Фабриката за индустриски дијаманти во Џорџија, вредна околу 600 милиони долари, треба да обезбеди американска самостојност во клучен материјал за напредно производство и полупроводници. Трамп изјави дека со тоа ќе се намали зависноста од странски извори, пред сè од Кина, која доминира во производството и преработката на ретки метали.Американскиот министер за трговија Хауард Латник истакна дека Јапонија обезбедува капитал, а САД добиваат стратешка инфраструктура и засилена енергетска позиција.Договорот доаѓа во период на тензии меѓу Токио и Пекинг околу Тајван. И покрај тоа, Јапонија објави раст на извозот од речиси 17 проценти во јануари, делумно благодарение на зголемената трговија со Кина, додека Трамп порача дека „огромниот трговски договор со Јапонија стапи во сила“.

Свет | пред 6 дена

media-librarynthvcr5md6742F7Ukl2

Бар за луѓе кои сакаат да дадат отказ: со чаша пијалок добиваат совети од експерти

Ако прошетате околу повеќето големи железнички станици во Јапонија, ќе наидете на безброј барови.Тоа се опуштени пабови со мали закуски, потоа вински и виски барови, барови со саке, а во оддалечените улички и хостес барови.Сепак, во близина на станицата Јокохама се појавил бар каков до сега не сте можеле да замислите – наменет исклучиво за луѓе кои размислуваат за отказ на работата.Овој необичен локал се вика Tenshoku Sodan Bar, што во превод значи „Бар за советување за промена на работа“. Во него пијалокот се точи слободно, а главната тема на разговорите не се љубовни драми или дневни вести, туку работа, дилеми, незадоволство и професионални пресвртници.Зад шанкот не стојат класични бармени, туку професионални советници од агенцијата за вработување LIA. Сепак, ова не е класична канцеларија за барање работа со чаша алкохол во рака. Идејата на барот е да понуди простор за разговори кој не припаѓа ниту на канцеларија, ниту на семеен ручек, ниту на кафе со пријатели.Околу 60% од посетителите велат дека сè уште не се подготвени да ја сменат работата, туку само сакаат да разговараат и да разјаснат дилеми.Во овој бар нема потреба да понесете биографија, да облечете деловно одело или да составувате список на свои маани и доблести. Иако во називот стои „советување“, атмосферата е повеќе пријателска отколку формална. Можете да кажете: „Не ја мразам својата работа, но не сум сигурен дали сакам вака да продолжам засекогаш“, без страв дека некој веднаш ќе ви нуди огласи и ќе ве турка кон нови работни места.Разговорите се индивидуални и е потребно закажување однапред преку апликацијата Лине, со детали достапни на официјалната веб-страница на барот. Состаноците обично траат помеѓу 60 и 90 минути, но нема строго временско ограничување.Пијалокот и разговорите се целосно бесплатни. Во понудата се и алкохолни и безалкохолни пијалоци, а единствено што се бара од гостите е искреност кон себе.

Магазин | пред 2 седмици

kina

Кина ги предупреди своите државјани да избегнуваат патувања во Јапонија

Кинеското Министерство за надворешни работи, заедно со амбасадата и конзулатите во Јапонија, денеска упати официјално предупредување до кинеските државјани да избегнуваат патувања во Јапонија во наредниот период, особено со приближувањето на прославите за кинеската Нова година.Во соопштението објавено од Одделението за конзуларни работи на Министерството за надворешни работи на Кина на официјалниот профил на платформата „ВиЧет“, се наведува дека предупредувањето е издадено поради влошената безбедносна состојба во Јапонија, зголемувањето на криминални дела насочени кон кинески државјани, како и серијата земјотреси што во изминатиот период погодија одредени региони во земјата.Кинеските граѓани кои веќе престојуваат во Јапонија се повикани внимателно да ја следат локалната безбедносна состојба, навремено да се информираат за предупредувањата поврзани со земјотреси и можни секундарни катастрофи, како и да ја зголемат личната претпазливост и мерките за самозаштита.Во соопштението се истакнува и дека, во случај на вонредни ситуации, граѓаните треба веднаш да ја контактираат локалната полиција и да се обратат до кинеските дипломатски претставништва во Јапонија за помош и поддршка.

Свет | пред 4 седмици

media-libraryjqfqb0scrh2q7r5362R

Такaичи го распушти парламентот и оди на предвремени избори: Јапонија пред клучен тест за економијата

Долниот дом на јапонскиот парламент денеска формално беше распуштен на иницијатива на премиерката Санае Такаичи, која настојува да ја искористи сопствената популарност на предвремените парламентарни избори, во време кога земјата се соочува со упорно висока инфлација.Со одлуката за распуштање на парламентот, Такаичи, која во октомври стана првата жена на чело на јапонската влада, го отвори патот за предвремени избори закажани за 8 февруари.Лидерката на Либерално-демократската партија смета на поволните резултати од анкетите на јавното мислење, обидувајќи се да ја зацврсти позицијата на владејачката коалиција, која во моментов располага со тесно мнозинство во парламентот.Во фокусот на изборната кампања ќе биде економијата, во земја што веќе три и пол години се соочува со раст на трошоците за живот и со хронично слаб јен, што дополнително ги зголемува цените на увозните производи.Незадоволството на јавноста од инфлацијата во голема мера придонесе за падот на поранешниот премиер Шигеру Ишиба. Во обид да ја ублажи кризата и да ја смири јавноста, централната банка во ноември претстави пакет економски мерки вреден 117 милијарди евра, наменет за поддршка на домаќинствата и компаниите преку субвенции и финансиска помош.Аналитичарите оценуваат дека изборите ќе бидат неизвесни и дека младите гласачи би можеле да имаат клучна улога. Според истражување објавено кон крајот на декември, владата на Санае Такаичи ужива поддршка од околу 90 отсто кај граѓаните помлади од 30 години.

Свет | пред 1 месец

media-librarysfapsn5l9rodfMmlTtu

Јапонија тестира енергетско оружје за борба против дронови

Јапонија инсталираше ласерски систем со моќност од 100 киловати на воен брод, оружје доволно силно за онеспособување на помали беспилотни летала и други лесни воздушни закани. Системот е поставен на тестниот брод JS Asuka, со депласман од 6.200 тони, со што Јапонија се вклучува во малата група држави што активно развиваат оружја со насочена енергија.Ласерот функционира како интегриран систем од десет поединечни ласери, секој со моќност од 10 киловати, кои заедно создаваат концентриран зрак од 100 киловати. Таа енергија е доволна за да продре низ метални површини, што го прави ефикасен против дронови, минобацачки гранати и други лесни закани од воздух. Станува збор за оптички ласер чиј зрак се создава со засилување и фокусирање на светлина што патува низ оптичко влакно допирано со елементи од ретки земји.Јапонската Агенција за набавка, технологија и логистика ATLA потврди дека системот е инсталиран откако бродот пристигнал во бродоградилиштето „Јапан марин јунајтед“. Ласерот, сместен во два куполести модули со должина од по 12 метри, наскоро ќе биде испратен на отворено море, каде што по 27 февруари се очекува почеток на првите тестирања во реални поморски услови.Развојот на ова оружје започнал во 2018 година, а прототипот бил испорачан од Kawasaki Heavy Industries во февруари 2023 година. Јапонските официјални лица истакнуваат дека, доколку има доволно електрична енергија, системот може континуирано да дејствува без класична муниција, што значи дека има практично „неограничен магацин“. Трошокот по еден истрел е значително понизок во споредба со традиционалните системи за противвоздушна одбрана, а при копнените тестови во текот на 2025 година ласерот успешно се покажал против дронови и минобацачки проектили.Следната фаза претставува сериозен предизвик, бидејќи ласерот ќе мора да функционира во услови на ветер, влага и постојано движење на палубата, како и да се справи со атмосферско расејување и одбивање на зракот. Дополнителни ограничувања се поврзани со потребата од силно ладење и големи количини електрична енергија, имајќи предвид дека ефикасноста на ваквите ласери обично се движи меѓу 25 и 35 проценти.Иако оперативната примена на овој тип оружје се смета дека е оддалечена уште неколку години, јапонските власти нагласуваат дека тековните тестирања ќе помогнат да се процени дали во иднина може да се развијат уште помоќни ласери, способни и за пресретнување ракети. Со овој чекор, Јапонија се приклучува на САД, Франција, Германија и Обединетото Кралство во развојот на насочени енергетски оружја, во време кога ваквите технологии стануваат сè поважен дел од современите одбранбени стратегии.

Свет | пред 1 месец

media-libraryoj7709emep6k7ztT6O4

Јапонка „се венчала“ со виртуелен партнер создаден со вештачка интелигенција

Операторка во кол-центар од Јапонија, 32-годишната Јурина Ногучи, летово одржа симболична церемонија на венчавка со Лун Клаус Вердур – виртуелен лик создаден со помош на вештачка интелигенција, базиран на ChatGPT и инспириран од лик од видео-игра.Церемонијата се одржала во градот Окајама и немала правна важност, бидејќи јапонското законодавство не признава бракови меѓу луѓе и вештачка интелигенција, пренесува „Еуроњуз“.За време на настанот, Ногучи носела светлорозова венчаница и паметни очила со проширена реалност, преку кои комуницирала со својот дигитален „сопруг“. Ликот на Лун Клаус Вердур бил прикажан преку паметен телефон и дигитални илустрации.Церемонијата била замислена како личен и симболичен чин, без формални правни или институционални аспекти. Според медиумските извештаи, Ногучи изјавила дека чувствува емотивна поврзаност со виртуелниот лик и дека за неа настанот претставувал израз на лична слобода и избор.Настанот повторно ја отвори јавната дебата во Јапонија и пошироко за границите на технологијата, емоционалните односи со вештачката интелигенција и иднината на човечките интеракции во дигиталната ера.

Магазин | пред 2 месеци

european-brown-bear-1477814960720-620x350

Мечките ја менуваат туристичката индустрија: ново осигурување за штета и безбедност во Јапонија

Јапонската осигурителна компанија „Токио Мерин & Ничидофаер Иншуранс“ најави дека во декември ќе почне да продава уникатен осигурителен пакет наменет за туристичките агенции и оператори на сместувачки капацитети, кој ќе ја покрива загубената добивка во случај привремено да не можат да работат поради упад на мечки. Станува збор за прва ваква полиса во туристичката индустрија, осмислена во услови на зголемени инциденти со диви животни низ руралните делови на земјата.Пакетот е наменет за хотели, кампови, голф-терени и други објекти за рекреација што можат да бидат принудени да се затворат доколку во нивната непосредна околина се појави мечка. Осигурувањето ќе ја покрива економската штета што настанува поради откажани резервации и неможност за нормално работење, а компанијата ќе ги надоместува и трошоците за поставување електрични огради како превентивна мерка.Дополнителна ставка во полисата е и покривање на набавката на спреј против мечки, што треба да ја засили безбедноста на персоналот и посетителите. Јапонските власти веќе предупредуваат дека зголеменото присуство на мечки во близина на населени и туристички области претставува растечки ризик, а новиот осигурителен пакет е обид индустријата да се прилагоди на овие услови и да ги минимизира економските последици.

Свет | пред 2 месеци

airbus

Јапонската ANA откажа 65 летови поради глобалниот проблем со софтверот на Ербас

Најголемата јапонска авиокомпанија All Nippon Airways (ANA) денеска соопшти дека е принудена да откаже 65 домашни летови поради проблем со софтверот кој ги погоди илјадници авиони на Ербас ширум светот. Според информациите, кај 34 авиони на ANA е неопходна итна софтверска поправка, што предизвика сериозни нарушувања во сообраќајот и влијаеше врз околу 9.400 патници.Откажувањата најмногу го погодија токискиот аеродром Ханеда, но последици има и на летовите кон Тотори, Сага и повеќе други префектури. Компанијата извести дека работи на тоа да им обезбеди алтернативни решенија на патниците и да го нормализира распоредот на летови во најкус можен рок.Втората најголема јапонска авиокомпанија, Japan Airlines, соопшти дека нејзината флота не е засегната од софтверскиот проблем и дека сообраќајот се одвива редовно.Проблемот со Ербас предизвика глобални последици, а повеќе авиокомпании најавуваат можни кашнења и откажувања сè додека трае ажурирањето на софтверот.

Свет | пред 2 месеци

LGBTI

Јапонија останува без истополови бракови – судот ја одби тужбата за дискриминација

Високиот суд во Јапонија денеска пресуди дека забраната за истополови бракови не го прекршува Уставот, одбивајќи ги барањата за оштета поднесени од тужителите, пренесе агенцијата „Ќодо“. Со оваа одлука се потврдува досегашниот став на државата и се затвора последниот од шесте судски процеси покренати низ земјата по истото прашање.Случаите во пониските судови претходно имаа поделени исходи – дел од судиите оценија дека забраната е противуставна, но истовремено ги одбија барањата за надомест. Денешната пресуда, пак, ја зацврстува правната позиција дека недозволувањето на истополови бракови не претставува повреда на јапонскиот Устав.Оваа одлука се смета за значаен чекор во тековната правна и општествена дебата во Јапонија, единствената членка на Г7-групата која сѐ уште не признава истополови бракови.

Свет | пред 2 месеци

media-librarykurv0ae65ducaAdrp7c

Јапонија се бори со голем пожар: Едно загинато лице, уништени над 170 домови

Едно лице загина, а цела станбена област е претворена во пепел по силниот ноќен пожар што го зафати јапонскиот град Оита. Телото пронајдено утрово сè уште се идентификува, но полицијата проверува дали станува збор за 76-годишниот маж кој се води како исчезнат.Повеќе од 170 домови се уништени или тешко оштетени во огнената стихија што избувна во пристанишниот дел Саганосеки и за кратко време се прошири низ густо населениот кварт. Пожарот гори повеќе од 12 часа, а пожарникарите и понатаму се борат со жариштата што се шират кон околната пошумена површина.Префектурата Оита побара дополнителна помош за гаснење, бидејќи огнот зафати околу 48.900 квадратни метри – територија еквивалентна на неколку фудбалски игралишта.Градоначалникот Шиња Адачи увери дека, според последните процени, не се очекува пламените јазици да се прошират понатаму, но состојбата останува сериозна. Високиот функционер Шого Фуџикава додаде дека густината на чадот се намалува и дека пожарот се движи кон тоа да биде ставен под контрола, иако е „прерано за конечни проценки“.Јапонската премиерка Санае Такачи порача преку платформата Х дека централната влада ќе обезбеди максимална поддршка и тесно ќе соработува со локалните служби за помош на погодените жители.

Свет | пред 3 месеци

cunami-japonija

Јапонија евакуира нуклеарна централа поради разорен, имаат страв од повторување на трагедијата од 2011 година

Моќен земјотрес со магнитуда од 8,8 степени според Рихтеровата скала во средата утрината во 11:24 часот по локално време ја погоди Камчатка, полуостров на рускиот Далечен Исток. Земјотресот предизвика серија од четири цунами бранови кои удрија во градот Северо-Курилск, во областа Сахалин.Брановите продолжија кон источниот дел на Пацификот, достигнувајќи ги и западните брегови на САД. Националната метеоролошка служба на САД соопшти дека првите покачувања на нивото на морето се регистрирани во градот Кресент Сити во северна Калифорнија, блиску до границата со Орегон, каде што е измерен бран со височина над 30 сантиметри.Најавени се и нови бранови во текот на денот.Според Податоците на Пацифичкиот центар за предупредување од цунами, бран со височина од 1,74 метри е забележан во Кахулуи, на островот Мауи, а бран од 1,5 метар е регистриран во Хилу, на Хаваите.Во Јапонија, како мерка на претпазливост, беше евакуирана нуклеарната централа Фукушима. Засега нема информации за повредени лица.Овој настан ја вознемири јавноста во Јапонија, потсетувајќи на катастрофалниот цунами од 2011 година кој предизвика нуклеарна хаварија во Фукушима Даичи и одзеде над 18.000 човечки животи.Неколку часа подоцна, првите бранови ги зафатија и Хаваите. Пацифичкиот центар за предупредување соопшти дека е намалено нивото на тревога за Хаваите. Иако не се очекува разорен цунами, предупредуваат на можно појавување на посилни бранови, поплави во ниските подрачја и опасни струи.„Граѓаните кои беа евакуирани може безбедно да се вратат во своите домови“, изјави гувернерот на Хаваи, Џош Грин.Граѓаните се повикуваат да внимаваат и да возат внимателно, особено во потенцијално поплавени зони.Меѓународниот аеродром во Хонолулу повторно е отворен, а Хавајскиот оддел за сообраќај соопшти дека и морските пристаништа ќе бидат ставени во функција.фото: Х

Свет | пред 6 месеци

cunami-kamcatka

(Видео) Цунами по историски силниот земјотрес на Камчатка, пловат куќи во морето!

Цунами брановите погодија делови од пристанишниот град Северо-Курилск, каде живеат околу 2.000 жители. Според руското Министерство за вонредни состојби, најсилниот од трите бранови предизвикал значителна штета на пристанишната инфраструктура и одвлекол неколку закотвени бродови во теснецот. Властите прогласија вонредна состојба, а населението беше успешно евакуирано на повисоки и безбедни локации. Во Јапонија, цунами бран од 1,3 метри е забележан во пристаништето Куџи, во префектурата Ивате, на североисточниот дел од земјата, соопшти Јапонската метеоролошка агенција. Агенцијата предупреди дека брановите може да продолжат и следниот ден, при што потенцира дека можно е да има повеќе удари на истото подрачје.„Врз основа на набљудувањата од претходни земјотреси со слична јачина, очекуваме дека заканата од цунами ќе трае најмалку еден ден“, изјави портпаролот на агенцијата.Тој додаде дека доколку брановите се совпаднат со висока плима, нивото на океанот дополнително би се зголемило, поради што побара од граѓаните да останат внимателни и да не ги напуштаат засолништата сè додека не биде укинато предупредувањето.Првичните прогнози укажуваа дека бранови високи до три метри може да го погодат источниот брег на Јапонија.

Свет | пред 6 месеци

cunami

(ФОТО/ВИДЕО) Моќен земјотрес од 8,8 степени по Рихртер го стресе рускиот полуостров Камчатка, издадено предупредување за цунами во повеќе држави долж Пацификот

Крајбрежјето на далечниот исток на Русија беше погодено од силен земјотрес со магнитуда од 8,8 степени, со епицентар на полуостровот Камчатка. Поради потресот, беа активирани предупредувања за појава на цунами во неколку земји што се наоѓаат околу Пацифичкиот Океан, меѓу кои Русија, Јапонија, Хаваи, Чиле и други држави, објави Ројтерс.Сеизмичкиот настан е оценет како најинтензивен во регионот во изминатите седум децении.Регионалните власти во Камчатка соопштија дека се појавиле бранови со височина од три до четири метри околу полуостровот, како директна последица од земјотресот.Гувернерот на Камчатка, Владимир Солодов, преку видео порака објавена на Телеграм, посочи дека потресот е исклучително сериозен и го нарече најсилен во последните неколку децении.Научници од Академијата потврдија дека ваков силен земјотрес немало во овој дел на Русија од 1952 година.Јапонија нареди итни евакуацииЈапонските власти издадоа итно предупредување за жителите на крајбрежните подрачја, повикувајќи ги веднаш да се евакуираат. На островот од раните утрински часови се слушаат сирени за предупредување од цунами.„Преместете се веднаш на повисока и безбедна територија. Времето на доаѓање на брановите е само приближна проценка – тие може да пристигнат и порано или подоцна. Не го прекинувајте процесот на евакуација додека трае алармот“, стои во објавата.Првите цунами бранови стигнаа до северниот јапонски остров Хокаидо. На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледаат жители како се искачуваат на покривите од куќите, барајќи засолниште.Метеоролозите најавуваат дека висината на брановите може да достигне од три до четири метри.Цунами закана потврдија и Кина и САДКинескиот центар за предупредување од цунами информира дека на источниот брег на Кина може да пристигнат бранови високи од 30 сантиметри до еден метар.Професорот Харолд Тобин, сеизмолог при Универзитетот во Вашингтон, изјави дека развојот на ситуацијата на Хаваи ќе биде важен показател за тоа што може да се очекува во другите делови на Пацификот.„Сценаријата се различни – може да нема голема штета, но можно е да има сериозни последици за крајбрежните области“, предупреди тој.Претседателот на САД, Доналд Трамп, преку порака на социјалните мрежи објави дека поради силниот земјотрес издадено е предупредување за цунами за Хаваи, како и за Алјаска и за западниот брег на Соединетите Американски Држави. фото: Х

Свет | пред 6 месеци

Screenshot-2025-06-24-at-09.17.14

Трамп ја налути Јапонија: Ги спореди ударите врз Иран со атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки

Претседателот на САД Доналд Трамп предизвика бран осуди во Јапонија откако ги спореди неодамнешните американски напади врз Иран со атомското бомбардирање на Хирошима и Нагасаки на крајот од Втората светска војна.„Тој удар ја заврши војната“, изјави Трамп во средата пред новинарите.„Не сакам да ја користам Хирошима како пример, не сакам да ја користам Нагасаки како пример, но суштински беше исто.“ Јапонските власти остро реагираа. Градоначалникот на Нагасаки, Широ Сузуки, изјави: „Ако овие изјави ги оправдуваат атомските бомби, тоа е исклучително жалосно за нас како град кој беше бомбардиран.“Мимаки Тошијуки, преживеан од Хирошима и копретседател на организацијата Нихон Хиданкјо, која се залага за укинување на нуклеарното оружје и е добитник на Нобелова награда за мир, изјави за NHK дека изјавите на Трамп се „неприфатливи“.„Длабоко сум разочарана. Чувствувам само бес“, додаде Тероко Јокојама, членка на истата организација, во изјава за Kyodo News.Преживеаните од атомските напади во четвртокот одржаа протест во Хирошима и побараа Трамп да ја повлече својата изјава. Законодавното тело на Хирошима исто така усвои резолуција со која се отфрла секое оправдување за употреба на нуклеарно оружје и се повикува на мирно решавање на конфликтите.Главниот секретар на јапонската влада, Хајаши Јошимаса, изјави дека Јапонија „повеќепати јасно го искажала својот став за употребата на атомски бомби“ на американските власти, без да одговори директно дали Токио ќе поднесе официјален протест поради изјавата на Трамп.Споредбата на Трамп дојде откако тој се обиде да ги демантира протечените извештаи на разузнавачките служби според кои американските напади врз Иран го одложиле неговиот нуклеарен програм само за неколку месеци. Трамп инсистираше дека нападите го „уништија“ програмот и го вратиле „десетлетија назад“ – тврдење што го поддржа и директорот на ЦИА, Џон Ратклиф.Јапонија и понатаму е единствената земја во светот која била погодена со нуклеарно оружје. Околу 140.000 луѓе загинаа по американските напади на Хирошима и Нагасаки во август 1945 година. Преживеаните и денес страдаат од последици, вклучувајќи психолошки трауми и зголемен ризик од рак.Во Хирошима уште од 1960-тите гори вечен пламен на мирот, а на влезот од воениот музеј стои часовник што брои денови од последниот нуклеарен напад во светот. Светските лидери кои ја посетуваат Хирошима традиционално прават хартиени жерави како симбол на посветеност кон мирот.

Свет | пред 7 месеци

83dd0774-a533-4b94-abad-6dc627653ed3-1

Јапонија по три години повторно активираше смртна казна: Погубен „Убиецот од Твитер“

Јапонија денес ја изврши првата смртна казна по речиси три години, погубувајќи го Такахиро Шираиши, озлогласениот како „Убиецот од Твитер“, кој беше осуден за убиство на девет лица во 2017 година. Телата на жртвите биле распарчени и скриени во неговиот стан во близина на Токио.Погубувањето предизвика бурни реакции, особено по сè погласните повици за укинување на смртната казна во земјата. Минатата година, најдолговечниот осуденик на смрт во светот, Ивао Хакамада, беше ослободен, што дополнително ја интензивира дебатата за оваа казнена мерка во Јапонија.Шираиши беше уапсен во октомври 2017 година, откако полицијата во неговиот стан открила човечки остатоци. На судењето во 2020 година, тој призна дека ги убил сите девет жртви. Осум од нив биле жени, од кои една имала само 15 години, а единствениот маж бил убиен затоа што се обидувал да ја пронајде својата девојка, една од жртвите.Според обвинителството, Ширайши отворил Твитер-профил со цел да пронаоѓа лица со суицидални мисли, ветувајќи им „помош“ во извршување на самоубиство. Во некои случаи им ветувал дека ќе се самоубие заедно со нив.„Сакам да им помогнам на луѓето кои страдаат. Пишете ми кога сакате“, стоело во неговата Твитер-биографија.Адвокатите на Шираиши се обиделе да госменат обвинението, тврдејќи дека дел од жртвите „доброволно се согласиле да бидат убиени“, но судот не ја прифатил оваа одбрана.Случајот предизвика огромно внимание во јавноста, а за само 13 места во судската галерија се пријавиле над 600 луѓе. Неговото апсење ја отвори и јавната расправа за мрачните интернет-заедници поврзани со самоубиство, по што јапонската влада најави регулаторни мерки. Поради овој случај, Твитер ги измени своите правила и забрани објави што поттикнуваат или охрабруваат самоповредување и самоубиство.Оваа брутална серија убиства го потресе јапонското општество и повторно ја стави смртната казна во фокусот на јавната дебата.

Свет | пред 7 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања