МИЦКОСКИ

08102024_MICKOSKI

Мицкоски: Кога ќе има нови детали со Бугарија ќе ја информирам опозицијата, нема да ја повторувам нивната грешка да не информираат за ништо

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ, на прашање за повикот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за информирање на планот за надминување на проблемот со Бугарија истакна дека кога ќе има нови детали опозицијата ќе биде информирана, оваа влада нема да ја повтори грешката на СДСМ кога беа на власт и сами го тераа процесот без да информираат и без да се консултираат со опозицијата.„Не ја повторуваме истата грешка и нема да ја повториме. Кога ќе има нешто за кое би требало да биде информирана опозицијата, тогаш верувајте веднаш ќе ги информираме. Односно да има напредок за да може да го споделиме со опозицијата. Во моментов се е на позиционирање и поставување на играта и нема поместување.“, рече Мицкоски.Премиерот Мицкоски потенцираше дека ова што го зборува јавно би им го кажал и на нив, а разликата од тоа кога СДСМ беа на власт е суштински различна.„Пред да се прифати т.н. Француски предлог ние имавме два месеци прес конференција во која повикавме на вклучување на опозицијата, затоа што имавме информации дека се случува тоа и тоа. Повикавме немојте, ќе направите грешка, тие рекоа дека не ги интересира, сами ќе си го тераме процесот. И видовме до каде го дотераа. Првиот момент кога ќе има поместување ќе ги информираме, лично ќе го повикам и него ќе повикам и лидерска средна со сите други и ќе ги запознам со напредокот или можното решение.“, изјави Мицкоски.Мицкоски нагласи дека додека е премиер никогаш нема да влезе во процес клучен за државата и иднината на граѓаните во кој опозицијата и другите политички партии нема да бидат запознаени.

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2024-10-07-at-22.43.46

Столиците беа однесени, компјутери немаше, апокалипска беше кога влеговме во Владата, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски, тврди дека кога влегле во Владата ги немало дури ни столиците, а ни компјутерите. Според Мицкоски, било тотален хаос.„Кога влеговме прв ден во Владата, буквално пикавци имаше по патосите, немаше компјутери, столици беа дури однесени, тоа беше една би рекол апокалиптична сцена која ја наследивме таму, посебно по канцелариите. Без никаква дисциплина, тоа беше еден тотален хаос. Полека но сигурно влегуваме на шини, ги ставаме работите на шини, функционира системот. Се доекипираме и од утре ќе имаме портпарол на Владата и заменик-портпарол и мислам дека на тој начин, полека но сигурно прв круг на соработници околу мене се затовра“, вели Мицкоски.Именувањето на портпаролите ќе биде утре на владина седница.

Македонија | пред 1 година

mickoski-vucevic-5

(Видео) Мицкоски: Со премиерот на Србија Вучевиќ разговаравме за продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји

Премиерот Христијан Мицкоски денеска се сретна со премиерот на Република Србија, Милош Вучевиќ.Како што извести Мицкоски на прес-конференцијата, на средбата било разговарано како да ја продлабочат економската соработка, како да ги поврзат луѓето и како да се создадат можности за идните генерации кои доаѓаат.„Посебно се осврнавме на културната соработка и образованието. Се согласивме дека инвестирањето во младите е инвестирање во иднината. Кога нашите млади уште повеќе ќе се поврзат, ќе учат едни од други и ќе создадат заеднички проекти, тогаш сме сигурни дека регионот ќе оди напред.Исто така, зборувавме за предизвиците со кои се соочува регионот. Во овие турбулентни времиња, неопходно е да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион. Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања.Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот“, рече Мицкоски.„Исто така можам да кажам дека зборувавме во делот на енергетското поврзување на двете земји. Посебно ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Тоа беше еден од важните сегменти во нашите разговори.Во фаза сме да го пуштиме во употреба или продуктоводот или во јасноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, да истиот тој продуктовод или нафтовод биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор.Зборувавме и за изградба на брзата пруга којашто е дел од Коридорот 10, којашто претставува стратешки приоритет на нашата Влада исто како што е и Коридорот 8. Но заеднички приоритет е изградба на Коридорот 10 и со нашиот северен и со нашиот северен сосед. И на тој начин практично ги опфативме оние теми кои што се важни, видовте и самите, присуствувавте на потпишување на Меморандум за соработка во делот на енергетиката, рударството и минералните суровини. Така што можам да кажам дека регионалното поврзување останува приоритет за двете држави и тоа регионално поврзување да биде дел од идното поврзување и интегрирање во рамките на Европската Унија.Исто така ја отворивме темата за одржување на заеднички влади, нешто кое што го правиме вообичаено со владини седници, истото што го правиме и со другите наши соседи. Така што мислам дека односите помеѓу двете земји се на исклучително високо ниво и во периодот кој што следи истите треба да ги продлабочуваме.Како македонска Влада нашата ориентација е многу пати повторена, ќе ја повторам и денеска, а тоа е да градиме добрососедски односи со сите наши соседи и нормално заеднички како регион да бидеме дел од Европска Унија“, соопшти Мицкоски.

Македонија | пред 1 година

mickoski-ums1

Мицкоски: Работиме за младите, проект за 250 евра ваучер за таблети за сите студенти и до 10 илјади евра за бизнис за млади

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски презентираше мега проекти за младите.„ВМРО-ДПМНЕ го прави тоа за младите кои се сила, иднина и нашата надеж, нешто во што мора да се инвестира. ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија ќе реализира низа на мега проекти. Меѓу кои клучни се следните. Прво, ќе поддржи со новиот буџет кој е во изработка, ваучери во вредност од 250 евра за електронски уреди за сите, за сите студенти во Македонија, за сите до еден.Второ, ќе обезбеди фонд од 10 милиони евра за развој на бизнис за млади од 18 до 29 години со новиот буџет, во зависност од бизнисот и планот. Посебна комисија под строги критериуми во која ќе членуваат претставници на неколку институции, ќе издвојува средства и ќе ја одредува висината на помошта. Ќе има реален надзор, дали вистински се трошат средствата за таа намена. Вредноста ќе биде од 1000 евра до 30 илјади евра за проект“.„ВМРО-ДПМНЕ верува во младите и во нивниот потенцијал затоа презема вакви мерки. Ова ќе помогне во развивање на државата“, рече Мицкоски на вчерашната Годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 1 година

mickoski-ukim-2

Претходната власт трошела расипнички, но во првите 100 дена ние покажавме домаќинско работење и ги враќаме долговите, вели Мицкоски

„Со реорганизација на Буџетот во овие први 100 дена, ако ја споредиме фактичката состојба којашто ја наследивме како Влада, од минус 200 милиони евра или отприлика минус 12 милијарди денари, можам да кажам дека веќе овој месец очекуваме да бидеме на позитивна нула.А, што се однесува до институциите, надвор од Владините институции, министерствата, останатите претпријатија, можам да кажам дека во моментот АД ЕСМ има евидентирани долгови отприлика нешто повеќе од 5 милијарди денари, тоа е нешто над 80 милиони евра и се работи на санирање и намалување на истите. Фондот за здравство е исто така околу 5 милијарди денари, веќе 2 милијарди денари ќе бидат вратени овој месец, ќе бидат вратени оваа година. Ќе се обидеме во следната година целосно да дојдеме до состојба нула, затоа што кога сме во состојба нула и кога не барате одложено плаќање, тогаш и оние коишто ги испорачуваат оние лекарства коишто се потребни за пациентите, ќе бидат поевтини и поквалитетни.Но тоа не е сѐ, тука се оние јавни претпријатија коишто е Национални шуми, Водостопанство, каде што долговите беа речи си милијарда денари, само по основ на плати беа близу половина милијарда. Или ако сѐ се собере можам да кажам дека, не само што го беа потрошиле Буџетот за помалку од половина година, туку и долговите кои што беа големи се бројат во, она коешто го затекнавме се брои отприлика околу една милијарда евра, нешто коешто претставува историски највисоко ниво на долгови коешто една Влада го наследила.“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со долговите на институциите и колку истите во првите 100 дена Владата успеала да ги врати и додаде:„Но нема очајување, тоа е што е, сега сме се нафатиле за оваа работа, сме ја добиле довербата од граѓаните, работиме многу и ќе продолжиме да работиме. Сите го знаат тоа, не е некоја тајна коешто ова го зборувам јас денеска, ако беа добри немаше сигурно да бидеме ние тука, така што ќе продолжиме да работиме и да ги потсетуваме граѓаните каква лоша и очајна состојба оставија, но истовремено мора да дадеме сѐ од себе за да, или вака да го кажам тоа спортски, да го ставиме срцето на терен за да излеземе од оваа ситуација и мислам дека до крајот на оваа година ќе можеме да кажеме дека сме излегле од оваа ситуација.“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски.

Македонија | пред 1 година

03102024-Mickoski

Мицкоски: Не сум во преговорите со Бугарија само колку да се учествува, туку да се избориме, Делчев за мене е титан на македонската борба

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во своето гостување во „Само интервју“ на „Канал 5“ телевизија, говорејќи за преговорите со Бугарија, истакна дека во истите не се влегува само за да се учествува, туку треба да се избориме за успех, при што потенцираше дека Гоце Делчев за него е титан на македонската борба.„Не сум во оваа приказна само за да учествуваме, туку да завршиме со успех. Тоа е суштината на целиот овој процес. Не е суштината да го смениме Уставот до следната пречка за 6 месеци. Не е тоа со мандат „од – до“, туку процес кој трае, не е процес кој сега ќе почне и следната недела ќе заврши“, рече премиерот Мицкоски.Премиерот Мицкоски посочи дека ако се сака, се има и начин за да нема билатерализација на целиот процес и да нема повеќе никакви пречки.„Нека биде Европска Унија арбитер, претседавачот со ЕУ не кани во Будимпешта да ги решиме однапред сите прашања, да не биде етапно, туку сите и да нема повеќе пречки понатаму и да нема билатеризација на овој процес. Веднаш да почнеме“, рече Мицкоски.Премиерот Мицкоски говорејќи за Гоце Делчев истакна дека е титанот на македонската борба и треба да се вкрстат аргументите за да се види какво е неговото значење за македонскиот народ.„Гоце Делчев за мене е македонски деец и историска фигура, титан на македонштината, за нив можеби е друго. Нека кажат колку песни, имиња, приказни има Гоце, а да видиме колку има кај нас. Да видиме кој навистина бил Гоце Делчев. Мудроста на народот е неприкосновена“, изјави Мицкоски.Мицкоски нагласи дека мора да бидеме добри соседи, но барањата треба да се објективни, а не билатерални, и ако континуирано едни со други се напаѓаме со аргументи од среден век, тогаш нема да излеземе од ова мочуриште.„Мораме сега да ги решиме. Ако имаме објективни пречки, тоа може да не направи подобри. Но, субјективните проблеми билатерализацијата е проблем“, дециден е премиерот Мицкоски.

Македонија | пред 1 година

mickoski-idadija-3

Мицкоски: Задоволен сум од првите 100 дена, покажавме дека може да се работи посветено за граѓаните, без скандали и афери

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали е задоволен од првите 100 дена нова Влада од секторот здравство истакна:„Апсолутно сум задоволен и тоа го кажавме на почетокот од оваа прес-конференција. Дали може подобро? Секогаш може подобро, секој може подобро, сите ние можеме подобро и тоа суштината на Владата, да од ден на ден биде подобра од претходниот ден. И така ќе биде сѐ додека е оваа Влада“.Тој смета дека сето она коешто беше проблем во општеството полека, но сигурно веќе го нема и апсолутно е многу подобро.„Веќе нема скандали, нема братучеди, браќа, внуци и слично. Нема голобради момчиња коишто шетаат по институциите со торби и слично и се главни инвеститори во трговски-деловни единици во центрите на градовите ширум државата. Ако има такви ја повикувам јавноста слободно и луѓето коишто се жртви на такви измамници да пријават. Така што мислам дека полека но сигурно сето она коешто беше проблем во општеството го нема, не велам дека е решено, не е возможно за 100 дена да се реши сѐ. Ние не сме магионичари нити магии ветувавме, нити чуда затоа што тој што ветува чуда и магии не ја говори вистината. Но, дали е подобро? Апсолутно е многу подобро. Дали може подобро и од ова? Секој ден може подобро. Ако ова прашање ми го поставите после две години за првите две години, ќе ви речам беше добро, но може подобро. Така што, целта е да секој ден биде подобар од претходниот. Дали ќе направиме некоја ненамерна грешка, и тоа ќе се случи. Затоа што човек што работи понекогаш и греши. Само што тој што ништо не работи, не може да погреши. Така што битно е да нема катастрофални грешки, да нема грешки коишто ќе имаат импликации подолгорочни“.Претседателот на Владата Мицкоски потенцираше дека е прилично задоволен од тоа што е постигнато овие 100 дена и додаде:„Ќе ве потсетам, уште еднаш ќе повторам, мора да ги повторуваме овие работи. Сметката на Владата на 24 јуни 2024 година за првпат во историјата на независна Македонија беше минус 200 милиони евра, минус 12 милијарди денари. Овој месец очекуваме да биде на позитивна нула. Ете тоа е она што ние го работевме. Повторно ќе кажам, дали е тоа доволно? Не! Утре ќе биде подобро, за месец дена ќе биде подобро, за една година ќе биде подобро.Дали можеше подобро? Сигурно дека можеше! Дали можеше многу полошо? Можеше! Видовме што е, како е лошо раководење со држава. Така што јас сум исклучително задоволен и од работата на министерот и од ова што се случува во овие први 100 дена имајќи предвид каква состојба затекнавме“.

Македонија | пред 1 година

mickoski-idadija-3

Мицкоски: Во првите 100 дена имаме покачени субвенции за јачмен и пченица, исплата на 1 милијарда денари заостанати субвенции, историски највисока цена на грозјето

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека во првите 100 дена од мандатот во земјоделството се преземени крупни чекори, укажувајќи дека исплатени се заостанатите плати во Национални шуми и АД Водостопанство, исплатени се 1 милијарда денари заостанати субвенции, зголемени субвенции за јачмен и пченица, како и постигната е највисока откупна цена за грозјето.„Апсолутно како и во сите сектори, така и во земјоделието во овие 100 дена се преземаа многу чекори. Ќе ве потсетам на оние задоцнети плати во двете клучни институции, а тоа се Национални шуми и АД Водостопанство. Се вратија долгови кај земјоделците од повеќе милијарда и двесте педесет милиони денари, тоа се стари долгови, покрај тековните исплати. Понатаму имавме субвенции, одлука за субвенции за килограм продадена пченица, јачмен и така натаму, но исто така можам да кажам дека се постигнаа историски највисоки цени за откуп на грозјето од лозарите и навистина можам да кажам дека досега работите таму полека, но сигурно фаќаат еден природен колосек, тука не смееме да ги потцениме, ниту сливарите коишто исто така беа поддржани од страна на Министерството и од страна на Владата, јаболкарите, видовте беше таму Министерот, разговараше, очекувам исто да биде и со тутунарите. Така што како и во секој сектор, така и таму се случуваат сериозни промени“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски.

Македонија | пред 1 година

mickoski-idadija-1

(Видео) Мицкоски: Апаратот за магнетна резонанца во Поликлиника „Идадија“ ќе го забрза дијагностицирањето на проблемите кај пациентите, работиме посветено за граѓаните

„Најпрвин можам да го искажам своето задоволство, бидејќи овој апарат којшто овдека е инсталиран, претставува еден од ретките апарати коишто пациентите можат да го користат. Иако министерот и директорот, рекоа дека се користи интензивно, јас би сакал што помалку да се користи. Но, веќе кога имаат граѓаните потреба се разбира дека овој апарат само може да го забрза дијагностицирањето на проблемите и идентифицирањето на истите. Јас сакам да му честитам и на директорот и на министерот и на луѓето на Министерството за здравство за ете што во првите 100 дена имаме некаква испорака, имајќи предвид во каква катастрофална состојба го наследивме овој сектор“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.„Ќе ве потсетам дека само долгот којшто е во Фондот за здравствено осигурување беше повеќе од пет милијарди денари. Со добра реорганизација и со ребаланс на Буџетот тој долг ќе се намали за две милијарди денари. Очекуваме во следната фискална година тој долг да биде сведен на нула. Ќе ве потсетам на Законот кој беше изгласан за здравствена заштита каде што веќе ќе немаме дуализам во здравството, туку ќе имаме јасна одговорност во установите и во клиниките.Понатаму ќе ве потсетам на онаа акција за вработување на 600 специјализанти, 300 оваа година, 300 следната. Оние коишто ќе пројават интерес, ќе сакаат да се вклучат во јавното здравство и уште многу, многу други работи како што беше позитивната листа, девет генерички лекови нешто што повеќе од деценија и половина имаме пауза кога немаше проширување на позитивната листа со што се влијае позитивно врз пациентите и врз стандардот на оние коишто ги користат тие лекови. Оној настан којшто го имавме на Дигестивна клиника исто така промоцијата на опремата таму и уште многу други работи коишто беа промовирани во овие 100 дена. Очекувам во периодот којшто следи дополнително да промовираме уште многу работи“, рече премиерот.„Мандатот го започнавме преку Клиничката болница во Штип таму го најавивме продолжувањето на постапката за изградба на Клиничката болница Штип, болницата во Кичево, којшто се децениски проекти коишто за жал претставуваат споменици на едно време коешто не сакаме да се сеќаваме. Така што мислам дека прилично амбициозно се влезе, проблемите ги има, но проблемите ќе ги решаваме не треба да бараме изговори, треба да работиме и во периодот којшто следи продолжуваме со несмалена динамика и со несмалено темпо.Уште еднаш честитки за опремата и во тој дух и во таа насока да се продолжи во периодот којшто следи, бидејќи граѓаните се нашиот главен приоритет и нивните интереси се оние за коишто треба да работиме и коишто треба да ги задоволиме.“, додаде Мицкоски.

Македонија | пред 1 година

02102024-Mickoski-7

(Видео) Мицкоски: Постигнавме договор со германски туроператор за носење на 35.000 туристи од Европа годишно

„За нас претставува големо задоволство што можеме денеска да кажеме дека во Владата, компанијата „РСД“ од Германија којашто овдека преку својот сопственик, Христијан којшто пред мене зборуваше и даде краток вовед за тоа што тие планираат да направат тука кај нас во периодот којшто следи.Имавме можност да разговараме и како Влада да ги поддржиме нивните планови, бидејќи ние секако како Влада имавме главна стратешка цел да го подржуваме туризмот и тоа беше еден од причините да туризмот го поврземе со министерството за култура, тоа што го кажа и претходниот говорник дека практично тие имаат намера, а добрата вест е што таа намера е веќе потврдена и во реалност и туристите почнуваат да доаѓаат од овој февруари, околу 35.000 туристи надвор од сезоната ќе ја посетуваат Македонија како реализација, односно како организација на оваа туристичка агенција“, кажа премиерот Христијан Мицкоски.„Тие имаат намера да развиваат културен туризам и да ние ги покажеме нашите културни капацитети коишто ги имаме како што е Градот Охрид, потоа Скопје како главен град, потоа меморијалниот центар „Мајка Тереза“ и останати културни знаменитости коишто претставуваат наша карактерна особина како држава, бидејќи Македонија има многу такви места со коишто може да се гордее, но она што е важно да се напомене е дека самата агенција „РСД“ има повеќе од 1 милијарда евра годишен обрт и таа покрај туризмот се занимава со други области како што се маркетингот, телекомуникациите, енергетиката, хотелиерството итн., значи претставува една голема сложена групација.Од овој февруари ќе започнуваат да носат по еден практично авион секој ден туристи коишто ќе доаѓаат од Германија, од Франција и од Велика Британија, тоа би значело дека според просекот којшто досега е направен врз искуствата во минатите години работа на оваа компанија, тоа би значело дополнително околу 30 милиони евра директни трошења овде кај нас од страна на овие гости коишто ќе не посетат или заедно ако тука го вкалкулираме и сместувањето и останатите трошоци, превозот и слично, можеме дури и да дојдеме и до бројката од 50 милиони евра.Овие 35 илјади гости практично ќе бидат на балканска тура, таа балканска тура започнува со едно ноќевање во Скопје, потоа продолжува во Црна Гора, Албанија, потоа во Охрид каде што исто така ќе има ноќевање и завршува со две ноќевања дополнителни во Скопје, што значи 4 ноќевања во Македонија или вкупниот број на ноќевања на овие 35 илјади гости коишто ќе доаѓаат годишно на почеток, планот е да ги дуплираме тие чартер летови, да бидат два и три но тоа ќе зависи од нас, бидејќи гостите имаат и свои побарувања во делот на квалитетот на сместувачките капацитети, треба и ние како држава да подржиме таков тип на сместувачки капацитети коишто ќе бидат атрактивни за овој тип на гости, коишто би биле во поголем број односно би ги дуплираме, па и ги триплирале во годините коишто следат, но овие 35 илјади гости бројот на ноќевања коишто ќе ги имаат претставува практично од 10 до 15 проценти од вкупниот број на ноќевања коишто ги остваруваат странските гости во овој момент кај нас. Што значи ние ќе имаме додадена вредност од само една туристичка агенција од 10 до 15 проценти повеќе споредено со тоа што е состојбата во овој момент“, рече Мицкоски.„Јас навистина можам да го кажам задоволството од страна на Владата, бидејќи сепак да имате директна кеш ликвидност во економијата од околу 30 милиони или вкупно заедно со сместувачките капацитети, со транспортот, од 50 милиони годишно и да имате 140 илјади нови ноќевања тоа навистина претставува значителен успех и ние како држава преку програмите коишто веќе ги имаме воспоставено планираме ова сериозно да го поддржиме и во периодот којшто следи да го зголемиме, зошто да не го дуплираме или триплираме.Така што уште еднаш сакам да го изразам моето големо задоволство и ова кореспондира со нашата цел да ги споиме секторите туризам и култура, бидејќи според анализите коишто ние ги имаме направено, претходно додека бевме во опозиција и сега како Влада, можам да кажам дека огромен број од туристите коишто доаѓаат од надвор и коишто ја посетуваат Македонија се практично туристи коишто сакаат да ги видат културните знаменитости на државата.Така што еве тука би завршил. Од февруари да им посакаме добредојде на овие по еден авион секој ден, односно отприлика 190 гости секој ден, а понатаму да работиме овој број да го дуплираме, триплираме овие 50 милиони да станат 100, 150 милиони евра што значително ќе претставува додадена вредност во нашиот туристички сектор, но и во економијата во целина“, додаде премиерот.

Македонија | пред 1 година

mickoski4

Мицкоски: Ова не е коалиција што се бори за стабилност, а опозицијата наместо да обвинува, да биде конструктивна

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во обраќањето по повод 100 дена Влада нагласи дека владината коалиција е стабилна и дека и покрај различните мислења за одредени прашања, сепак сите коалициони партнери се обединети околу стратешките прашања.„Коалицијата има двотретинско мнозинство, ова не е коалиција што се бори за својата стабилност. Хармонијата и колегијалниот дух владее во коалицијата, на моменти нормално е да постојат и различни мислења, но тоа не значи дека не се согласуваме за стратешките прашања“, кажа Мицкоски.Премиерот и порача на опозицијата да биде конструктивна и силна и наместо да обвинува, да се натпреварува со политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните.„Има такви кои велат дека ВМРО-ДПМНЕ направило премногу отстапки на коалиционите партнери и такви кои велат дека ВМРО-ДПМНЕ ги поништи своите коалициони партнери. Ги слушам сите тие гласови кои доаѓаат од опозицијата од кои едната се обидува да опстане на политичката сцена, а другата преку националистичка реторика се труди да се врати на политичката сцена. Тие мислат дека ако испраќаат такви пораки ќе внесат раздор и недоверба во таа коалиција. Можам да ги разочарам и да им кажам дека не само што не се успешни, туку таквото нивно однесување го зајакнува заеднички дух. Не смееме да се вратиме кон овие политичари кои поминаа децении во македонската политика, а ќе останат запаметени по корупција и многу предавства на сметка на личните интереси.Нема да навлегувам зошто ДУИ во изминатите 21 година не успеа да ги постигне стратешки цели, зошто СДСМ на лага се обидуваше да ја задржи својата власт. Имам да им порачам на двете партии дека имаме потреба од силна и конструктивна опозиција со која ќе се напреваруваме за политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните“, рече премиерот.Во однос на забелешките дека процесот на именување на кадри оди бавно, премиерот рече дека не треба да се избрзува и дека понекогаш е подобро да се направи еден вистински чекор, отколку да се направат три чекори па потоа да се враќаме пет чекори назад.„Не можеме да зборуваме за брзина на именување на кадри затоа што многупати во минатото во јавноста имаше критика дека многу брзо се партизирале институциите, многу брзо се именувале партиски кадри, се менувале професионалци. Апсолутно се сложувам со тоа затоа што не секогаш треба да реагирате многу бргу за да покажете некаква силина и дека се што било претходно, не чинело. Покажавме како Влада дека се што било добро од претходната влада, сме го продолжиле како што беше и случајот со странските инвестиции“, изјави премиерот Мицкоски.

Македонија | пред 1 година

mickoski3

(Видео) Мицкоски: Првите сто дена не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни

„Првите 100 дена од изборот на новата Влада не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни – каде сме и каде треба да одиме и што е потребно за да стигнеме таму. Но, најважно покажавме дека сме одлучни и посветени да се справиме со предизвиците без разлика на опструкциите со кои се среќаваме и проблемите и стапиците што се поставени пред нас“, кажа на денешната прес-конференција, премиерот Христијан Мицкоски.Премиерот истакна дека наследената состојба била многу полоша отколку што кој било очекувал, а состојбите биле далеку од идеални.Мицкоски посочи дека за сто дена Владата реализирала, донела или отпочнала над 100 проекти, мерки и одлуки важни за граѓаните.„Колку повеќе знаеме дека состојбата е пооптоварувачка отколку што очекуваме, нашата решителност станува поцврста. Наследивме потрошен годишен буџет за само шест месеци. Држава од која младите се иселуваат, 600 илјади кои живеат само со 150 денари на ден и многу други горливи проблеми. Но, тоа само ги засили нашите ангажмани и мотивираност да ги исправиме и да излеземе на правиот пат. Денешната цел е недвосмислена – 100 проценти посветеност кон реализација на проектите и исполнување на ветувањата“, кажа Мицкоски и додаде дека овие 100 дена не биле лесни, но биле само почеток.„Нашата примарна задача и фокус беше да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки и да се справиме со дефицитите и хаосот оставени од претходната влада. Работиме на враќање на долговите, затворање на задолженоста на институциите и јавните претпријатија и имплементација на конкретни мерки во даночната и социјалната политика. Подготвуваме и екипиравме институции, договараме инвестиции кои се значајни за нашата економија и кои ќе отворат многу нови работни места, и работевме и подготвуваме стотици нови проекти“, посочи Мицкоски.„Се грижиме за сите, за најмладите, за нивното образование и за старите со првата половина од зголемување на пензиите и други нови проекти што ги планираме. Не ги забораваме ни земјоделците, ниту работниците, ниту наставниците и професорите, ниту лекарите. Обезбедивме за првпат бесплатни учебници за сите на време после долго време. За пасоши и лични документи нема редици, покачивме пензии, исплативме долгови и заостанати плати. Секој ден се обидуваме да покажеме дека делуваме, дека сме присутни со активности, но и да донесеме по некоја нова мерка и се обидуваме да се подобриме, да покажеме дека може поинаку и може подобро“, рече Мицкоски.Тој нагласи дека со поддршка на општините се обидуваат да ја развиваат државата и да обезбедуваат проекти кои ќе подобрат нешто.Мицкоски исто така кажа дека за само 100 дена новата влада преку линеарното покачување на пензиите овозможи повисоки пензии за над 330 илјади пензионери, нови странски инвестиции, поевтини катастарски услуги, поевтини лекови преку проширување на позитивната листа, највисока откупна цена за винското грозје, ограничена маржа за над 70 прехранбени производи.„Следуваат многу повеќе проекти, мерки и реформи за кои ќе работиме со целата наша енергија, со целото наше срце. Следуваат нови инвестиции, ценовни намалувања, одлуки за инвестиции, но и мерки за младите, и можам да кажам дека даноците ќе се намалат. Во наредните четири недели очекувајте одлука за дополнително намалување на даноците со што ќе станеме држава со најниски даноци во Европа“, додаде премиерот Мицкоски.

Македонија | пред 1 година

mickoski-ukim-4

(Видео) Мицкоски на првиот академски час до студентите: Вие сте иднината, со конкретни проекти ќе го унапредиме образованието

Премиерот Христијан Мицкоски се обрати по повод првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.„Денес, стојам пред вас не само како премиер, туку и како редовен професор на Машинскиот факултет при нашиот најреномиран Универзитет кој го носи името на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Универзитет кој отсекогаш бил центар на знаењето, развојот и иновациите во нашата држава. Често се навраќам во просториите на мојот матичен факултет и денес со истата желба која ме водеше уште кога започнав како млад асистент пред повеќе од 2 децении.Токму тука, во оваа академска средина го зацврстив моето претходно уверување дека образованието не е само процес на учење и пренесување знаења, туку дека е извонредно животно патување кое не завршува никогаш, туку само се надоградува, се менува и се прилагодува со текот на времето.Како што рекол големиот филозоф Аристотел: „Корените на образованието се горчливи, но плодовите се слатки“. Ова е токму она што го гледаме денес – студентите се борат низ предизвиците на студирањето, но на крајот нивната упорност е она што ги води кон високи резултати кои ги надминуваат нивните почетни очекувања“, рече премиерот.„Наша задача како држава е да ги создадеме условите во кои овие „корени“ нема да бидат толку горчливи. Од таа причина, посветени сме на повеќе конкретни проекти кои ќе го унапредат квалитетот на високото образование.Прво, планираме значително да го модернизираме инфраструктурниот капацитет на нашите универзитети. Веќе започнуваме со институционални ангажмани за натамошна реконструкција на лабораториите на некои факултети во дел од нашите Универзитети низ земјата, каде ќе се постават најсовремени опрема и технологии кои ќе им овозможат на студентите да стекнат практични вештини во склад со потребите на современата индустрија.Второ, започнуваме со обликување на проект за дигитализација на универзитетската администрација со цел да ги олесниме процесите на пријавување, запишување и оценување. Ова ќе ја намали бирократијата и ќе им даде повеќе време на професорите и студентите да се фокусираат на она што е најважно – образованието.Трето, ја промовираме програмата за интернационална соработка и размена на студенти. Студентите и професорите ќе имаат повеќе можности за студирање и истражување во странски универзитети, со цел да се разменат искуства и да се применат најдобрите практики од светот во нашето образование. Ова ќе ни помогне да го подигнеме нивото на компетентност и иновација во нашите институции.Исто така, важно е да ги поддржиме нашите професори и да ги мотивираме да продолжат со својот научен развој. За таа цел, обезбедуваме зголемени средства за научно истражување и се залагаме за создавање на фондови за поддршка на научните проекти кои ќе го поттикнат развојот на нови технологии и иновации“, изјави Мицкоски.„Вие сте иднината на оваа држава. Секој од вас носи во себе потенцијал да направи промена, да креира нешто ново, нешто големо.Свети Кирил и Методиј не е само име на нашиот универзитет, тоа е важен симбол на знаење, симбол на нашата култура и историја.Искористете го ова време за да изградите нешто значајно за себе, за вашето семејство, за вашата земја. Нашата цел е јасна, да создадеме образовен систем кој е во чекор со времето, кој ги задоволува потребите на општеството и пазарот на трудот, и кој ви дава можност да бидете глобално конкурентни. И тоа ќе го направиме заедно – со вашата посветеност и со нашата поддршка“, додаде Мицкоски.

Македонија | пред 1 година

mickoski-1

Мицкоски на средба со СОНК: Стандардот на вработените ќе го подобруваме преку заеднички дијалог и мерки кои ќе дадат резултати

Денес Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски заедно со министрите за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, образование и наука Весна Јаневска и Министерство за економија и труд Бесар Дурмиши остварија средба со раководството на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК.На средбата се разговараше за унапредување на работничките права, состојбата во образованието, науката и културата, колективните договори како и состојбата со платите и нашата тенденција тие да растат согласно реалните можности на економијата.Стандардот на вработените ќе го подобруваме преку заеднички дијалог и мерки кои ќе дадат резултати. Разговараме за сет одлуки и системски мерки кои ќе бидат одржливи на долг рок. Следуваат добри одлуки, истакна премиерот Мицкоски.

Македонија | пред 1 година

IMG_6805

Мицкоски: Унгарија е наш стратешки сојузник, продолжува економската соработка помеѓу двете држави

,,Денес имам чест да го поздравам мојот колега, премиерот Виктор Орбан, кој заедно со својата делегација е во дводневна официјална посета на нашата земја.Оваа посета е доказ за одличните пријателски односи и соработката помеѓу двете земји, кои се продлабочуваат со секој изминат ден.Македонскиот и унгарскиот народ, македонските и унгарските граѓани ги врзува длабоко вкоренето пријателство и заемна почит. Низ годините, нашите народи покажаа дека и покрај географската оддалеченост, заедничките вредности и визии се, исто така, клучни за градење на силни односи. Унгарија секогаш нè поддржувала, како во тешките времиња, така и во напорите за нашата европска интеграција. Денес, преку конкретни иницијативи и договори, тоа пријателство продолжува да се зацврстува, создавајќи солидни основи за идната наша заедничка соработка.Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу двете земји се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија е не само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција.Унгарија отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и на нашите аспирации за полноправно членство. Ние ја делиме заедничката визија со нашите унгарски пријатели за интегриран Балкан, каде сите земји од регионот ќе бидат дел од големото европско семејство. Оваа визија не се однесува само на политичките и економските интеграции, туку и на нашата заедничка културна и историска врска која е клучна за стабилноста на целиот Балкански Полуостров. Верувам дека со поддршката на Унгарија и другите наши сојузници, Балканот ќе го заземе своето заслужено место во Европската Унија.Денес имавме конструктивна тет-а-тет средба, на која разговаравме за широк спектар на теми од билатерално и регионално значење. Споделуваме заедничка визија за регионалната стабилност и економскиот просперитет, а денешните разговори беа фокусирани на конкретни проекти кои ќе го поттикнат развојот на нашите општини и бизниси.Покрај тоа, дискутиравме за стратешки проекти како Север-Југ транспортниот и енергетскиот коридор, којшто го поврзува Балканот со Унгарија, кој е од огромно значење за енергетската сигурност и економскиот раст на целиот регион, а нашата соработка со Унгарија ќе биде клучна за успешна имплементација на овие иницијативи.Во име на Владата и во мое лично име, сакам да му се заблагодарам на премиерот Орбан за неговата поддршка и пријателство.Унгарија е пример за тоа како силните билатерални односи и заедничката визија можат да донесат конкретни резултати.Верувам дека оваа посета ќе придонесе за уште посилно партнерство и за нови можности за соработка, кои ќе ги оствариме во интерес на граѓаните.”, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Македонија | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања