„Претрес“ на Драги Книга: Груевски, Арсовска, Заев... поврзаност на политиката, бизнисот, подземјето
kz2fiBoVvcg

Сиљановска

IMG_4435

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со Барбара Рамбусек, директорка за родова и економска инклузија во ЕБОР

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Берлин, на маргините на Конференцијата за обнова на Украина, оствари средба со Барбара Рамбусек, директорка за родова и економска инклузија во Европската банка за обнова и развој.На средбата беше разговарано за исклучителната важност на посветената реализација на проектите на ЕБОР во земјава, фокусирани на континуиран развој на социо-економските процеси во македонското општество, во согласност со нашата европска стратешка определба.Двете соговорнички ја потенцираа заложбата во промовирањето на родовата еднаквост, како клучен двигател на функционалната одржлива и инклузивна пазарна економија. Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова, изрази задоволство од успешноста на спроведените политики на ЕБОР во земјава.

Македонија | пред 1 година

IMG_4429

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со генералната секретарка на Советот на Европа, Пејчиновиќ Буриќ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оствари средба со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, на маргините на Конференцијата за обнова на Украина, што се одржува во Берлин.На средбата беше разговарно за плодната соработка со Советот на Европа во клучните реформски процеси во земјава, за високата заемна посветеност, како и за проектите кои преку програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, успешно се реализираат во различни области, а во насока на остварувањето на македонските аспирации за членство во Европската Унија.Претседателката Сиљановска Давкова, осврнувајќи се на демократскиот капацитет на нашите институции, ги нагласи заложбите за унапредувањето на човековите права и владеењето на правото, како едни од базичните предуслови за напредокот на македонското општество.На средбата беше истакната важноста на темата родова еднаквост и спроведувањето на Истанбулската Конвенција.Двете соговорнички разменија мислења и за европската перспектива на регионот, како и за нашиот значаен придонес во обезбедувањето на мирот и стабилноста на Европа.

Македонија | пред 1 година

IMG_4424

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер

Претседателката Сиљановска Давкова вчеравечер присуствуваше на приемот, што за учесниците на Конференцијата за обнова на Украина во Берлин го приреди претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.Двајцата претседатели остварија куса средба, на која разменија мислења за пост-изборниот период во земјата и формирањето на новата влада и очекувањата за спроведување на реформите на македонскиот пат кон Европската Унија.

Македонија | пред 1 година

IMG_4417

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на главниот панел на Конференцијата за обнова на Украина во Берлин

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Берлин, во рамки на учеството на Конференцијата за обнова на Украина се обрати на главниот панел за шефови на држави и влади на кои говореа и домаќините на конференцијата, германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а свое обраќање имаше и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен. На главниот панел присуствуваа и претседателите и премиери од Холандија, Норвешка, Финска, Литванија, Молдавија, Естонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грузија.Во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова рече дека по Втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото, беше израз на солидарност кон разрушената Европа, а денес е неопходен нов вид Маршалов план за разрушената Украина.Според претседателката, неопходно е инвестирање не само во патната и во енергетската инфраструктура, туку и во човечката, образовна, социјална и нормативна инфраструктура.На сесијата позитивно беше оценета постоечката заедничка европска позиција дека треба да продолжи сеопфатната помош за Украина.Претходно, претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на отворањето на конференцијата, на кое свои обраќања имаа германскиот канцелар Олаф Шолц, украинскиот претседател Володимир Зеленски, и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен.Конференцијата е продолжение на серијата годишни настани на високо ниво посветени на брзо закрепнување и долготрајна реконструкција на Украина, по почетокот на руската воена агресија. Клучна цел на настанот е да се обезбеди континуирана меѓународна поддршка за обнова, реконструкција, реформи и модернизација на Украина.

Македонија | пред 1 година

IMG_4350

Сиљановска-Давкова му го додели мандатот на Мицкоски

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, му го додели мандатот за составување на Влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.„Денеска истакува десетиот ден од конституирањето на Собранието. Претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа „за“, овој резултат и преговорите кои се во тек, ми даваат за право основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има сериозна можност да формира Влада“, рече Сиљановска.Од сега течат роковите за формирање Влада.

Македонија | пред 1 година

IMG_4339

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со турскиот амбасадор Фатих Улусој

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој.На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи, што се традиционално пријателски, во духот на стратешкото партнерство меѓу двете држави и сојузништвото во НАТО алијансата.Претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за севкупната поддршка што Турција ја дава од првите денови на македонската независност и ја истакна својата посветеност да работи на натамошно унапредување на односите меѓу двете држави во сите сфери од заемен интерес. Во тој контекст, претседателката Сиљановска Давкова посочи на потребата за создавање на неопходните услови за интензивирање на соработката меѓу бизнисите од двете држави, со цел зголемување на трговската размена.На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во двете земји, безбедносните и политичките случувања во регионот, како и за предизвиците во однос на македонските евроинтеграции.Претседателката Сиљаноска Давкова изрази очекување дека Турција и во иднина ќе биде конструктивен партнер и поддржувач на нашата земја на билатерален и на мултилатерален план.На средбата беше нагласена и улогата и придонесот на турската заедница во севкупниот развој на државата.

Македонија | пред 1 година

IMG_4323

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на настанот „Европската унија како предизвик и предизвиците на ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на настанот „Европската Унија како предизвик и предизвиците на ЕУ: Европа 74 години од Шумановата декларација“ што во организација на Европското движење во Република Северна Македонија и претставништвото на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, се одржа денеска, а по повод 9 Мај – Денот на Европа.Претседателката Сиљановска Давкова во своето обраќање нагласи дека ние отсекогаш, историски, географски и културно сме биле дел од Европа и дека не зборуваме за евроинтеграција, туку за реунификација, посочувајќи дека втемелувачите на Европската Унија биле вистински државници, водени од мировната идеја и кои верувале во мировните решенија.„За нас веќе реков дека се перцепираме како Европјани, а логично е ако се перцепирате како Европјани да бидете и третирани како Европјани. Третманот го гледам пред се низ призма, не на ЕУ реториката, туку на ЕУ логиката, во смисла на владеење на правото, компетитивна економија, независно судство, стручна и компетентна администрација, демократска политичка култура, нешто што обединува“, рече претседателката Сиљановска Давкова.Претседателката истакна дека скрининг процесот покажа дека во поглед на хармонизацијата ние сме во врвот на Западниот Балкан, но имплементацијата останува наш важен предизвик.„Ние мораме да тргнеме со суштински и сериозни реформи, излез немаме бидејќи не е само сега критериум хомогенизацијата, хармонизацијата, туку и имплементацијата. Мислам дека треба и ЕУ соодветно да одговори, затоа што ако сте кандидат од 2005 година, а денеска е 2024, се плашам дека некогаш тоа чекање личи на она на господинот Годо, а не сакам да верувам во такво нешто. Јас знам дека ние бевме перцепирани и сеуште сме како ахилова пета, но мислам дека и за тоа има решенија и е потребен соодветен одговор“, истакна во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова.Таа изрази очекување од новите власти во Собранието да сфатат дека Лисабонскиот договор е договор за парламентите, дека Парламентот мора да се отвори во евроинтеграцискиот процес и дека евроинтеграцијата не може да биде само работа на Владата.„Сугерирав и сè уште сугерирам меѓу преговарачите да има и експерти, а не само политичари за да создадеме институционална меморија. Каде е континуитетот ако двајцата преговарачи беа политичари?“, запраша во обраќањето претседателката.Претседателката Сиљановска Давкова посочи дека мора да се активира Националниот совет за евроинтеграции, како обединувачко хетерогено тело, а на Комисијата за европски прашања да бидат поканети и претставници на Европската комисија.Таа изрази очекување дека ЕУ нема да заборави на логиката и филозофијата на проширувањето, оти тоа докажува дека е незаменлива, а таквата кондиција создава, кај сите нас кои чекаме на ред за да влеземе во Европската Унија, исто така, демократска кондиција.Претседателката порача дека регионално треба да резонираме, регионално да соработуваме и регионално да се поддржуваме едни со други, по примерот на скандинавските земји, додавајќи дека ветото не е европски и мировен инструмент, иако е некогаш силно оружје на малите држави. Таа нагласи дека на патот кон ЕУ, со помош на оние коишто се внатре, треба да зачекориме заедно и да се поддржуваме едни со други.

Македонија | пред 1 година

IMG_4069

Сиљановска за Ахмети и ДУИ: Опасно е да бидете секогаш власт, власта оптоварува

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека нема никаква „мајоризација“ врз малцинството, како што обвини ДУИ, па им испрати порака дека опасно е да бидете секогаш на власт.„Апсолутно не држи тоа обвинување. Не знам што значи тоа мајоризација на малцинството. Еден победник има на изборите, секогаш нашите влади биле мултиетнички. Не можам да забележам мајоризација. Изборот се прави според идеолошката определба, според програмските определби, по наоѓањето со кого би постигнале најдобри реформски резултати“ рече Сиљановска-Давкова и додаде:„Опасно е да бидете секогаш власт, логично е да бидете опозиција, некогаш власт. Власта оптоварува, апсолутната власт – апсолутно“.

Македонија | пред 1 година

IMG_4074

„Да бидеме малку скандинавци, со културна дипломатија“ - Сиљановска со порака до Мицотакис по најавите за блокади

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не сакаше да ја коментира изјавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, но му порача: „Малку да бидеме скандинавци“.Според неа, Грција има механизми со кои може да постапкува, а кои ги овозможува Преспанскиот договор кога во прашање е употребата на уставното име. Но посочи дека тоа не е во духот на разбирање на пријателските односи. „Јас не коментирам пораки на Мицотакис. Преспанскиот договор има механизми, од укажување до обраќање до Генералниот секретар на ОН. И се разбира ова што велите вие, покренување на постапка до Меѓународниот суд на правдата каде имаше пресуда која Грција не ја почитуваше. Тоа е механизам кој постои, кој е загарантиран во процесот на одлучување за секоја членка на ЕУ. Јас не можам да го спречам во тоа, Преспанскиот договор е дел од преговарачката рамка, но не мислам дека тоа е во духот во разбирање на пријателските односи“, кажа Сиљановска-Давкова.Според неа, проблемите треба да се решаваат со културна дипломатија. „Малку да бидеме скандинавци“, додаде Сиљановска-Давкова. Мицкоски јасно да каже дека името на неговата земја е Северна Македонија, за внатрешна и надворешна употреба. Ова го очекува премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, кој уште еднаш испрати порака до новата македонска влада. Вели дека прашањето ќе го покрене и на претстојниот НАТО Самит во Вашингтон, но сепак се надева дека во Скопје ќе преовлада логиката.

Магазин | пред 1 година

IMG_4243

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на 18. европски конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт ФИЕПС

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Охрид, се обрати на отворањето на 18. европски конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт ФИЕПС, во рамки на кој ќе се одржи и 6. научна конференција „Истражување во физичкото образование, спорт и здравје“. Конгресот, што се одржува до 2 јуни во Охрид, е во организација на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во соработка со Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ и Федерацијата на спортски педагози на Македонија.Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.Задоволство ми е да ви посакам добредојде во Охрид, во македонската духовна, културна, но и спортска престолнина. Овде пред 70 години започна да се одржува Охридскиот пливачки маратон. На бреговите на Охридското езеро се родени великаните на македонското пливање – Нико Нестор и Атина Бојаџи – првите македонски пливачи кои, пред повеќе од половина век, го препливаа Ла Манш.Оттука, нема посимболично место од Охрид за одржување на европскиот конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт – ФИЕПС.Физичката активност е една од најважните работи за одржување и унапредување на физичкото и на менталното здравје на луѓето. Спортувањето убедена сум дека превенира многу непреносливи болести, ги унапредува когнитивните способности, го подобрува сонот и ги намалува опасностите од анксиозност и депресија.Но, и покрај овие очигледни придобивки, според проценката на ОЕДЦ и на Светската здравствена организација, дури третина од возрасното европско население не е доволно физички активно. Тоа може да резултира и резултира со над 11 милиони нови случаи на непреносливи болести до 2050 година и огромен буџетски товар врз здравствениот и социјалниот систем на секоја држава.Причини за ваквата загрижувачка состојба има повеќе. Физичката активност која во минатото била составен дел од секојдневието, денес е на маргините на животот. Заради современиот начин на работа и на живот, сè повеќе луѓе, вклучително и младите, се фатени во мрежата на телевизиските и компјутерските екрани, социјалните медиуми и брзата храна.Како да излеземе од оваа надолна спирала? Одговорот лежи, како што веќе чувме, во холистичкиот пристап кон физичката активност и кон спортот. Во практика, тоа значи да им се помогне на луѓето да развијат здрави навики и да водат физички активни животи.Спортот може да биде училиште на животот преку кое децата и младите луѓе ќе учат за олимписките вредности, за другарството, самодовербата, фер играта и прифаќањето на различноста. Постарите, пак, како мене, ќе можат да водат здрав и исполнет живот, одржувајќи ја својата физичка кондиција независно од возраста.Верувам дека вие, учесниците на европскиот конгрес, со вашата експертиза и со искуството можете да придонесете за развивање на добри политики за физичкото образование. А, токму со такви холистички политики ќе градиме поздрави, поактивни и поинклузивни општества чии членови ќе се натпреваруваат во успесите.Со тоа, на самиот крај, им честитам на организаторите и ви посакувам успешен конгрес.

Македонија | пред 1 година

IMG_4216

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со српската амбасадорка Невена Јовановиќ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Република Србија, Невена Јовановиќ.На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова ја реафирмираше определбата од македонска страна за натамошно унапредување на меѓусебните односи по пат на отворен дијалог, за сите прашања од заемен интерес.Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека просперитетот и стабилноста на целиот регион, но и неговата европска интеграција, меѓу другото зависат и од нашите добри билатерални односи и посочи дека ќе работи во насока на продлабочување на односите, проширување на соработката, зацврстување на заемната доверба, разбирањето и добрососедството.Претседателката Сиљановска Давкова и амбасадорката Јовановиќ разменија мислења и информации за актуелните состојби во регионот, во контекст на неговата европска перспектива.Амбасадорката Јовановиќ упати честитки до претседателката Сиљановска Давкова по повод стапувањето на функцијата.

Македонија | пред 1 година

IMG_4214

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со хрватската амбасадорка Нивес Тигањ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ.На средбата се разговараше за одличните билатерални односи коишто се одликуваат со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка во сите сфери од заемен интерес. Во таа насока, претседателката истакна дека двете пријателски земји имаат заеднички стратешки цели и интереси за траен мир, стабилност и просперитет на регионот и пошироко.Претседателката Сиљановска Давкова упати честитки до премиерот Андреј Пленковиќ по повод формирањето на новата Влада во Република Хрватска.Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна важноста на цврстата и континуирана хрватска поддршка за македонскиот евроинтегративен процес како најдобар пат за развојот на регионот и за стабилноста на Европа. Таа ја нагласи и посветеноста на двете земји како НАТО сојузници за промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорноста кон НАТО и придонесот за меѓународните мировни операции.

Македонија | пред 1 година

IMG_4196

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со Масимилиано Паолучи

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими директорот на канцеларијата на Светската банка за Косово и за Северна Македонија, Масимилиано Паолучи.На средбата претседателката изрази благодарност до Светската банка за континуираното партнерство и поддршка во поттикнувањето на општествениот развој и економскиот раст на земјата.Во тој контекст, претседателката Сиљановска Давкова ги поздрави досегашните напори на Светската банка во подобрување на деловната клима, зголемување на вработеноста и социјалната заштита и промовирањето на одржлив и зелен раст.На средбата беше разговарано и беше поздравена новата Рамка за партнерство со нашата земја, како можност за дополнително јакнење на соработката со Светската банка и обезбедување на одржлив развој.Во разговорот со Паолучи, претседателката изрази подготвеност и поддршка за натамошно вложување на заеднички напори со цел справување со тековните економски предизвици кои се од суштинско значење, како и реализација на иницијативи кои водат до јакнење на економијата и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Во таа насока, претседателката ја истакна својата посветеност за унапредување на овие цели и промовирање на интересите на нашата земја преку економска дипломатија.

Македонија | пред 1 година

IMG_4074

Не реков дека ќе покренам поништување на Преспанскиот договор, не сум го ни прекршила, вели Сиљановска

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова посочува дека не го спори Преспанскиот договор ниту пак, новото уставно име Северна Македонија. Таа посочи дека тоа го потврдила со потпишување на изјавата во Собранието со Северна Македонија.„Не ја искинав изјавата, ниту реков дека ќе покренувам постапка за поништување на Преспанскиот договор, не. Јас само усно си го искористив, сократовски, правото на слбоодно изразување на мислата, така како што го прават и други претседатели, како и претседателот на САД. И тие употребуваат скратени изрази. Инаку треба да се автоцензурирам. Јас исто така знам на телевизиите оди многу често Македонија, па и тие имаат проекти од државата. Имаме партија финансирана од државата, а во името си има Македонија. Мислам на СДС. Да не зборувам за други институции, името на МАНУ. Зошто? Тоа не е толку лесно да го направите. Јас се чудам на тие што еден потег на перото вие може да се трасформирате. Тоа е дел од мене. Се што сум направила во животот е во Репбулика Македонија. И сега од 2019 година е поинаку, не можам постојано да се потсетувам“, вели Сиљановска-Давкова.Сиљановска-Давкова за непраќањето на писмото од Стејт департментот со честитка за нејзиното назначување рече дека е нивна одлука.

Македонија | пред 1 година

IMG_4175

Не може изјава да врати чекор наназад, вели Сиљановска за некористењето на „северна“

Не мислам дека изјава може да врати чекор наназад во односите, тие такви какви што се, а може да се добри кога ние навистина сме исчекориле во евроинтеграцијата, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за забелешките на Грција од каде реагираат дека не го користи уставното име Северна Македонија.„Ако го смените името врз основа на референдумско прашање, дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор, тоа е обврска. Не само за нас. Референдумот не беше успешен, но Собранието го смени името. Колкумина луѓе познавате вие кои го смениле името? Односно не го смениле сами, туку им го смениле?“, рече Сиљановска-Давкова.Според неа, ситуацијата во која сме денеска не е win-win.„Ако некој мисли тоа што сме членка на НАТО ги решила проблемите, не мислам дека е така. Добро е што сме членка, но не е чекор напред, за да бидеме пред промена на Уставот, за да почнеме да преговараме“, додаде претседателката.Таа рече win-lose е ситуацијата.„Според тоа, логично би било сите сите да ги реализираат преземените обврски“, додаде Сиљановска-Давкова.

Македонија | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања