Србија најмногу се вооружува на Западен Балкан, покажуваат податоците на СИПРИ
Србија во последните пет години увезла најголемо количество сложени системи на вооружување на Западен Балкан, покажуваат најновите податоци на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).Според извештајот, Србија се наоѓа на 37. место во светот по увоз на сложени системи на вооружување, пред некои членки на Европската Унија во регионот, како што се Хрватска и Бугарија.Покрај најголемиот обем на увоз, Србија има и најголем воен буџет во регионот. Во периодот од 2020 до 2024 година, вредноста на српскиот буџет за одбрана била приближно шест пати поголема од буџетот на Албанија, која е втора по потрошувачка за одбрана на Западен Балкан.Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неодамна најави дека земјата во наредните година и пол ќе ги удвои своите воени капацитети.Воениот аналитичар Александар Радиќ оценува дека засиленото вооружување не е нов тренд и дека започнало уште во 2016 година. Според него, набавката на оружје често има и политичка димензија.„Купувањето на вооружување често е водено од политички мотиви. Понекогаш се создава впечаток дека и самата војска е изненадена од тоа што го добива, бидејќи повеќе се води сметка од кого се купува, отколку што се купува“, вели Радиќ.Според податоците на СИПРИ, Србија во последните пет години увезла сложени системи на вооружување од 13 различни држави. Најголем снабдувач е Кина, особено поради набавката на системи за противвоздушна одбрана со среден дострел, додека значајни донации пристигнале од Русија и Белорусија.Истражувачката на СИПРИ, Катарина Ѓокиќ, посочува дека во иднина структурата на снабдувачи може да се промени, бидејќи Франција и Израел би можеле да станат главни партнери на Србија доколку се реализираат веќе потпишаните договори.Според неа, разновидноста на снабдувачи покажува дека Србија нема јасен воен сојузник, но располага со финансиски средства и подготвеност да зема кредити за набавка на скапи системи на вооружување.Останатите држави од Западен Балкан значително заостануваат зад Србија. Албанија е втора во регионот, но се наоѓа дури на 103. место во светот, со увоз кој е околу шест пати помал од српскиот.Косово се наоѓа на 118. место, Северна Македонија на 138., Босна и Херцеговина на 144., а Црна Гора на 152. место меѓу вкупно 166 држави што увезуваат сложени системи на вооружување.Експертите предупредуваат дека иако количините на оружје во регионот се релативно мали во глобални рамки, политичката реторика и медиумските интерпретации често создаваат чувство на несигурност меѓу соседните држави, што потоа служи како оправдување за нови инвестиции во вооружување.Во такви услови, НАТО и понатаму останува клучен фактор за одвраќање и безбедност во регионот, иако неговата улога ќе зависи и од пошироките геополитички односи и динамиката во рамки на Алијансата.
Свет | пред 19 часа