УКРАИНА

media-libraryn0at4km4a84jamHzvVd

Зеленски со контроверзен предлог: Како со Мадуро, така и со Кадиров

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика Соединетите Американски Држави да го зголемат притисокот врз Русија преку киднапирање на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, по моделот на операцијата со апсењето на Николас Мадуро.„Еве го примерот со Мадуро. Да, спроведоа операција. Целиот свет ги виде резултатите. Го направија тоа брзо. Па, нека спроведат некаков вид операција и против овој, како се вика, Кадиров“, изјави Зеленски, цитиран од руската агенција РБК.Американската војска на 3 јануари го уапси Мадуро заедно со неговата сопруга Силија Флорес во нивната резиденција во Каракас, по што беа префрлени во Њујорк. Таму, поранешниот венецуелски лидер беше обвинет за „наркотероризам“, додека тој на суд изјави дека и понатаму се смета за легитимен претседател на Венецуела.Рамзан Кадиров остро реагираше на изјавите на Зеленски преку својот Телеграм-канал, оценувајќи дека украинскиот претседател се обидува да ги постигне своите цели преку други.„Забележете дека тој дури и не се закани дека самиот ќе направи нешто. Подобро му е да остане настрана и да набљудува од безбедна дистанца“, напиша Кадиров.Тој додаде дека Зеленски го ставил на листа на барани лица и му вовел санкции, а сега, како што наведува, бара помош од Американците: „Ако веќе не помогнаа со оружје, барем нека го киднапираат Рамзан“.„Зачувај го достоинството и не се понижувај. Да имаше барем трошка машкост во тебе, ќе сфатеше колку понижувачки звучат твоите зборови и барања“, порача Кадиров.Ова не е прв судир меѓу Кадиров и украинските власти. Украинската Служба за безбедност (СБУ) претходно го прогласи за барано лице, обвинувајќи го за водење „агресивни воени дејствија“ и за кршење на законите и обичаите на војувањето.Од друга страна, Истражниот комитет на Русија тој чекор го оцени како „обид свесно невино лице да се изведе пред кривична одговорност“, дополнително заострувајќи ја реториката меѓу страните.

Свет | пред 3 седмици

media-library98njc275q1o60fhU4Sc

(Видео) Војници на Украина спасуваа пациенти од болница, погодена од Русите - има загинат

Руската војска во текот на ноќен воздушен напад погоди болница во Киев, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски, наведувајќи дека има загинати и повредени, а пациентите морале итно да бидат евакуирани.„Синоќа руската војска ‘погоди’ уште една болница – во Киев, со функционално болничко одделение. Пациентите мораа да бидат евакуирани. Има настрадани. За жал, едно лице го загуби животот. Изразувам сочувство до семејството и најблиските. Сите на кои им е потребна помош ја добиваат“, објави Зеленски на социјалната мрежа Икс.Украинската Државна служба за вонредни ситуации соопшти дека при нападот избувнал пожар во медицински центар во округот Оболонски, во северниот дел на Киев. По гаснењето на пожарот, во објектот било пронајдено телото на едно лице. Според истите информации, една жена е повредена, а 25 лица биле евакуирани од зградата. Украинските власти наведуваат дека ова се, најверојатно, првите пријавени жртви од руски напади врз Киев од почетокот на годинава.Во текот на ноќта Русија извршила напади и врз градови и населени места низ поширокиот киевски регион. Оштетени се станбени објекти и дел од клучната инфраструктура, а во округот Фастив, југозападно од Киев, загинал еден цивил, изјави гувернерот на регионот Микола Калашник. Тој додаде дека поради нападите, делови од регионот останале без електрична енергија.

Свет | пред 3 седмици

media-libraryflle2iredo5hcvU6wBr

95 проценти усогласеност, но без конечен договор: што го кочи мирот во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски соопштија дека е постигнат значителен напредок во разговорите за завршување на војната во Украина, по нивната средба одржана на Флорида. Иако двајцата лидери ги оценија разговорите како исклучително позитивни, Трамп предупреди дека остануваат „едно или две многу чувствителни прашања“ кои допрва треба да бидат решени, при што како клучна пречка повторно го посочи прашањето за територијата.Обраќајќи се пред медиумите во Мар-а-Лаго, Зеленски изјави дека е постигната согласност за околу 90 проценти од мировниот план од 20 точки, додека Трамп наведе дека договорот за безбедносни гаранции за Украина е речиси целосно усогласен, со околу 95 проценти согласност. Сепак, американскиот претседател не даде конкретно ветување за распоредување американски трупи или за директна воена заштита од евентуални идни напади.Зеленски најави дека украинските и американските преговарачки тимови ќе продолжат со интензивни средби уште наредната недела, со цел финализирање на договорот за ставање крај на конфликтот кој трае речиси четири години. Во порака објавена на Телеграм, украинскиот претседател нагласи дека разговорите биле суштински и дека е постигнат напредок како резултат на повеќенеделната работа на двата тима.Најтешкото прашање, според Трамп, останува статусот на регионот Донбас, кој во голем дел е под руска контрола. Американскиот претседател потврди дека предлогот за трансформација на Донбас во демилитаризирана зона сè уште не е усогласен. Во моментов, Русија контролира околу 20 проценти од украинската територија, вклучувајќи околу 75 проценти од Доњецката област и речиси целосно Луганската област.„Дел од таа земја е окупиран, а дел е предмет на спор и ќе мора да се реши“, изјави Трамп, додавајќи дека станува збор за исклучително комплексно прашање. Москва бара Украина целосно да се повлече и од преостанатите делови на Донбас кои се под контрола на Киев, додека украинската страна предлага тие области да добијат статус на слободна економска зона, под украински надзор.Во дипломатска позадина на средбата со Зеленски, Трамп претходно телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин. Иако не изнесе детали, американскиот претседател изјави дека смета оти Путин „сака Украина да успее“, но истовремено призна дека Москва не е подготвена за примирје кое би овозможило одржување референдум за територијалните прашања. „Го разбирам тој став“, додаде Трамп.Рускиот советник за надворешна политика Јуриј Ушаков потврди дека разговорот бил инициран од американската страна и дека ставот на Москва е оти привремено примирје, како што предлагаат Европската Унија и Украина, само би го пролонгирало конфликтот. Трамп воедно отвори можност за тројни разговори меѓу САД, Русија и Украина, оценувајќи дека таков формат би можел да се реализира „кога ќе дојде вистинскиот момент“.Од европските сојузници стигнаа внимателно позитивни реакции. Зеленски најави дека украински претставници би можеле да ја посетат Белата куќа во јануари, можеби заедно со европски лидери. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави „добриот напредок“ во разговорите, нагласувајќи дека цврстите безбедносни гаранции за Украина се неопходни од првиот ден.Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека почетокот на јануари ќе донесе средба во Париз на земјите од таканаречената „Коалиција на подготвени“, со цел прецизирање на конкретните придонеси за долгорочната безбедност на Украина. Според него, фокусот ќе биде ставен на стабилен мировен договор што нема да остави простор за нова ескалација на конфликтот.

Свет | пред 1 месец

media-libraryqn1ah5r5483adoPs9qD

Трамп: Подготвен сум да зборувам во украинскиот парламент заради мир

„Во следните неколку недели ќе знаеме дали оваа војна ќе заврши. Но може да се случи и сѐ да пропадне поради некоја мала тема за која воопшто не сме размислувале. Една војна траеше 37 години, а јас ја решив за еден ден“, изјави Трамп.Тој додаде дека неговото заминување во Украина не му е приоритет, туку дека главната цел му е постигнување мировен договор.„Понудив да одам и да зборувам во нивниот парламент. Ако тоа би помогнало – не знам. Можеби би помогнало“, рече Трамп.Зеленски му одговори дека е добредојден во Украина, а Трамп условно одговори дека би го направил тоа „доколку може да помогне да се спасат 25.000 животи месечно“.

Свет | пред 1 месец

Screenshot-2025-08-15-at-22.40.57

Трамп: Путин сака Украина да успее

Доналд Трамп го изнесе своето гледиште за улогата на Русија во повоената обнова на Украина, тврдејќи дека Москва ќе учествува во тој процес.„Тие ќе помагаат“, рече Трамп за Русија, додавајќи: „Русија сака да го види успехот на Украина. Путин сака Украина да успее.“Тој наведе и дека рускиот претседател Владимир Путин бил „многу великодушен“ во својата желба Украина да успее, вклучувајќи и наводна понуда за „снабдување со енергија, електрична енергија и други работи по многу ниски цени“.Трамп исто така објасни зошто Путин не се согласил на прекин на огнот, наведувајќи дека „рускиот лидер не сака да ги запре борбите за подоцна повторно да мора да ги започне“.„Го разбирам тој став“, заклучи Трамп.„Претседателот Путин всушност работи со Украина на нејзино повторно отворање“, изјави Трамп. „Беше многу добар во тој поглед. Сака таа да се отвори. Не ја гаѓал со проектили“, додаде тој.

Свет | пред 1 месец

media-libraryn0at4km4a84jamHzvVd

Зеленски: Украинците во дијаспората ќе одлучуваат за мировниот договор

Володимир Зеленски потврди дека украинските државјани кои живеат надвор од земјата ќе имаат право да учествуваат во одлучувањето за каков било иден договор за завршување на војната.Одговарајќи на новинарско прашање дали дијаспората би можела да учествува на референдум за одобрување на мировниот договор, Зеленски беше јасен:„Тие имаат право на тоа“, порача претседателот, додавајќи дека за остварување на тоа право ќе биде потребно да се обезбеди и воспостави соодветна инфраструктура за гласање.

Свет | пред 1 месец

media-library3k7bpcvs32gc3uCSLjo

Фон дер Лајен: Постигнат е добар напредок во преговорите за Украина

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поздрави „добриот напредок“ постигнат денес во мировните преговори за Украина.Нејзината изјава следуваше по „добар, едночасовен повик“ во кој учествувала заедно со Доналд Трамп, Володимир Зеленски и други европски лидери.„Постигнат е добар напредок, што го поздравивме. Европа е подготвена да продолжи да работи со Украина и со нашите американски партнери за овој напредок да се зацврсти“, порача фон дер Лајен.Таа нагласи и клучен услов за понатамошните чекори: „Најважно во овој напор е да се има цврсти безбедносни гаранции уште од првиот ден.“

Свет | пред 1 месец

media-librarye2o9aatduh3s3vjBW0s

Војната не запира пред преговори: напади врз енергетиката и рафинерии, Запорожје под лупа на ИАЕА

Состојбата во нуклеарната електрана Запорожје, која е под руска контрола, во моментов е стабилна, а снабдувањето со електрична енергија се одвива преку еден високонапонски далновод, соопшти портпарол на електраната, пренесува руската државна агенција РИА. Во непосредна близина на објектот во тек се поправки, кои се спроведуваат под надзор на тим на Меѓународната агенција за атомска енергија, по стапувањето во сила на локален прекин на огнот постигнат со посредство на агенцијата. Се очекува работите да траат неколку дена.Истовремено, борбените дејствија продолжуваат на повеќе делови од Украина. Украинските власти соопштија дека руските сили двапати ја нападнале Полтавската област, при што во еден од нападите било оштетено енергетско постројување и технолошка опрема. Според локалната администрација, во нападите нема повредени, а екипите на енергетичарите работат на санација на штетите.Украинската армија, пак, потврди дека во текот на ноќта извела успешен напад со дронови врз нафтената рафинерија Сизран во руската Самарска област. Според Генералштабот во Киев, ударот предизвикал голем пожар, а проценката на штетата е во тек. Овој напад е дел од поширока стратегија насочена кон руската енергетска инфраструктура, со цел да се намалат приходите на Москва од продажба на нафта.Во меѓувреме, Украина со напади со дронови привремено го парализираше авионскиот сообраќај во Москва, при што беа одложени и откажани стотици летови во пресрет на националните празници, соопштија руските власти.Ситуацијата дополнително ја комплицира и хуманитарната состојба. Украинското Министерство за енергетика информира дека и покрај постепеното враќање на струјата по вчерашните напади, повеќе од 19.000 домаќинства во Киевската област сè уште се без електрична енергија, а дополнителни 20.000 потрошувачи се погодени во Черниговската област.Во Харковската област, украинската Национална полиција пријави тројца повредени цивили по руските напади, меѓу кои и лица со повреди од дронови и акутни стресни реакции. Полицијата наведува дека ги документира последиците од, како што ги нарекува, воени злосторства врз цивилни населби.Сето ова се случува во чувствителен дипломатски момент. Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп на Флорида, каде ќе се разговара за можен план за завршување на војната. Зеленски најави дека околу 90 проценти од заедничката рамка за мировен план се веќе усогласени, но клучните несогласувања остануваат околу територијата на Донбас и иднината на нуклеарната електрана Запорожје.Поранешниот британски амбасадор во Русија, сер Лори Бристоу, оцени дека главната цел на Зеленски е да го придобие Трамп, нагласувајќи дека во моментов Вашингтон не го гледа рускиот претседател Владимир Путин како главна пречка за примирје. Тој предупреди дека дури и во случај на прекин на огнот, постои сериозен ризик Русија повторно да се обиде да ја продолжи агресијата во иднина.Додека дипломатските напори се интензивираат, реалноста на теренот останува непроменета – удари, прекини на струја и нови жртви, што уште еднаш ја потврдува пораката дека патот до мирот сè уште минува низ бојното поле.

Свет | пред 1 месец

zaharova

Захарова се потсмева со Украина: Пагани во маски на јарци, смрт и ангели го слават „Божиќ“ на 25 декември за да соберат средства за јуришната бригада

Украинците на 25 декември, по третпат го прославија Божиќ според новиот календар, со што сакаат да покажат дека го бришат руското влијание.Ова беше повод за саркастична реакција на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.Таа ја осуди и исмеваше Украина и претседателот Володимир Зеленски за прославата на Божиќ на 25 декември.Во објава на Телеграм, ги исмеваше религиозните симболи и ја поврза прославата со собирање средства за помош за украинските вооружени сили.На социјалните мрежи таа објави и видео на кое неколку младу Украинци, се облечени во костими и напиша:„На 25 декември, по налог на Зеленски, пагани во маски на јарци, смрт и ангели го слават „Божиќ“ со цел да соберат средства за јуришната бригада. Кој е Исус Христос, чие раѓање стана христијански празник, тие не знаат”.

Свет | пред 1 месец

media-librarymp3bktgadqk61PQsqXH

Брутален напад врз Киев: експлозии од хиперсонични и крстосувачки ракети

Русија го нападна Киев и други украински региони со ракети и дронови, пред клучниот состанок на Володимир Зеленски со американскиот претседател Доналд Трамп, на кој требаше да се договараат за договор за завршување на речиси четиригодишната војна. Русија лансираше неколку хиперсонични проектили „Кинжал“, балистички проектили „Искандер“ и крстосувачки проектили „Калибр“ кон главниот град на Украина.Пред ноќните напади, Зеленски изјави дека неговите разговори на Флорида, кои ќе се одржат утре, ќе се фокусираат на територијата која секоја страна би ја контролирала по прекинот на борбите што започнаа во февруари 2022 година, со инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин на помалиот сосед – во најсмртоносниот европски конфликт од Втората светска војна.Во Киев одекнуваа експлозии, активирани беа системите за украинска противвоздушна одбрана, а армијата објави на апликацијата Телеграм дека се распоредуваат ракети. Воздушните сили соопштија дека руските дронови таргетираат не само главниот град, туку и региони на североистокот и југот на земјата.

Свет | пред 1 месец

media-libraryn0at4km4a84jamHzvVd

Зеленски предупредува: Русија сè почесто ја користи Белорусија за напади врз Украина

Русија сè поинтензивно ги користи позициите на територијата на Белорусија за изведување напади врз Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски по состанокот со целокупното воено раководство одржан во петокот. Според него, станува збор и за напади со дронови и за ракетни удари, при што Москва со оваа тактика се обидува да ги заобиколи украинските одбранбени позиции.„Ова претставува сериозен ризик и за самата Белорусија. Жалосно е што Белорусија го отстапува својот суверенитет во корист на руските агресивни амбиции“, напиша Зеленски на социјалните мрежи. Тој додаде дека проактивната одбрана од овој нов правец на напади е отежната, бидејќи Русија ја има инсталирано неопходната опрема за напади во непосредна близина на станбени објекти.Според украинските разузнавачки податоци, антени и други системи за наведување, кои се користат за напади врз цели во Украина, сега се поставени на покривите на петкатни станбени згради во Белорусија. Зеленски оцени дека станува збор за „апсолутно непочитување на човечкиот живот“ и порача дека Минск треба да престане да учествува во вакви активности.Украинскиот претседател истакна дека воздушната одбрана на земјата добила инструкции да ја прилагоди својата стратегија на новата ситуација. Потсети и дека на почетокот на руската инвазија Белорусија ѝ го стави на располагање својот територијален простор на Русија како отскочна точка за неуспешниот обид за напредување кон Киев.Иако белоруските вооружени сили не се директно вклучени во борбите, потенцијалната закана од север ја принудува Украина да држи значителни воени сили долж заедничката граница, што дополнително ги оптоварува нејзините одбранбени капацитети.

Свет | пред 1 месец

media-library281km31udbll1RqjXRG

(Видео) Масовен ракетен напад врз Киев пред најавениот состанок Зеленски–Трамп, има повредени

Киев во ноќта меѓу 26 и 27 декември беше цел на масовен руски ракетен напад, при што врз главниот град на Украина беа истрелани хиперсонични ракети „Кинжал“, балистички ракети „Искандер“ и крстосувачки ракети „Калибр“. Во нападот се повредени најмалку пет лица, а се случи непосредно пред најавениот состанок меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Киев Индипендент“.Низ Киев одекнуваа повеќекратни експлозии, а во градот Бровари, дваесетина километри источно од главниот град, како и во околните населени места, беше регистриран прекин на електричната енергија. Градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека најмалку пет лица се повредени. Пожар избувнал во населбата Голосеевски, додека остатоци од проектили паднале во Оболонски и Десњански реон.Штети се пријавени и во поширокиот регион околу Киев. Во Вишгород се оштетени прозорци на една повеќекатница, додека во Бориспилскиот округ се оштетени магацини и најмалку два автомобили. Гувернерот на Киевската област, Микола Калашник, изјави дека и овојпат критичната инфраструктура била меѓу целите на нападот.Одделно, во напад во Ивано-Франкивската област, на западот на Украина, едно лице е повредено и пренесено на болничко лекување.По нападот од големи размери, Полска во текот на ноќта ги крена своите борбени авиони, соопштија полските вооружени сили, додека украинското воздухопловство предупреди на континуирана закана од руски дронови и ракети на територијата на целата држава.За многумина во Киев, нападот не беше доживеан како случајност, туку како јасна порака дека битката за мир сè уште се води на бојното поле. Жителите на социјалните мрежи сведочеа за повеќекратни експлозии и за осветленото небо од дејствувањето на системите за противвоздушна одбрана. Нападот се вклопува во поширокиот образец на интензивирани руски ракетни удари во зимскиот период, често насочени кон енергетската инфраструктура, што во минатото доведе до прекини во снабдувањето со струја и греење.И покрај нападите, од Киев потврдија дека средбата со Трамп ќе се одржи во недела. Зеленски изјави дека заедничката американско-украинска рамка за мировен план е приближно 90 проценти усогласена. Според извори запознаени со разговорите, на состанокот ќе се дискутира за безбедносните гаранции, обновата на земјата, економската соработка и нерешените територијални прашања, вклучително и иднината на Донбас и контролата врз нуклеарната централа Запорожје.Трамп се позиционира како клучен посредник во конфликтот, а целта на средбата во неговата резиденција Мар-а-Лаго е да се финализираат основите на мировниот план. Сепак, останува неизвесно како и дали Москва ќе се вклучи во ваков процес.Русија јавно ги отфрла разговорите, обвинувајќи ги Киев и Западот дека се обидуваат да ги саботираат преговорите и инсистирајќи дека секој договор мора да ги одразува нејзините барања, вклучително и територијални отстапки кои Украина повеќепати ги одби.Зад затворени врати, сепак, претставници на Кремљ признаваат дека постојат индиректни контакти со американски соговорници. Висок западен функционер, говорејќи анонимно за „Киев Пост“, изјави дека потезите на Москва укажуваат оти таа е помалку заинтересирана за разговори, а повеќе за нивно моделирање во своја корист.„Пораката од Кремљ е едноставна – тие веруваат дека преговарачката моќ се создава со експлозии, а не со компромис, и имаат намера на секоја маса за преговори да седнат со бојното поле наклонето во нивна корист“, изјави функционерот.

Свет | пред 1 месец

kremlj-moskva

Кремљ: Имавме телефонски разговори со администрацијата на Трамп

Советникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков, телефонски разговарал со претставници на американската администрација откако Москва ги добила нивните предлози за можен мировен договор за војната во Украина, соопшти денес Кремљ.Ушаков остварил телефонски контакти со неколку членови на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, без да наведе кога точно се одржале разговорите. Претставникот на рускиот претседател Владимир Путин, Кирил Дмитриев, ги донел копиите од американските предлози во Москва по средбата во Мајами за време на викендот, а Кремљ во моментов ги анализира деталите, додаде Песков.„Информациите се анализираат и во име на претседателот Путин беше остварен контакт меѓу претставници на администрациите на Русија и САД“, изјави Песков. „Договорено е продолжување на дијалогот“, додаде тој. На прашањето како Кремљ гледа на документите, Песков одговори дека не сака да коментира, бидејќи Русија смета дека тоа би можело да ги поткопа разговорите.Трамп задутре ќе се сретне со Зеленски?Американскиот претседател Доналд Трамп задутре во својата резиденција Мар-а-Лаго ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави новинарот Барак Равид од порталот „Аксиос“ на платформата Икс, повикувајќи се на украински претставник.

Свет | пред 1 месец

media-libraryefc2k44klbmadfa6jDd

Напад со беспилотно летало во Одеса, без жртви и повредени

Руски дрон извршил напад врз инфраструктурен објект во украинскиот град Одеса, при што по ударот избувнал пожар, соопшти денеска началникот на градската воена управа, Сергиј Лисак.Како што информира Лисак преку објава на Телеграм, нападот предизвикал материјална штета врз објект од инфраструктурно значење, а веднаш по ударот интервенирале надлежните служби за гаснење на пожарот и отстранување на последиците.Според првичните информации, во нападот нема загинати ниту повредени лица. Надлежните служби вршат дополнителни проверки на поширокото подрачје со цел да се утврди дали има оштетувања и на цивилната инфраструктура и на станбени објекти во околината.Украинските власти наведуваат дека состојбата е под контрола и дека јавноста ќе биде дополнително информирана доколку се утврдат нови последици од нападот.

Свет | пред 1 месец

media-libraryau32l7cf0knu5m0nDd5

Божиќ во војна: Зеленски за единството, жртвите и верата се надеж дека злото нема шанса

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обрати на граѓаните во пресрет на Божиќ, порачувајќи дека Украинците и четврта година по ред, среде војна од целосен обем, остануваат заедно во одбраната на она што ги прави народ – домот, семејството, традицијата и надежта за мир.Во своето обраќање, Зеленски истакна дека Бадникот е посебна вечер исполнета со уникатен дух и значење за секој Украинец, затоа што таа вечер зборува за заедништвото и за вредностите кои го обликуваат украинскиот идентитет. Тој потсети дека Божиќ отсекогаш бил време за семејно собирање, прегратки и споделување радост, но дека веќе четири години по ред постои обид тоа чувство да им биде одземено поради војната за независност.„Токму тоа денес го браниме – нашата земја, нашите семејства и чувството на мир и спокој во сопствениот дом“, нагласи Зеленски, додавајќи дека не е најважно како е украсен домот или што има на трпезата, туку како домот се брани и кој седи околу масата.Претседателот порача дека оддалеченоста не може да го раздвои народот и дека Украинците остануваат заедно без оглед дали се лице в лице или разделени од километри. Тој истакна дека токму тоа чувство на заедништво дава сила и надеж да се издржи сè што носи војната.Зеленски призна дека Божиќ се одбележува во исклучително тешки околности и дека не сите се дома, ниту сите имаат дом, ниту пак сите се живи и заедно со своите најблиски. Сепак, нагласи дека Русија не може да го окупира најважното – украинското срце, верата едни во други и чувството на заедништво.Тој потсети дека Украинците ќе ја чекаат првата ѕвезда на небото во Киев, Одеса, Купјанск и насекаде каде што се наоѓаат, истакнувајќи дека Божиќ годинава се одбележува на ист датум, како една голема украинска семејна заедница.Посебно внимание посвети на војниците кои не можат да бидат со своите семејства, нагласувајќи дека и краток телефонски разговор и пораката „Добро сум“ значат неизмерно многу. Зеленски рече дека најубавиот божиќен звук денес е оној во кој нема дронови, ракети и експлозии.Тој потсети дека токму пред Божиќ Русија извршила нови масовни напади со дронови и ракети, оценувајќи дека таквите дејствија се спротивни на секоја христијанска и човечка вредност. И покрај тоа, порача дека Украина опстојува и дека молитвите вечерва се упатени за војниците на фронтот, за враќање на заробените, за загинатите херои, за протераните и за сите кои, и во најтешките услови, не ја изгубиле Украина во себе.Зеленски ја истакна и улогата на децата, кои и покрај војната продолжуваат да ја негуваат традицијата и да ја пренесуваат радосната вест за раѓањето на Христос, нагласувајќи дека токму тоа е доказ дека идентитетот, верата и културата не се избришани.На крајот, повикувајќи се на верувањето дека божиќната ноќ ги отвора небесата, Зеленски рече дека сите имаат една заедничка желба – мир за Украина. Тој истакна дека за мирот се борат, се молат и дека тој е заслужен.Обраќањето го заврши со честитка до граѓаните, посакувајќи им среќен Божиќ и мир, завршувајќи со традиционалниот поздрав „Христос се роди“. По неговиот говор, во јавноста се појавија шпекулации дека делот „нека тој заврши“ се однесувал на рускиот претседател Владимир Путин, иако Зеленски тоа не го прецизираше.

Свет | пред 1 месец

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања