Продавниците низ Грција денеска ќе бидат отворени, бидејќи станува збор за првата недела од периодот на летните распродажби.
Вообичаено, продавниците можат да работат од 11:00 до 20:00 часот. Во Атина и Солун, трговските здруженија препорачуваат работно време од 11:00 до 18:00 часот, додека стоковните куќи, трговските центри и големите малопродажни синџири се очекува да останат отворени до 20:00 часот.
Трговците очекуваат силната туристичка сезона да придонесе за зголемување на продажбата во еден од најважните периоди за секторот.
Според проценките на бизнис-заедницата, вкупниот промет за време на овогодишните летни попусти би можел да достигне меѓу седум и 7,4 милијарди евра, што претставува номинален раст од два до пет проценти во споредба со минатата година, пишува Екатимерини.
Претседателот на Грчката конфедерација за трговија и претприемништво, Ставрос Кафунис, изјави дека летните попусти претставуваат важен период за грчката трговија, бидејќи им овозможуваат на компаниите да го зголемат прометот, а на потрошувачите да купуваат по поповолни цени.
Тој нагласи дека почитувањето на законските прописи, транспарентното истакнување на цените и довербата на потрошувачите се клучни за успешна сезона на попусти.