Од полноќ возачите ќе плаќаат значително пониски цени за гориво, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,81 отсто.
Најголемо намалување има кај дизелот, чија цена се намалува за 8 денари за литар. Од 11 август од 00:01 часот, максималната цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе изнесува 91,50 денари за литар.
Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинуваат за по 4 денари за литар. Новата максимална цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе биде 87 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по најмногу 89 денари за литар.
Екстра лесното масло за домаќинство ЕЛ-1 поевтинува за 6 денари и од утре ќе чини најмногу 92,50 денари за литар.
Намалување има и кај мазутот М-1 НС, чија цена се намалува за 2,881 денар за килограм и ќе изнесува 43,538 денари за килограм.
Од РКЕ информираат дека намалувањето е резултат на падот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во споредба со претходната пресметка, цените на бензините се намалени за 6,186 отсто, на дизелот за 10,435 отсто, на екстра лесното масло за 8,138 отсто, а кај мазутот за 7,151 отсто.
Во исто време, курсот на денарот во однос на доларот во периодот според кој се формирани цените е понизок за 1,0313 отсто.
Од РКЕ нагласуваат дека утврдените цени се максимални. Тоа значи дека трговците на големо и мало можат да ги продаваат нафтените деривати и по пониски цени од утврдените максимални износи.