Првите потези на новиот републички обвинител Ненад Савески влеваат одредена надеж, но пред него стојат сериозни и комплексни предизвици, оценува професорот по меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Тони Дескоски.
Тој посочува дека Савески ќе мора да се соочи со три клучни краткорочни приоритети, од кои првиот и најважен е обвинението за трагедијата во Кочани, позната како „Пулс“.
„Првиот приоритет е најважен. Кочани е национална трагедија. Траума за целото општество. Трагедија за која мора да има правда“, наведува Дескоски.
Сепак, тој изразува сериозен сомнеж во квалитетот на обвинението, посочувајќи дека јавноста не е убедена оти во ваква форма може да донесе правична разрешница.
„Се чини дека ама баш никој во државава не е убеден дека вакво какво што е, обвинението може да донесе правда, макар и да заврши со кривични осуди“, оценува професорот.
Како клучен проблем го посочува недостигот на јасна причинско-последична врска.
„Очигледен е проблемот со причинско-последичната врска меѓу дејствијата за кои најголемиот дел од обвинетите се гонат. Едноставно, здраворазумски се заклучува дека таа отсуствува“, пишува Дескоски.
Дополнително, според него, во обвинението недостигаат и лица за кои постојат реални сомнежи за одговорност.
Вториот приоритет, како што наведува, е расчистување со последиците од работењето на поранешното Специјално јавно обвинителство, кое го оценува како сериозен удар врз правдата.
„Почнува отстранувањето на гангрената предизвикана од дебаклот на СЈО, која заврши во затвор. СЈО е и ќе остане темна дамка во македонската историја“, наведува тој.
Дескоски смета дека е неопходно да се отстранат последиците од тој систем, вклучително и кадровските решенија поврзани со него.
Како трет приоритет, професорот го посочува обвинението против докторот Жан Митрев, за кое, според него, постојат индиции дека е слабо поставено.
„Савески ќе мора да се изјасни: стои ли зад ваквото климаво обвинение или не. Ако застане зад обвинението, го презема ризикот од негово паѓање на суд и треба да сноси одговорност“, наведува Дескоски.
Тој заклучува дека јавноста има високи очекувања од новиот обвинител и дека пред него стои можност да ја врати довербата во правосудниот систем.
„Нашата јавност е гладна за правда, а Савески е на позиција од која може да ја задоволи таа глад“, порачува Дескоски.