Лидерите на Шкотска, Велс и Северна Ирска во понеделник ќе се сретнат во Кардиф, каде што треба да потпишат заедничка декларација со која ќе го потврдат правото на нивните нации на самоопределување и ќе побараат можност граѓаните на референдуми да одлучуваат за својата иднина.
На состанокот треба да учествуваат шкотскиот премиер Џон Свини, велшкиот премиер Рун ап Јорверт и премиерката на Северна Ирска Мишел О’Нил. Ќе им се придружи и претседателката на Шин Фејн, Мери Лу Мекдоналд, која е и лидерка на опозицијата во ирскиот парламент.
Според „Телеграф“, ова ќе биде прв заеднички настап на тројца лидери на Шкотска, Велс и Северна Ирска кои отворено се залагаат за промена на сегашниот уставен статус во рамките на Обединетото Кралство.
По состанокот се очекува нивните партии да потпишат и меморандум за соработка во четири области – економијата, енергетиката, Европа и меѓународната соработка и самоопределувањето.
Сите три политички опции имаат и европска агенда. Шкотската национална партија и Плајд Камри се залагаат независните Шкотска и Велс во иднина да станат членки на Европската Унија, додека Шин Фејн бара обединување на Северна Ирска со Република Ирска.
Шкотскиот премиер Џон Свини смета дека политичките промени покажуваат дека сегашната состојба не може да трае бесконечно.
„За првпат во историјата Шкотска, Велс и Северна Ирска ги водат премиери кои ја поддржуваат независноста. Не може да има појасен знак дека статус квото не е одржливо и дека Вестминстер мора да се подготви за иднината по Обединетото Кралство“, изјави Свини.
Средбата во Кардиф се очекува да го зголеми политичкиот притисок врз британската влада. Британскиот премиер Енди Барнам претходно изјави дека би можел да одобри нов референдум за независност на Шкотска доколку постои „јасен консензус“, но потоа му порача на Свини дека такво гласање нема да биде дозволено пред следните парламентарни избори.
Шин Фејн, пак, инсистира на подготовка за референдум за обединување на Ирска.
„Обединувањето на Ирска не е некаква далечна аспирација. Работата на изградбата на нова Ирска мора да започне сега“, порачал извор од партијата.
За Северна Ирска важи посебната рамка утврдена со Договорот од Велики петок. Референдум за обединување може да биде распишан доколку се процени дека е веројатно мнозинството во Северна Ирска да гласа за таква промена.
Политичката дебата дополнително ја засили и американскиот претседател Доналд Трамп, кој при посетата на Даблин изјави дека би сакал да види обединета Ирска и дека таквиот исход би бил „одлична работа“.
Плајд Камри, покрај прашањето за самоопределување, бара и поголеми фискални овластувања за Велс, промена на моделот на финансирање и дополнителни надлежности во областите на полицијата и железницата.
Шкотска и Велс во моментов немаат автоматско право самостојно да распишат обврзувачки референдум за напуштање на Обединетото Кралство. Поради тоа, декларацијата од Кардиф пред сè ќе претставува координиран политички притисок врз Вестминстер – но и досега најјасен заеднички настап на трите движења кои бараат промена на уставната иднина на Обединетото Кралство.