Американскиот претседател Доналд Трамп станува сѐ пофрустриран од рускиот претседател Владимир Путин и сѐ почесто го смета за поголема пречка за постигнување мир во Украина отколку украинскиот претседател Володимир Зеленски, тврдат извори блиски до американската администрација, пренесува британскиот весник The Telegraph.
Според истите извори, неодамнешните потези на Трамп – заплената на руски танкер под санкции и давањето зелено светло за нов пакет санкции против Русија – биле јасна порака до Кремљ дека времето за одолговлекување истекува.
„Тој функционира по принципот морков и стап. А очигледно со морковите е завршено“, изјавил извор од најтесниот круг на Трамп, додавајќи дека руската преговарачка тактика „два чекора напред, еден назад“ станала заморна за Белата куќа.
Иако во минатото Трамп знаеше да упатува позитивни зборови за Путин, па дури и дел од вината за војната да ја насочи кон Украина, повеќе сегашни и поранешни американски функционери за „Телеграф“ велат дека размислувањето на администрацијата сè повеќе се доближува до европскиот став – дека Москва купува време без вистинска намера за компромис.
Во средата, американски специјални сили, и покрај ризикот од директен судир со Москва, извршиле операција врз руски танкер под санкции. Неколку часа подоцна, Белата куќа потврди дека Трамп, по средбата со сенаторот Линдзи Греам, дал поддршка за законски предлог со кој на претседателот би му се дале исклучително широки овластувања за економска изолација на Русија, вклучително и воведување царини до 500 проценти за земји што купуваат руска нафта, деривати или ураниум.
Поранешен висок американски функционер оценил дека најголемата фрустрација во администрацијата доаѓа од однесувањето на Русија на преговарачката маса, додека, според истиот извор, Украина покажала поголема подготвеност за компромис. Оваа промена во перцепцијата дополнително се зацврстила по серијата руски напади што следеле по, како што се опишуваат, „топли разговори“ меѓу Трамп и Путин, нешто што одамна ги загрижувало европските сојузници на Киев.
Еден британски функционер за „Телеграф“ изјавил дека континуираната бруталност и политичко маневрирање на Кремљ не поминале незабележано во Вашингтон. Во тој контекст, британскиот заменик-премиер Дејвид Лами се сретнал во Белата куќа со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, при што се разговарало за можни безбедносни гаранции за Украина. Речиси истовремено, Москва предупреди дека секое распоредување западни сили во Украина ќе го смета за легитимна цел, по што следеше лансирање балистичка ракета кон Лавов, град на само четириесетина километри од границата со Полска, членка на НАТО.
Трамп неодамна и јавно го изрази своето незадоволство од Путин, изјавувајќи дека „не е воодушевен од него бидејќи убива премногу луѓе“, а отфрли и руски тврдења за наводен украински дронски напад врз една од резиденциите на Путин. Сепак, „Телеграф“ потсетува дека и во минатото заострувањата на односите со Москва често завршувале со попуштање на притисокот.
Поранешен член на Советот за национална безбедност од првиот мандат на Трамп оценува дека станува збор повеќе за оперативна, отколку за стратешка промена и дека клучната цел на американскиот претседател – брзо завршување на војната во Украина – останува иста. Тоа го потврди и Белата куќа, порачувајќи дека Трамп е фокусиран на ставање крај на конфликтот и на, како што наведуваат, „бесмисленото убивање“.