Американскиот автомобилски гигант Форд повторно ангажираше повеќе од 300 искусни инженери за контрола на квалитетот, откако компанијата заклучила дека вештачката интелигенција не може целосно да го замени човечкото знаење и долгогодишното искуство.
Во изминатите години Форд сè повеќе се потпираше на вештачката интелигенција во производствениот процес, користејќи камери и напредни системи за откривање недостатоци и подобрување на квалитетот на возилата.
Сепак, раководството на компанијата оценило дека технологијата не успеала целосно да ја надмине експертизата на инженерите што со години работат на развој на автомобилите.
„Вештачката интелигенција е одлична алатка, но таа е добра само колку што се добри податоците со кои е обучена“, изјави потпретседателот на Форд за развој на хардвер за возила, Чарлс Пун.
Тој призна дека компанијата ја потценила вредноста на искусните инженери и затоа одлучила повторно да ги ангажира, не само за да помогнат во обучувањето на системите за вештачка интелигенција, туку и за да бидат ментори на помладите вработени.
Враќањето на искусните стручњаци се совпадна и со повторното искачување на Форд на водечката позиција меѓу големите производители на автомобили во истражувањето за почетен квалитет на возилата на агенцијата J.D. Power, првпат по 2010 година.
Од компанијата наведуваат дека подобрувањето на квалитетот е резултат на промените во раководството, производството и синџирот на снабдување, како и на враќањето на голем број искусни инженери.