Властите во Лос Анџелес прогласија локална вонредна состојба поради големиот пожар во едно складиште, кој беснее веќе неколку дена и предизвика сериозно загадување на воздухот во поширокиот регион.
Градоначалничката Карен Бас соопшти дека со прогласувањето на вонредната состојба побарала од државните власти да го забрзаат пристапот до државните и федералните ресурси, како и до програмите за помош при катастрофи.
Таа, исто така, побара од државата привремено да се откаже од одредени прописи што би можеле да ги отежнат активностите за справување со пожарот.
Пожарот избувнал во средата во складишен објект во историската населба Бојл Хајтс, во близина на центарот на Лос Анџелес. Поради густиот чад и штетните испарувања, градските и окружните власти отворија центри за помош на семејствата што побарале засолниште.
Гаснењето на пожарот дополнително е отежнато поради присуството на опасни материи во објектот, меѓу кои амонијак во системите за ладење, литиум-јонски батерии и соларни панели поставени на покривот.
Пожарот создаде огромен облак од чад што е видлив во голем дел од регионот на Лос Анџелес, поради што властите издадоа предупредување до граѓаните да избегнуваат престој на отворено поради загадувањето на воздухот со чад и ситни честички.