Сè подолгиот животен век и зголемувањето на бројот на години што Европејците ги поминуваат во пензија постепено ги менуваат пензиските системи. Во голем број европски земји старосната граница за пензионирање веќе се зголемува или се планира нејзино зголемување во следните децении, а според проекциите на ОЕЦД, во Данска таа би можела да достигне дури 74 години до 2060 година.
Данска веќе одлучи старосната граница за пензионирање до 2040 година да ја зголеми на 70 години, а слични законски промени се усвоени и во други европски држави.
Според податоците на ОЕЦД за 2022 година, законската старосна граница за пензионирање на мажите во Европската Унија се движела од 62 до 67 години, а кај жените од 60 до 67 години. Просекот во ЕУ изнесувал 64,7 години за мажите и 63,8 години за жените.
Меѓу земјите со највисока старосна граница се Данска, Норвешка и Исланд, каде што и мажите и жените се пензионираат на 67 години. Над 65 години е границата и во Холандија, Велика Британија, Ирска, Германија и Португалија.
Во Австрија, Полска, Романија, Унгарија, Хрватска, Швајцарија, Белгија, Италија, Шпанија и Кипар старосната граница изнесува 65 години, иако во дел од овие земји постојат разлики меѓу мажите и жените.
Во 23 анализирани земји нема разлика меѓу половите во однос на возраста за пензионирање. Во останатите девет мажите се пензионираат подоцна, а најголемата разлика е во Австрија и Полска, каде што таа достигнува пет години.
Проекциите покажуваат дека старосната граница во Европа во следните децении дополнително ќе расте. За луѓето кои во 2022 година влегле на пазарот на трудот се очекува до 2060 година редовната возраст за пензионирање да се движи меѓу 62 и 74 години за мажите и меѓу 60 и 74 години за жените. Просекот во ЕУ би требало да достигне 66,7 години за мажите и 66,4 години за жените.
Највисоката граница се предвидува во Данска – 74 години за двата пола. Италија и Естонија би можеле да стигнат до 71 година, а Холандија, Шведска и Кипар до 70 години. Во Финска и Словачка се предвидува граница од 69, а во Португалија од 68 години.
Во Велика Британија, Германија, Белгија, Норвешка и Исланд проектираната старосна граница е 67 години.
Некои од промените веќе се утврдени со закон. Белгија планира до 2030 година да ја зголеми границата на 67 години, Данска на 69 години до 2035 година, додека во Велика Британија се предвидува таа да достигне 68 години до 2046 година.
До 2060 година се очекува речиси целосно да исчезне и разликата во возраста за пензионирање меѓу мажите и жените. Според проекциите, таа би останала само во Полска, Унгарија, Романија и Турција.
Меѓу европските земји Данска би забележала едно од најголемите зголемувања – за седум години и кај мажите и кај жените. Значителен раст, од најмалку пет години, се очекува и во Естонија, Словачка, Италија, Шведска и Кипар.
Старосната граница, сепак, може да биде различна за лицата кои порано почнале да работат, како и за одредени категории граѓани.
Истовремено, висината на пензиите останува голем предизвик. Пензиите во ЕУ во просек изнесуваат околу 60 отсто од примањата пред крајот на работниот век, но во многу европски земји овој сооднос е под 50 отсто, што дополнително го отвора прашањето за животниот стандард на идните пензионери.