Токио сè повеќе се вклучува во украинскиот конфликт помагајќи му на киевскиот режим, со што ги нарушува односите со Русија, изјави Марија Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија.
„Помагајќи му на неонацистичкиот режим на Володимир Зеленски, Јапонија сè повеќе се вплеткува во конфликтот околу Украина, со што нанесува дополнителна штета на односите со Русија, кои сериозно се влошија по вина на Токио“, истакна Захарова во коментар на веб-страницата на руската дипломатска мисија.
Според неа, јасно е дека ваквите одлуки не придонесуваат за брзо решение на украинската криза, туку само ги продолжуваат борбените дејствија.
Дипломатката потсети дека оружјето кое претставува закана за Русија и нејзините граѓани, како и производните погони што го создаваат во Украина, претставуваат легитимни воени цели за руските вооружени сили.
Како што наведе официјалната претставничка на руското МНР, Москва смета дека соработката меѓу Јапонија и Украина во создавање дронови е непријателски потег што им штети на безбедносните интереси на Русија.
„Навистина, такви информации постојат. Со оглед на зачестените украински провокации и криминални акции со употреба на беспилотни летала против цивилни цели во Русија, овој потег, очигледно спроведен со поддршка на официјалните власти, го сметаме за отворено непријателски и штетен за безбедносните интереси на нашата земја, вклучително и за заштитата на цивилите“, заклучи Захарова.
Претходно, Захарова порача дека секој обид на Токио да организира испорака на оружје за Киев, Русија ќе го смета за непријателски чекор, кој ќе резултира со остар одговор од Москва.