Трговските центри во Австрија стануваат поладни и потемни
За да се заштеди енергија, трговските центри во Австрија треба да го намалат греењето и осветлувањето.
Здружението на австриски трговци предупредува дека поради поскапувањето на енергенсите, постои опасност 6.000 продавници засекогаш да ги затворат вратите до крајот на годината.
Поради тешката состојба, со цел заедничка заштеда на енергија, домашните трговски центри и трговците на мало склучија соработка на ниво на цела Австрија.
Главната цел е да се заштеди енергија, без да се влијае на искуството на клиентите.
Формирани се четири сектори во кои е можно да се заштеди, а тоа ќе биде насочено по препорака до сите продавници.
Кога станува збор за осветлувањето, продавниците треба да се префрлат на ЛЕД светилки, да го намалат интензитетот на осветлувањето, односно почесто да користат сензори кои би ја активирале светлината поради движењето на луѓето.
Кога станува збор за клима уредите, се предлага намалување на собната температура и оптимизирање на ладењето.
Во областа на вентилацијата, постројките за вентилација повеќе не треба да работат 24 часа на ден, туку само повремено и целосно да се вклучуваат по работното време.
Што се однесува до електричните уреди, се препорачува да се користат уреди од енергетска класа „А“, односно уреди за заштеда на енергија.
Претседателот на Здружението на трговци, Рајнер Вајл, вели дека трговците се соочуваат со просечно зголемување на трошоците за струја од 219 отсто.
Ова, вели тој, загрозува 600.000 работни места само во трговијата.